Vesti i nastani
 
 
 
 
 

40 години од хиротонијата за епископ на Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил (11.07.2007)

Спроти празникот на големите Христови апостоли светите Петар и Павле, во предвечерието на 11 јули 1967, вечерното богослужение во црквата на Свети Димитриј во Скопје беше посвечено отколку обично. Свечената „Вечера на љубовта, по повод хиротонијата на архимандритот Кирил, планирана за утредента, ја збогати службата Божја тој ден. По соопштувањето на Одлуката на Светиот Архиерејски Синод за изборот на новиот епископ Тивериополски, наречението заврши со изјавата на архимандритот Кирил дека ја прима на знаење оваа одлука и со ништо не ѝ се противи.
Новонаречениот епископ, архимандритот Кирил, ја
отслужи потоа свечената Вечерна богослужба.

 

 

 

Mитрополит Полошко-кумановски г. КИРИЛ е роден е на 23.6.1934 година во с. Царев Двор (Преспанско). Основното образование го завршува во своето родно село, а Богословијата во Призрен. Во 1964 година се замонашува во манастирот на Пресвета Богородица-Кичевска кај Кичево. Извесно време работи како службеник во Македонската архиепископија, по што во 1965 година се запишува на студии на Московската духовна академија, каде по двогодишно студирање е повикан да се врати во татковината, па во 1967 година, непосредно пред возобновувањето на автокефалноста на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, е хиротонисан за архијереј Тивериополски. Теолошките студии ги завршува на Богословскиот факултет "Свети Климент Охридски" во Скопје. По возобновувањето на автокефалноста е поставен за надлежен архијереј на Американско-канадската епархија, со која раководи до 1985 година. Во 1971 година е формирана Полошко-кумановската епархија, а г. Кирил е назначен за нејзин прв администратор, а подоцна и за нејзин митрополит, на која функција се наоѓа и денес. 

 

Утредента, на самиот ден, посветен на светите апостоли Петар и Павле, 12 јули 1967 година, Светата Архиерејска Литургија ја отслужи Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски Господин Доситеј, во сослужение со Неговото Преосвештенство Епископот Преспанско-битолски г. Климент, нивните Преосвештенства Епископот Злетовско-струмички г. Наум и Епископот Велички г. Методиј, повеќе свештеници и ѓакони. Пред почетокот на Светата Литурпија новоизбраниот Епископ г. Кирил го прочита Исповеданието на верата и положи заклетва. За време на пеењето на Трисветата песна Неговото Преосвештенство г. Климент и Неговото Преосвештенство г. Наум го поведоа новоизбраниот епископ кон олтарот. По трикратниот опход околу светиот Престол, со целивање на истиот, рамото, надбедреникот, крстот и десницата на Неговото Блаженство, ги положија своите архиерејски раце на главата на новоизбраниот епископ и се помолија на Светиот Дух да му подари крепка сила и мудрост за раководење и користење на својата архиерејска власт во Црквата. При добивањето на архиерејските одејанија народот со свештенството одговараше громогласно Достоен“.

 

 


На крајот од службата Божја на Неговото Преосвештенство г. Кирил прв му честиташе неговиот духовен отец, Неговото Блаженство г. Доситеј. Меѓу другото, Архиепископот рече дека „повеќе години се молиме на Бога да ни подари еден, двајца или тројца луѓе, кои ќе бидат кандидати за архиереи. Во овој момент Му благодариме на Бога што ни даде едно наше чедо, во лицето на Преосветениот Кирил, за наш македонски архиереј. Предавајќи Ти го епископскиот жезол, кој е симбол на архиерејската власт, сакам да нагласам дека ако не го носиш со љубов, нема да имаш власт. Честитајќи Ти го високиот чин, од се срце пожелуваме љубовта што ја имаш да ја покажеш пред твојата паства. Нека Ти е Господ Исус Христос пример во животот, Кој е полн со љубов. Угледај се на македонските Светители и нека Ти бидат узор во Твојата работа. Светите апостоли што денес ги славиме нека Ти бидат на помош во Твојата одговорност спрема паствата.“



