Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во манастирот на свети Наум на Попова Шапка (05.07.2007)

На 03 јули 2007 лето Господово, традиционално како и секоја година, беше одбележан патронот на манастирот на Свети Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка. Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во сослужение со повеќе свештенослужители, отслужи Архиерејска Божествена Литургија, на која пееше реномираниот женски хор „Менада“, под диригентство на маестро Ивица Зориќ. На Светата Литургија присуствуваа голем број верници, кои пристигнаа со четири полни автобуси од Тетово и од Скопје, и кои, како на еден своевиден поклонички марш, го освојуваа најживописниот врв на Попова Шапка, во обид на таков начин самопожртвувано и преку силната вера да можат да ги достигнат Божјите висини и да ја почувствуваат Божјата благодат.

На Литургија присуствуваше и уважениот г. Живко Јанкулоски, потпретседател на Владата на Републикa Македонија

По отслужената Архиерејска Божествена Литургија, пред манастирската црква, под убавото јулско шарпланинско сонце, митрополитот Полошко–кумановски г.Кирил ги пресече славските колачи принесени од кумовите г-ѓа Маре Коцеска и г. Јани Макрадули со нивните благочестиви семејства и беше избрано ново кумство од манастирскиот одбор за градба. По повод 15-годишнината од чинот на малото осветување на манастирската црква ќе биде одбележан јубилеј на 03 јули 2008 година.

Во своето обраќате до присутните верници, митрополитот Полошко-кумановски г.Кирил, упати пораки за мир и братска христијанска љубов меѓу верните чеда на Македонската Православна Црква, како единствен клуч за опстој и напредок на македонскиот православен народ. Овој апостол на семакедонското единство и љубов, меѓу другото рече: „Сакал некој да прифати или да не прифати, тоа е реалност, Црквата Светиклиментова, Македонска, се покажа во минатото, се покажува и се докажува на дело и сега, дека е најголемата обединувачка сила. Господ нѐ воздигнал и нѐ возвеличил и како библиски народ и како Црква со апостолско преемство и како библиска земја, вградувајќи нѐ во Книгата на вечноста. Се исполнуваат 240 години откако беше неканонски укината Охридската архиепископија, 40 години од нејзинoтo обновување, скоро две децении од обновувањето на суверената македонска држава, па не би ли било навистина срамота и грев да не го послушаме гласот на мајката Црква и да не се обединиме силно околу стожерот. Преку силното единство, на секој план, и како Влада и како Парламент и како политички партии, коишто е нормално да ги има, како просвета, како култура и како Црква, за да можеме час поскоро да се најдеме пред највозвишеното дело кон кое што треба да се стремиме во овие моменти, да се најдеме на заедничката софра во евроатланската интеграција. Во спротивно ќе наметнеме голем грев, голем срам пред Бога, ќе наметнеме грев пред идните македонски рожби, ако не успееме уште посилно да ги зацврстиме државотворните, националните и црковните столбови на кои што почиваме. Да го следиме примерот на свети Наум Охридски Чудотворец, да го следиме примерот на сите доблесни македонски синови и ќерки.“

За сите присутни верници, поклоници и почитувачи на ликот и делото на свети Наум Охридски Чудотворец, од страна на кумовите беше приредена братска и сестринска трпеза на љубовта која ја благослови Неговото Високопреосвештенство митрополитот Полошко–кумановски г.Кирил.

 

Подготвил: свештеник Жарко Мицковски, старешина