Претседателот на Републиката и американскиот Амбасадор во посета на Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил (19.06.2007)
На 16.06.2007 во епархискиот резиденцијален манастир на Полошко-кумановската епархија Св. Јоаким Осоговски во Крива Паланка, во еднодневна посета кај надлежниот архиереј, Неговото високопреосвештенство Митрополитот Кирил, дојдоа Претседателот на Република Македонија, господин Бранко Црвенковски, заедно со Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во нашата Република, Нејзината Екселенција госпоѓа Џилиен Милованович, придружувани од нивните благочестиви семејства.
Во својот поздравен говор Митрополитот истакна: „Јас своето крштевање го имав во 1965 година, а од 1967 година како надлежен епархиски архиереј, 30 години директно сум одговорен и за американскиот континент. Благодарни сме на САД и Канада, за сè што во овој период од четири децении му го имаат дарувано на македонскиот народ, особено на Американците и Канаѓаните од македонско потекло. За првпат успеавме, во нашето многустолетно опстојување како народ, како библиска земја и како Црква, во 1981 год. да го добиеме првиот значаен документ, од страна на Американската влада, дека постои Македонска Американско-канадска епархија, регистрирана во градот Албани, што ја сочинуваат сите македонски православни црковни општини. Благодарение на демократските права и слободи, за четири децении изградени се околу 50 цркви и импозантни манастири.”
Митрополитот г. Кирил, заедно со свештениците се помолија за напредок и благосостојба на двете држави, како и за меѓусебна долгорочна соработка.
известува: отец Александар