 

Благодарејќи на очинските зборови од Неговото Блаженство и добрите желби за успешна работа на нивата Божја, новопосветениот Епископ Тивериополски г. Кирил ја одржа следната беседа:

 

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ

 

ВАШЕ БЛАЖЕНСТВО, ВАШИ ПРЕОСВЕШТЕНСТВА, БОГОМУДРИ АРХИПАСТИРИ НА НАШАТА МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА, УВАЖЕНИ ПРЕТСТАВИТЕЛИ НА НАШАТА НАРОДНА ВЛАСТ, ВОЗЉУБЕНИ ВО ГОСПОДА ЧЕСНИ ОТЦИ И БЛАГОЧЕСТИВИ БРАЌА И СЕСТРИ!

 

Денес, по големата милост Божја, дејството на Неговата благодат преку полагањето на Вашите раце врз мене, ми се предаде голем светол чин.
Во времето кога со нетрпение очекував да се вратам во својата Татковина, по напорната работа во студиите, непосредно по моето пристигнување од Москва, со голема возбуда ја примив веста дека Светиот
Архиерејски Синод на нашата Македонска Православна Црква, под Ваше раководство - Ваше Блаженство, ме повикува на големо апостолско служење.
Сознавајќи ја својата немоќ пред Бога, а слушајќи
го гласот што ме повикува: „... врви по Мене" (Лк. 5, 27) се најдов пред најголемото душевно испитание. Во моето сознание се јави дилемата: дали го заслужувам ова високо служение? Таквата мисла ме гони да изјавам, дека со страв и трепет го примам високиот чин. При сознанието на својата немоќ, Господ наш Исус Христос нека ми биде сведок дека не се лакомев да се здобијам со возвишениот архиерејски чин, односно со духовната власт, која произлегува од тој чин.
Но, бидејќи пред три и нешто години, следејќи ја Христовата заповед: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене, (Мт. 16, 24), го примив веќе Христовиот Крст врз себе, од нашиот поглавар — Неговото Блаженство Митрополитот Македонски, тогаш не ми остануваше друго освен да го примам и ова тешкото бреме од рацете на Вашето Блаженство и другите наши архипастири. Сметам дека по Божјата промисла ми било судено релативно млад и неискусен да го примам врз своите плеќи тешкото и одговорно, пред Бога, бреме, и ете, денес под дејствието на благодатта на Светиот Дух, а преку полагањето на Вашите светителски раце врз мене, удостоен сум со благодатта на епископското служење
. Вие најдовте дека како архиереј ќе можам повеќе да послужам на нашата Македонска Православна Црква и на нашиот благочестив македонски народ, бидејќи ја познавате мојата пламена љубов кон нашата света Црква и својот народ. И јас убеден во исправноста на Вашата одлука се присоединувам кон зборовите на псалмопевецот Давид: „Чашата Господова ја примам и името Господово го повикувам".
Нашата
света Православна Светиклиментова Црква, од мене ќе бара да ѝ бидам доследен син, по примерот на нашите славјански просветители светите браќа Кирил и Методиј, да го оправдам нивното свето име што во духовништво го носам и свето дело што пред мене стои. Го согледувам големото и одговорно возвишено и свето дело и затоа викам: „Страв и трепет ме опфаќа Господи!" И единствено ме тешат Твоите зборови: „...Јас сум во вас преку сите дни до свршетокот на светот", (Мт. 28, 20). Твојата голема милост, која ме возвиси до овој висок чин, се надевам дека нема да ме понизи да се посрамам, пред Тебе, о Гооподи!
Јас знам, Господи дека секогаш си ми помагал во моите усрдни молитви упатувани кон Тебе. Твојата Пресвета Мајка, секогаш ме закрилува, под
Својот Свет Омофор, да можам верата во Тебе да ја сочувам во себе си. И не само да ја сочувам, и да ја утврдам, за да можам преку таа вера и Твојата безгранична љубов да ѝ послужам на Твојата Црква и на својот верен македонски народ.
За големината на архипастриското апостолско служение во моментот кога се наоѓам, пред Вас, богомудрите и искусни архипастири, полн со големи внатрешни доживувања, нека ми биде позволе
но малку вниманието на сите вас да го задржам врз апостолското служение на првоврховните апостоли светите Петар и Павле, чиј спомен денес го одбележуваме, а на кои сите вие сте следбеници, а од денешниот ден и јас.
Жртвена љубов кон Христа Спасителот и паствата, што овие двајца првоапостоли ја дадоа, придонесе светата Црква да ги нарече првоврховни апостоли.
Мене отсекогаш особено ме побудувала нивната пламена љубов и искрена преданост на Христа Спасителот, нивното апостолско служење и нивната готовност да тргнат по Христа, е светол пример за моето недостоинство. Св
