Тетово (28.05.2007)
На празникот на светите Кирил и Методиј, Митрополитот Положко-кумановски г. Кирил отслужи Архиерејска Божествена Литургија во соборната црква на светите Кирил и Методиј во Тетово. Неговото Високопреосвештенство ги поздрави присутните и произнесе свечена беседа по повод празникот на светите браќа Кирил и Методиј. Меѓу присутните на Литургијата беа и двајцата пратеници во Парламентот на Р. Македонија (од тетовскиот и од гостиварскиот крај), г-ѓа Ружа и г. Дарко.
Беседа на Владиката Кирил празникот на светите Кирил и Методиј:
„Голем си Господи, чудни се Твоите дела и ни еден збор не е доволен да ги искаже Твоите чудеса!
И навистина драги браЌа и сестри, голем е Господ и многумилостив за нашиот благороден народ, Света Црква и Татковина. Сѐ што е од Бога е добро и убаво. Чудата кои и ден-денес Госод ги прави за нас и со нас се многубројни и значајни. Ние треба да бидеме озарени од Светиот Дух за да ги спознаеме тие чудеса кои Господ ги прави.
Ова 2007-лето Господово, е од особено значење за верните македонски чеда, без разлика каде тие да се по сите меридијани од земјината топка. Веќе отпочнуваме сите овогодишни верски празнични жествувања да ги збогатуваме и со значајни содржини со што воедно со радост го истакнуваме и 40-годишното творештво и растеж на нашата возобновена древна Охридска Архиепископија како автокефална Македонска Православна Црква.
Како потсетување: на 17 и 18 јули 1967 година, во нашиот древен Ерусалим, во Охрид, ја исправивме големата историска неправда од 1767 година, кога неканонски беше укината нашата древна Охридска Архиепископија. Со историска Одлука на Светиот Архиерејски Синод потврдена од Црковно-народниот собор ја вративме духовната слобода на нашиот народ и правото на полно слободно црковно живеење и творење, и во Татковината и меѓу иселените Македонци. Со тој чин им ја вративме честа, достоинството и гордоста на нашиот род, на нашата Татковина и на нашата Света Црква со Апостолско преемство. Со тоа ни се дава можност многу повеќе, да се потрудиме и како народ и како Света Црква да си ги познаеме и препознаеме уште подобро нашите од Бога дадени можности и длабоки корени.
Сите ние, заедно особено нашите еднородни браЌа и сестри во дијаспората, САД, Канада, Австралија и Европските земји без обновата на Мајката Црква, без изградените десетици храмови ,манастири и културно-просветни центри како и македонски училишта, големо е прашањето колку ќе бевме познати и препознати како народ. Новоизградените сакрални објекти во дијаспората ни помагаат да се покажеме и да се потврдиме и таму како народ на верата, народ на Бога, народ кој постојано гради и надградува, кој во минатото создавал трајни епохални дела. Црквата се потврди дека е најсилната обединувачка снага.
Во нашето големо црковно-духовно и сенародно дело се вградувале голем број просветители, учители, непоштедни делатели, охристовени молитвеници, борци и поборници за народна и духовна слобода, светители и маченици, кои Господ ги признал и потврдил за свети. Голем е бројот на плеадата Македонски просветители, учители кои на нас и на светот му дарувале бесмртни епохални дела, меѓу кои на највисокиот пиедестал се воздигнати рамноапостолните светите Кирил и Методиј и нивните најдаровити ученици светите Климент и Наум Охридските Чудотворци. Меѓутоа, сеуште негаторски се однесуваат кон сѐ што е свето македонско, и Црква и нација и земја. Но,да Му благодариме на Бога што успеавме да ги ослободиме нашите од други зартупани вековни корени.
