Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Манастирска слава во Рајчица (06.05.2007)

Женскиот манастир во Рајчица го прослави денот на својот заштитник, светиот великомаченик Георгиј. Свечените богослужби започнаа на 5 мај со Вечерна, со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г.Тимотеј, во сослужение со архимандритот Партениј, архимандритот Нектариј, дебарскиот архиерејски намесник о.Благоја Спироски и свештенослужителите од манастирот Бигорски.

Наредниот ден, Неговото Високопреосвештенство Тимотеј отслужи и празнична Утрена а потоа и Архиерејска Божествена Литургија, во сослужение со архимандритите Нектариј и Партениј, и јеромонасите Доситеј и Јосиф од Бигорскиот манастир.После богослужбите, сестрите од манастирот на свети Георгиј приредија трпеза на љубовта за гостите, меѓу кои покрај дебрани, имаше и верници пристигнати со автобуси од Скопје, Кочани, Виница, Охрид, Битола, Прилеп и од други места во Републиката.


            

 

                                        


Во беседата на Евангелието во неделата на Самарјанката, Владиката Тимотеј меѓу другото рече:

„Празникот се темели на разговорот што го водел нашиот Спасител Господ Исус Христос со една жена Самарјанка, кај бунарот на Јаков во градот Сихар. Содржината на овој разговор е многу содржајна за духовно обновување не само на жената Самарјанка туку и на секоја душа христијанска што е жедна за обновување и преобразување на својот живот. Овој настан има поучно значење и за нас денес а и за сите христијани во сите времиња, бидејќи Христос во разговорот со жената Самарјанка ја истакнува поголемата вредност и значењето на духовната вода – која Христос ѝ ја нуди на Самарјанката, а преку неа и на сите луѓе – во однос на обичната природна студена вода.

Студената и природна вода навистина ја гасне жедта за извесно време, за потоа човекот пак да почуствува жед и потреба за вода. А духовната вода непрестајно е жива. Ако човекот се напие од неа, повеќе не ожеднува, бидејќи таа вода во човекот ќе биде извор на вода која тече во живот вечен.

                                  

Таа вода е божествена, животворна, благодатна; таа во душата на луѓето што ја пијат создава жив извор на блаженства и ситост, раѓа во неа уште тука на земјава радост и задоволство, а по смртта на телото ја води душата на умрениот човек во вечен живот.

Човекот е духовно и телесно суштество со земно смртно тело, кое се храни и одржува со земни плодови; и со бесмртна душа, која треба да се храни со духовна храна и пиење, кои само нашиот Спасител може да ни ги даде. Ако се свртиме околу нас и погледаме во личниот, семејниот, општествениот живот, ќе се увериме дека обичната храна и пиење ги задоволуваат нашите потреби само за извесно, кратко време, за потоа пак таа потреба за храна и пиење да се појави, дури во поголема мера. Желбата за стекнување слава, чест, власт, богатства, не е ништо друго туку жед и глад во разни  облици. Секој човек сака за себеси да обезбеди удобен живот, служејќи се честопати со разни средства – честопати со дозволени, а многупати и со недозволени, а со цел само да се реализираат поставените желби. Но и при остварената желба – има народна поговорка која вели: никој среќен, никој задоволен. Една остварена желба раѓа друга, и така во недоглед, во бесконечност.

              

Се прашуваме од каде тоа и зошто е сето тоа? Од погрешно сфаќање на животот и неговата цел; од еднообразна храна. Човековиот бесмртен дух не се задоволува со оваа земна храна: не му пружа душевен мир, не му дава вистинска непреодна радост, не му ја осигурува правата и вистинска среќа, и не му ја гаси жедта за секогаш. Тоа ни го дава само Христос Спасителот со Својата сопствена Божествена наука, преку верата, надежта, љубовта, вистината и правдата. Тоа е таа вечна вода што Христос ја нуди на оние кои сакаат да пијат од неа; водата од која нема да се огладне и ожедне никогаш, туку се умножува и станува извор вечен кој тече во живот вечен. Неговата живоносна наука е сигурно и испробано средство, кое засекогаш во човечката душа ја гаси жедта и го прави човекот среќен и задоволен со тоа што го има во тој час и со тоа што е. Таа вода што Христос ја понудил на жената Самарјанка, а преку неа и на нејзините сонародници, направила преродба во нивните души. Примајќи ја живата вода – науката Христова, жената Самарјанка станала проповедник на Христовата наука и извонреден мисионер во својот град. Нахранети и напоени со науката Христова, членовите на нејзиното семејство стануваат вечни патници и проповедници на таа Христова спасоносна наука. За време на гонењето на христијание, за време на злогласниот римски цар Нерон, Самарјанката и нејзиното семејство пострадале за таа жива вода – науката Христова, удостојуваќи се да станат маченици за Христа.

Живата и вечната вода – храната од Христовото свето Евангелие, се нуди на сите, па и нам денеска, за да нѐ препороди и да ни даде вистинска среќа и вистинска трајна радост во тагата, во сиромаштвото како и во изобилието. Да ги посетуваме што почесто нашите свети цркви и манастири, да ги водиме и децата во нив и тие да ја слушаат науката Христова, од која тече жива вечна вода што води во вечен живот. Во светите храмови е богата трпезата Христова, на која има изобилна духовна храна и духовно пиење за да бидеме тука на земјава духовно задоволни сите и да добиеме вечен живот горе на небото. Денешниот свети великомаченик Георгиј нека ни помогне да се напиеме и нахраниме со таа жива и вечна вода која води во вечен живот. Амин.“

известува: о.Доситеј