етиот апостол Петар, го остава дури своето семејство, неговата љубов го тера да се откаже од мирниот и прост рибарски живот, да трпи маки и страданија. Него тоа не го разочарува. Напротив, со сета своја бит се нашол во Христа и станува „камен" за соѕидување на Неговото Царство. Таа љубов го крепи до крајот на неговиот живот да го проповеда живото Слово и да ги повикува луѓето на спасение. И не само тоа, на крајот со иста љубов маченички во 67 година да го положи и својот живот на Олтарот Господов.
Чудесниот живот на вториот првоапостол св
ети Павле, неговата преданост кон Христа, по личната средба со Него на патот од Ерусалим за Дамаск, својот живот го соединува со земниот живот на Спасителот. Фанатичен фарисеј и непомирлив гонител на христијанството, од тој момент од „ветов" станува „нов" човек — исполнет со Божја блатодат и мудрост, апостол на верата, мирот и љубовта, за што не го жали ни здравјето ни животот за големото апостолско дело. И апостол Павле со иста таква љубов, како и апостол Петар, за Бога го положува својот живот во 67 година.
Во овој момент на земањето тешка одговорност се надевам дека Христос ќе биде секогаш со мене, ќе ми овозможи да ги имам примерот на молитвите на првоапостолите, на другите христијански апостоли, првосветители, богомудри св
ети Отци, на големите наши словенски просветители и учители, покровители и застапници на нашата Светиклиментова Македонска Православна Црква, пред престолот на Севишниот, светите браќа Кирил и Методиј, нашиот патрон и чудотворец свети Климент Охридски, големиот Божји угодник свети Наум, свети Сава, свети Ангелариј, свети Горазд, свети Еразмо, свети Јоаким Осоговски, свети Прохор Пчински, свети Гаврил Лесновски, свети Јован Рилски, Преподобен Нектариј Битолски, свети маченик Георгиј Кратовски и помошникот и заштитник во секојдневието на моите студии, преподобниот Сергиј Радонешски чудотворец. Дури тогаш ќе можам да бидам удостоен од Господа да ги искажам зборовите на светиот апостол Павле: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене...", (Гал. 2, 20), сознавајќи преку тоа дека не сум создаден заради себеси, не заради моја лична среќа, а токму заради Бога и заради сите ближни. Само со таква искрена и пламена љубов кон верата на светата Црква и народ, само по примерот и образот на Господа со кој ние сите се раѓаме и се облекуваме во Него преку светата тајна Крштение, и по примерот на големите свети Божји угодници и безброј народни маченици - синови и ќерки на македонскиот народ, кои за светото дело - нашиот народ да се здобие со своја национална слобода во денешнава наша Татковина Југославија - ќе можам и јас да добијам сили, за да живеам по образот на Христа Спасителот и светите апостоли, во самоодрекување и секогаш готов да живеам за нив, да им бидам близок и мил во нивните радости, утеха во нивните незгоди и жалост, готов дури и душата да ја положам за нив. Љубовта кон Бога и верата кон нашата Црква и нашиот македонски народ ме поттикнуваа најнапред да одам и да завршам Богословија. Таа искрена љубов во 1964 година ме одведе во манастирот на Пресвета Богородица (Пречиста) во Кичево, во времето на моите најтешки внатрешни доживувања, односно токму кога мојата сакана и мила мајка се наоѓаше на операционен стол, покорно да ја наведнам главата и го примам врз своите немоќни плеќи, од нашиот поглавар, Неговото Блаженство, тешкиот Христов Крст.
Љубовта на св
ети Климент Охридски којашто ја пројавуваше низ целиот свој земен живот кон својот македонски народ, а чии вистински следбеници треба да бидеме ние, ме натера млад да се откажам од благолепието на овој земен живот.
Истата таа љубов убеден сум дека ги топли срцата на сите Вас овде присутни во овој свет храм, и на сите оние
наши браќа и сестри Македонци, кои поради објективни причини не се присутни овде.
Таа пламена љубов крепи и напојува стотици наши Македонци во Соединетите Американски Држави, Канада, Австралија и во сите други земји на зем
јината топка и им овозможува да го сочуваат својот национален бит.
Напоен со таквата сострадална љубов уште во раното детство, преку живите извори на
Светиклиментовото дело, Преспа и Охрид, полесно се одлучив по завршувањето на Богословијата да се ставам на располагање на мојата Македонска Православна Црква.