Дами и господа, браќа и сестри во Господа,
Треба да изминат 240 години од кобниот историски настан кога во 1767 година беше пресечен крвотокот со цел да престане да пулсира нашата древна и славна Охридска Архиепископија. Но, да Му благодариме на Бога, што ни помогна и нѐ умудри та успеавме и дочекавме пред 40 години да ја обновиме Охридската Архиепископија олицетворена во денешната Света Македонска Православна Црква. Дочекавме, како народ, како култура, како просвета, да се радуваме на четириесетгодишнината од востановувањето на највисоката научна институција во Македонија - МАНУ. И еве на крајот доживеавме, од страна на нашата актуелна Македонска Влада и Македонскиот Парламент, да бидеме израдувани со големиот прекрасен јубилеен поклон - чествувањето на нашите просветители, светите Кирил и Методиј, да биде прогласен за државен празник. Зарем навистина и овој радосен настан не е уште едно своевидно големо чудо на нашиот богољубив народ.
Пред сѐ кратко да се навратиме на житието на светите Кирил и Методиј и на нивното огромно дарувано епохално дело. Чувствувам за свој голем долг, со најискрени братољубиви архипастирски чувства на евангелска љубов и искрена почит, од името на нашето народно свештенство, монаштво, верен народ и свое лично име да ја искажеме трајната благодарност кон нашата Влада и македонскиот Парламент. Молитвено на сите им посакуваме да ги следи Божјиот благослов со одлично здравје, да ги озарува и вдахновува со мудрост и сили, да продолжат уште поенергично да се вградуваат во сенародното дело со цел час поскоро да бидеме интегрирани во Европа и НАТО. Остварувањето на оваа задача треба да ни биде највозвишена цел на сите нас без оглед каде и да живееме.
Браќа и сестри во Господа,
Години и децении по ред на роденденот на нашата семакедонска и сесловенска писменост, благородниот наш народ, како во родната татковина Македонија така и насекаде каде нѐ има, со посебна побожност на овој светол ден се поклонува пред светителските ликови и големото епохално дело на светите Кирил и Методиј.
Во таквото чествување го наоѓаме заедништвото на македонскиот народ, на сите други народности во нашата Татковина и пошироко и максимумот на христијанската љубов за заеднички стремеж кон посветла иднина во нашата Татковина. Тоа е гаранција дека нашето утре, и на нашата младина, ќе биде уште позбогатено со љубов и разбирање со поголема меѓусебна верба и доверба, со братска слога и заеднички постигања.
Кои биле светите Кирил и Методиј и зошто ние денес ги чествуваме?
Првите наши македонски рамноапостоли во средновековието за нас и за словенските народи биле светите браЌа Кирил и Методиј. Тие биле родени во Солун, во издигнато христијанско семејство. Нивниот татко по име Лав, бил висок царски преставник во Солун и неговата околија. Името на нивната мајка е Марија, таа била Словенка, односно Македонка. Семејството било многудетно. Најстариот син Методиј се одликувал со административни државнички способности, уште многу рано во својата младост, бил поставен од Византискиот император за управител на словенската брегалничка област. Бидејќи го познавал јазикот на македонските Словени. Неговиот најмал брат Констатин, монашко име Кирил, се одликувал со извонредни ретки духовни дарби и покажал големи постигнувања во науките .Набргу се дознало за него и во Цариград. Тогаш на Византискиот престол дошол младиот цар Михаил со својата мајка Теодора. Св. Кирил бил повикан и задолжен целосно да се грижи за интелектуалната надградба на младиот цар Михаил. Го зеле и се нашол во прочуеното Магнаурско училиште во Цариград. Успесите на Константин во науката навистина биле големи. Тој бил особено надарен за јазици. По завршувањето на школувањето бил поставен за библиотекар во прочуената библиотека во катедралната црква на Света Софија, но Константин бил млад човек и со голема ретка побожност. Затоа, набргу ја напуштил работата и се повлекол во еден манастир на црноморскиот брег. По настојување на патријархот Фотиј и византискиот цар бил наговорен да се врати во Цариград и да стане предавач по Философија на Мангаурското училиште. Затоа и бил наречен философ. Се смета за еден од најучените луѓе во Византиската империја во тоа време. Двапати бил испраќан на успешна мисија кај Сарацените и кај Хазарите. Бил