Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Охрид, Петровден (13.07.2007)

 

Празникот на светите апостоли Петар и Павле, во Дебарско-кичевската епархија беше прославен во истоимената црква во Кичево. Со Литургијата чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки г. Тимотеј во сослужение со архимандрит Нектариј, игумен на манастирот на свети Наум Охридски, протоереј-ставрофор Ѓорѓи Лапоски, архиерејски намесник на Кичево, свештеник Стевче Тошески, старешина на црквата на светите апостоли Петар и Павле – Кичево, свештеник Игор Никовски, секретар на Дебарско-кичевската епархија и ѓакон Димче Азески, референт при Дебарско-кичевската епархија.

 

 

        

 

 

На Божествената Литургија на верниот народ со пригодно слово се обрати Митрополитот Тимотеј во кое рече: „Луѓето, како субјективни суштества многу често грешат кога ги вреднуваат и ценат своите вредности, како и на другите луѓе. Најчесто ги преценуваат своите вредности а ги потценуваат на останатите луѓе. Затоа во историјата на човештвото, а особено во историјата на христајнската Црква многу често се случува големите пред Бога, истите тие луѓе да бидат мали пред своите сожители, и обратно ништожните пред Бога да бидат големи пред луѓето во својата средина. Затоа овој привремен живот е исполнет со најразлични спротивности од најразлични видови. И во самиот човек тие спротивности доаѓаат до израз. Ние луѓето сме и телесни и духовни, и смртни и бесмртни, и праведни и неправедни, слаби и силни, злобни и добри, и тоа во исто време. За тоа ни дава пример и нашиот најголем Учител и Спасител Господ Исус Христос, Тој беше и Бог и Човек во исто време, или Богочовек. Во исто време небесен Цар, Кој владее со овој свет и човек роден во сиромаштија во јасли и во пештера. Тој е најдобар Лекар Кој ги лекува сите духовни и телесни слабости и болести.

 

                       

 

Но,Тој е и најголем маченик и страдалник Кој претрпи најстрашна смрт и тоа смрт на крстот. Со Својата смрт Он ја победи смртта, воскреснувајќи од гробот во третиот ден после погребението. Големиот апостол Павле збрувајќи за овие спротивности ги  има напишано овие вдахновени зборови кои се однесуваат на апостолите: Како знаени и незнаени, како оние кои умираат, но и како оние што живеат, како ожалостени, но и радосни, како сиромашни, но ги обогатуваат другите, како оние што ништо немаат, но и сѐ имаат. Овие спротивности со кои е исполнет овоземниот живот се несфатливи за обичниот човек, но севкупниот живот на светителите чиј спомен денес го чествуваме е исполнет со вакви противречности. Првоврховните апостоли Петар и Павле живееле скоро 20 века. Но тие и денес живеат и на небото и  на земјата како и тука со нас и меѓу нас. Со нашето присуство денес во овој свет храм кој е посветен на овие големи апостоли и ние потврдуваме дека тие се живи, иако толку одамна телесно го напуштија овој свет како големи Христови маченици, следбеници и проповедници.

 

            

 

Овие двајца апостоли се првите луѓе кои го запознале светот со права и вистинска вера и затоа светата Црква Христова денешниот ден го посветила ним, оддавајќи им почитување за подвигот што го направиле како никој друг пред нив. Тие и една мала група луѓе – светите апостоли – се распрснаа по белиот свет и ја проширија и објавија спасоносната наука Христова на сите народи.

Една незначајна група на луѓе но просветлена и поткрепена со божествената сила на Духот Свети, ќе се наоружа со невидена храброст и трпение против светската моќна Римска империја и ќе го победи идолопоклонството на многубожечките богови. Смело го објавија зборот Божји и резултатите беа очигледни. Бидејќи тие со силата примена од Духот Свет ја изгаснаа силата огнена и ја избегнаа острицата на мечот, која исече илјадници маченици за Христа. Но безбројните маченици со насмевка на усните и молитва кон Бога ја посведочија таа сила на Светиот Дух. Тој (Светиот Дух) е невидлив, но ние ги видовме резултатите и дејството на таа сила. Ја видовме таа сила покажана во ревноста и смелоста на апостолските проповеди во целокупниот живот на христијанската Црква. Бидејќи историјата на христијанската Црква ни сведочи и е сила Божја со која апостолите го победија многубожечкиот свет.

Апостолите, кои ја проповедаат евангелската проповед и самите морале да живеат според принципите на евангелските начела. Постепено во нив умирале сите човечки слабости и гревови, а се раѓале нови мисли, нови надежи на Христовите начела, таа вечна Негова вистина. Умирале во грев а се раѓале во добродетели. Умирале за овој свет а се раѓале за Царството Божјо. Заради тоа светиот апостол Павле вели: Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене.

Живеејќи со таков живот овие двајца Христови апостоли уште за земниот живот почувствувале бесмртност во себе. Со помошта Божја тие оствариле бесмртни дела. Кога духовен човек ќе го постигне тој степен на духовен развој, тогаш го надминува стравот од смртта и страдањето. Тоа е и причината што многу праведни и свети луѓе лесно ги поднесувале страдањата и маките па честопати со голема радост ги жртвувале своите животи за Христа и Неговата вистина. Овие двајца апостоли пострадаа во Рим, за време на злогласниот римски имепратор Нерон, во 67 година, но тие се живи во сите времиња, и на небото и на земјата.

Доаѓајќи денеска во овој свет храм, и ние треба да се поучиме од животот и делото на овие големи Христови проповедници и маченици. Нивната бестрашност и храброст да го проповедаат Распнатиот и Воскреснатиот Христос пред тогашната Римска империја нека ни биде пример за тоа како и ние нашата вера да ја исповедаме пред сѐ во своето семејство, во своето соседство, а потоа и на другите простори каде што се движиме. Тие заради исповедањето на верата го дале и својот живот. Од нас никој не бара таква голема жртва и да Му благодариме на Бога што немаме такви искушенија.

Но, драги христијани не е доволно само формално да се нарекуваме христијани и формално да кажуваме дека припраѓаме на Македонската Православна Црква. Потребно е и да живееме според евангелските начела и прописите на нашата света Православна Црква. А тоа се состои во: посетување на светите богослужби во нашите цркви и манастири, постење, исповедање, причестување, славење на домашен празник, осветување на вода во секој христијански дом, да се крстиме, венчаме и покојните да ги погребуваме според прописите на Црквата, да ги извршуваме предвидените помени и парастоси, да не ги забораваме гробовите на нашите роднини и блиски, да ги почитуваме сите христијански обичаи што не се косат со учењето на Црквата, да живееме подостоинствено христијански живот, а за тоа да се молиме да ни бидат на помош во извршување на овие задачи светите апостоли Петар и Павле. Амин.“

После Божествената Литургија Владиката и свештенослужителите извршија Водосвет и го благословија и прекршија празничниот леб.

 

                                                                                                                               известува: ѓакон Димче Азески