Големата љубов искажана од Негова Светост Патријархот Московски и на цела Русија Г
осподин Алексеј и другите високи црковни великодостојници, при нивната посета во Охрид во 1962 година за заслугите на свети Климент Охридски ме побудија да одам за дооформување на своето богословско знаење во Московска Духовна Академија и да ги вложам сите сили да ги пополнам моите празнини.
Сметам дека таква иста љубов ги хранеше срцата и го крепеше духот на нашиот народ во време на петвековното турско ропство, во време на двестогодишното духовно ропство да се одржи во вера и јазик и го доживее своето повторно раѓање во денешната слободна заедница на рамноправните братски југословенски народи.
Таква љубов ги напојуваше и ги крепеше срцата на Македонците и во времето на другите темни и мрачни испитанија во Првата и Втората светска војна.
Ете напоен од таквата љубов, денес смирено и покорно и јас го примам тешкиот и одговорен епископски чин. О
сознавајќи го тешкото бреме, се тешам дека тоа ќе се претвори во радост, зашто на својата Црква и на својот сакан народ ќе послужам.
Гордоста е грев и јас бегам од неа. Но нека ми биде позволено денес со гордост да искажам неколку мисли. Горд и поносен сум, што по промислата Божја како син на Македонија и на пошироката наша Татковина СФРЈ
, Светиот Архиерејски Синод на нашата Македонска Православна Црква ме удостои со едан таков возвишен чин. Горд сум уште повеќе што го примам од свои домородни архиереи, како би можел заедно со нив да послужам на нашата Светиклиментова Македонска Православна Црква, на својот благочестив православен народ, и на светата Христова Црква. Ветувам дека со таква пламена љубов ќе управувам со повереното ми стадо, ќе го упатувам кон Љубовта на Христа, ревносно и со отворено срце ќе се трудам заедно со сите Вас, да го чувам светото дело на нашата света Црква и нашиот македонски народ, ќе го чувам братството и единството меѓу нашите југословенски народи. На крајот ќе ги вложам сите сили, вистината на нашата Црква да восторжествува, да живее како рамноправно чедо во братска љубов и согласие со Црквите во целиот свет, да се развива рамноправно со нив, во крилото на едната, света, соборна и апостолска Црква Христова.
На крајот нека ми биде позволено да ја искажам мојата искрена благодарност кон Вас, Ваше Блаженство, и Вас, Ваши Преосвештенства, да искажам топла благодарност кон сите вас, уважени претставници на нашата народна власт, на сите
присутни браќа свештеници и ѓакони, на сите вас, драги мои блиски и драги верници, кои што во многу допринесовте да биде најсвечено одбележен овој за мене голем и светол ден.
Искажувам срдечна и топла благодарност на Неговата Светост патријархот на Руската
Православна Црква Господин Алексеј, на Негово Високопреосвештенство Митрополитот Ленинградски и Ладожски Господин Никодим, Неговото Преосвештенство ректорот на Московската Духовна Академија Господин Филарет, на целиот професорско-предавачки состав и браќата студенти од Академијата за нивниот секогаш топол и искрен братски однос, нивната секојдневна искажана братска љубов и голема помош што ми ја укажуваа во времето на моите студии.
Искажувам срдечна благодарност на претставникот на Антиохиското подворје во Москва, Негово Високопреподобие архимандритот Господин Алексеј, во чие подворје секогаш бев приман со отворено срце.
Ве повикувам сите Вас присутните да ги принесете Вашите усрдни молитви пред заедничката наша
Мајка Сесветата Богородица. Таа да биде секогаш застапница пред Својот Единороден Син, за да ме упати да застанам цврсто на Неговиот пат, да живеам само по Неговите заповеди, да бидам верен слуга на нашата Црква и нашиот македонски народ и да ме удостои на крајот од мојот земен живот да ги изговорам зборовите на светиот апостол Павле: „Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив" ... (II Тим. 4, 7), бидејќи центарот и целта на мојот земен живот не била мојата ништожна бит. Господ и моите верници биле мојот центар, смисла и среќа на мојот живот.
Молете се, љубовта Божја за мене да биде жив и неисцрпен извор, во сите мои натамошни дела. Да ми даде сили Премилостивиот Господ полесно да можам да им преодолевам на тешкотиите што ќе се јавуваат на патот кон спасението.