придружуван од својот брат Методиј, кој во тоа време бил повлечен во еден манастир на Олимп во Мала Азија. По успешното покрстување на овие народи, од моравскиот кнез Ростислав, светите браќа биле повикани да ја извршат огромната мисија и во Моравија и во Панонија. Најнапред Свети Кирил ја создал словенската азбука - глаголицата и превел делови од Стариот и Новиот Завет на Светото Писмо, како и многу црковни текстови. Со себе ги повел и своите ученици меѓу кои и светите Климент и Наум. Оваа мисија почнала со просветителска дејност и успеси. Тоа предизвикало силни отпори кај германското свештенство, така биле принудени да побараат помош од од римскиот папа. Папата Адријан II откако отишле во Рим ги прегледал словенските богослужени книги и заклучил дека се сосема исправни па наредил да бидат ставени во олтарот на црквата на Света Марија Маyоrе и извесно време да се служат словенски богослужби во три римски цркви. Со ова словенско-македонскиот јазик бил признат за богослужен јазик меѓу Словените. По смртта на свети Кирил во Рим во 869 год., (каде и бил погребан во црквата на свети Климент Римски и каде и ден-денес е неговиот гроб, а каде дел од неговите мошти се чуваат во Штросмаеровата капела), Методиј кој веќе бил хиротонисан за епископ се вратил да ја продолжи својата архипастирска работа меѓу западните Словени. Тој починал во 885 год., во тешки измачувања. Делото на светите Кирил и Методиј, дошло до полн израз и до вистинско совршенство токму во продолженото грандиозно дело на нашите горостасни македонски духовници, просветители и учители - светите Климент и Наум Охридските Чудотворци. Без нив и без нивната богата дејност плодовите на светите Кирил и Методиј би биле избришани од лицето на земјата. Свети Климент и свети Наум имаат најголема заслуга за продолжување на развојот на писменоста, просветата и културата, особено преку формирањето и работата на првиот словенски Универзитет во Охрид. Ова е денес познато и признато во славистиката и историјата на литературата и културата на сите словенски народи.
Еве браЌа и сестри, какви големи личности живееле и твореле меѓу македонскиот народ пред 11 векови, какви се нивните заслуги за просветувањето и христијанизирањето на нашиот народ и на сите словенски народи!
На крајот уште еднаш да потсетиме и да нагласиме: без обновата на самостојноста и автокефалноста на нашата Света Црква (1958 г., 1967 г.) не ќе можевме да зборуваме во ваква црковно-духовна слобода за епохалното дело на нашите солунски браќа Кирил и Методиј. Не ќе можевме да зборуваме за импресивните резултатни постигања на нашата Света Црква во Татковината и во дијаспората. Затоа, денес сите ние каде и да сме следејќи го примерот на нашите Светии, го претставуваме живото тело и душа на нашата Мајка Светиклиментова Македонска Православна Црква и Татковина и ќе треба како такви да останеме да дејствуваме и понатаму околу стожерот на суверена Македонија и нашата автокефална Црква. Од Бога сме создадени да живееме и да твориме добри дела, и како народ, и како Света Црква, и како суверена Македонска држава. Та она што е од Бога создадено да твори и да опстојува ќе твори и ќе опстојува и ќе живее сѐ додека векот векува и светот светува. Должни сме, преку пораките и светоста на нашата Мајка Црква да ја сочуваме вечноста на македонскиот народ на Македонија и сѐ што е наше неменливо и неотуѓено – свето македонско.
Господ на мирот и на љубовта, преку молитвеното застапништво на рамноапостолите светите Кирил и Методиј и на нашите Светии, да биде со сите нас сега и секогаш и во сите времиња и вечност.“
По Литургијата следеше свечена духовна Академија, на кој зеде учество реномираниот хор „Менада“ под палката на проф. Ивица Зориќ.
Денеска Митрополитот ја изврши и светата Тајна Крштение на малата Ангела Мицкоска, ќеркичка на свештеноерејот и професор во Богословијата Жарко Мицкоски.
Активностите продолжија со осветување на нов дом во селото Лешок кај верните чеда Кире и неговото семејство.
По сите овие активности имаше приредено трпеза на љубовта во манастирот на свети Атанасиј во Лешок.
Од името на свештенството, монаштвото и богољубивиот народ ви го честитаме именденот, четириесет години Архиереј и четириесет години Автокефалност.
На многаја лета Високопреосветен Владико!