АМИН.“

 

 

 

По службата Божја Преосветениот Кирил им подели нафора и прв архипастирски благослов на многубројните верници.
По завршетокот на хиротонијата на новиот епископ г. Кирил, поглаварот на Македонската Православна Црква приреди свечен ручек во гранд хотел „Скопје".
Покрај свештен
ството, на ручекот присуствуваа и гости од општествено-политичкиот живот на градот. Меѓу другите, потпретседателот на Републичката комисија за верски прашања, г. Доне Илиевски, претставникот на Матицата на иселениците од Македонија, г. Димче Мире, претседателот на Комисијата за верски прашања при Градското собрание, г. Ванчо Цветковсни и др.
Како во храмот Свети Димитриј, така и при оваа прилика на Преосве
тениот Кирил му го честитаа високиот чин присутните со најдобри благопожелби во одговорната работа. Кревајќи ја својата чаша, Неговото Блаженство рече: „Дозволете ми во овој момент да му наздравам на новохиротонисаниот епископ Кирил. Тој денес рече дека не се гордее, но, е можно малку да се погордее, па го молиме да ни даде од тој квасец и ние само малку да се гордееме што пред девет години немавме ниту еден македонски архиереј, а денес Македонската Православна Црква со бројот на епископите е потполно дооформена.
Што можеме да му посакаме на младото духовно чедо? Што може да му посака Светиот
Архиерејски Синод? Наше е сесрдно да се молиме пред Мајката Божја, нашиот застапник свети Климент и сите македонски Светители. Наши желби и молби се Господ да му даде долг живот, за да го оствари она што денес го вети.
На крајот да речам нешто во врска со тешкиот јарем. С
ѐ што се работи, ако се работи со љубов, не е тешко. Работа ќе имаш многу и ќе можеш да кажеш слава на Бога, само ако со љубов работиш. Да живеете!
Одговарајќи на честитките и благопожелбите, Негово Преосвештенство господин Кирил топло се заблагодари со следните зборови:

 

„ВАШЕ БЛАЖЕНСТВО, ВАШИ ПРЕОСВЕШТЕНСТВА, БЛАГОГОВЕЈНИ ОТЦИ, ПОЧИТУВАНА ГОСПОДО,

 

Дозволете ми, со воскресенска радост, со длабоко чувство на респект и религиозно благоговение да Ви заблагодарам за топлите и срдечни поздрави и искрени пожелби, што ги искажавте кон моето недостоинство по повод примањето на тешкото бреме - епископскиот чин.
Мое
то смирение, по Божја милост, го прими врз себе одговорниот позив, како архиереј на нашата света Македонска Православна Црква, потпомогнат од Вас, Ваше Блаженство, и вас, возљубени мои собраќа, Ваши Преосвештенства, по патот Господен да работам за нејзиниот напредок. Моето недостоинство знае дека во сите Вас ќе најдам вистински помагачи во службата на Великиот Пастироначалник. Вашето досегашно искуство, големата богопросветлена проѕорливост, здрав ум, добра совест, соединети со превасходна култура, ќе им бидат драгоцена помош во моите архипастирски стремежи да послужам вистински на Црквата и нашиот благочестив македонски народ каде и да се наоѓам по светот.
Во молитвите јас секогаш ја барам Божјата помош. Прибегаувам и сега до молитвеното застапништо на нашиот патрон свети Климент Охридски пред Престолот на Севишниот Спасител, а да ме закрепи со благодат и сила во тешкото служење. Ве молам и Вас, Ваше Блаженство, и возљубени архипастири и собраќа, да не ме заборав
ите во вашите молитвени бденија, зашто моето црковно достоинство е големо толку, колку е голема и мојата човечка слабост. Молете се Бог да ми подари во мојата немоќ сили и мудрост за моето дело да биде полезно за нашата света Црква и нашиот благочестив македонски народ.
Нека ми биде позволено да искажам благодарност и кон нашето здружено свештенство. Очекувам и се надевам дека тоа со општи грижи и неуморното залагање ќе ми помогне во мо
ите катадневни задачи на црковното дело. Свесен сум дека преку сотрудништво во духот на црковната законитост и единство ќе го продолжиме високото дело, кое стои пред нас, а за доброто на родната Црква.
Дозволете ми да ја искажам срдечната и топла благодариост кон вас, претставниците на
народната власт и општествените организации, а преку вас до сите почитувани највисоки раководители и општествени работници во нашата мила Татковина. Јас сум трогнат од големото внимание што го укажувате вие кон мене. Ветувам, како архиереј на Македонската Православна Црква, дека ќе останам верен на стремежите на својот народ, искажувани  преку  вас,  народните  претставници.  Во ова време, време на големиот подем, време кога се прават извонредни големи усилби од страна на целокупниот наш работен народ да изгради поубава иднина на социјални начела, на справедливост и социјална правда, јас секогаш ќе бидам негов верен сотрудник, однесувајќи се сочувствено кон неговите стремежи и тежнеења. Како што нашата Македонска Православна Црква е неразделна од својот народ, така и јас ќе се стремам да бидам со народот и да бидам во народот.
Да благодариме на Господа Бога и
Го помолиме да даде сила и мудрост на сите нас, духовно да го водиме нашиот благочестив македонски народ со крепка вера кон вечното духовно спасение. Да благослови Бог и да донесе успеси на нашата Македонска Православна Црква, на нашата народна држава, Социјалистичка Федеративна Република Југославија и посебно на нашата Социјалистичка Република Македонија.“

 

 

За многу години, Високопреосветен Владико Свет!



  

извор: ВЕСНИК, службен весник на МПЦ- бр. 5 септември/октомври 1967 г.
Подготвила: Калина Трпеска