Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Свечена академија во црквата на Света Софија во Охрид (15.07.2007)

Во рамките на програмата по повод одбележувањето на јубилејот на 14 јули (сабота) се одржа Вечерна богослужба во црквата на свети Климент Охридски на Плаошник. По завршувањето на богослужбата во 20.40 часот се одржа свечена академија во катедралниот храм на охридските архиепископи „Света Софија“.

 

                

 

 

На свеченоста во катедралата Света Софија присуствуваа членовите на Синодот на МПЦ, премиерот Никола Груевски и други претставници на Владата, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски, претседателот Бранко Црвенковски, поранешниот претседател Киро Глигоров, претставници на политички партии, градоначалници академици и други познати личности од јавниот живот.

 

Беседа одржа писаталот и амбасадор во УНЕСКО Јордан Плевнеш, кој истакна дека МПЦ всушност е како птицата феникс која се издигнува од пепелта.

 

„МПЦ денес прославува 40 годичен јубилеј, но таа би можела да одбележува 2000 години од кога светиоит апостој Павле дојде во Македонија и почна да го шири христијанството во Европа“, рече Плевнеш.

 

На свечената академија беа прогласени добитниците на Светиклиментовите одличја за особен придонес во остварувањето на мисијата и животот на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква.

 

Со одличја од прв ред се наградени Македонската православна богословија, митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, академик Цветан Грозданов, академик Петар Илиевски, Трифун Костовски, Глигорие Гоговски.

 

Од втор ред - митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј, Васил Влашки, Јоне Мишевски, Весна Таковска, Ѓорѓи Ристов, Раде Трајковски, Киро Камчев, Никола Матлиевски, Мите Јовановски и Мите Николов. Одличја од трет ред МПЦ им додели на Ден Дончев и Благоја Дојчиновски.

 

На свеченоста хорот „Свети Климент Охридски”, маестро Борис Трајанов и актерот Кирил Ристески имаа импресивна изведба на антологиската 1762 лето која говори за судбината на Македонската Православна Црква.

  


 

Слово на Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан на свечената академија по повод 40 години возобновена автокефалност на Македонската Православна Црква, одржано на 14 јули 2007 година во црквата Света Софија во Охрид

 

ПРОДОЛЖЕНО СПАСОНОСНОТО ДЕЛО

 

            Македонската православна црква, во оваа 2007 година, одбележува значајна годишнина. Со вечерашнава богослужба и духовната академија, како и со утрешната Божествена Литургија, молитвено и скромно го одбележуваме настанот од пред 40 години, кога, со донесената Одлука на Синодот, на 17, и со едногласното и еднодушно прифаќање на членовите на Црковно народниот собор на 18 јули, е прогласено возобновувањето на древната автокефалност на Охридската архиепископија, како автокефална Македонска православна црква.

            Гледајќи го тој настан од временска дистанца од четири децении, ќе речам дека - членовите на Синодот на Македонската православна црква од 1967 година и соборјаните на Третиот црковнонароден собор, донесле праведна и богоугодна, родољубива и црквољубива одлука! Со тој чин ја исполниле двовековната желба на македонскиот православен народ, желбата присутна во многу духовни, национални и културни активности и настани, но секогаш јасно нагласена и препознатлива, како желба и потреба да се истакне и потврди различноста во единството и соборноста во различноста со другите.

            Црквата не само што е неделива од животот на еден народ, туку таа, особено за нашиот, има незаменлива - водечка улога. Треба само малку да се погледне во минатото, па да се заклучи што имаме од тоа што ја имаме и што би немале кога истата не би ја имале!? Ако ја прелистаме историјата - што би ни останало од неа без црковната историја? Ако ја погледнеме старата книжнина - каква вредност и трајност ќе има таа без нашата црковна литература? Ако се загледаме во древната уметност и градежништвото - што би имале уметнички вредно без нашата црковна уметност и архитектура? И, конечно, што ќе имавме и што ќе останеше од нас без нашата Света Црква?! Токму таа наша Света Црква, Охридска и Македонска, длабоко присутна и вградена во нашето духовно и македонско паметење, била причина имајќи ја да чувствуваме дека имаме сѐ, а инаку - како што би рекол Прличев - без неа би биле сираци!

            Ниту раѓање, ниту умирање, ниту крштевка, ниту  свадба, ниту радост, ниту тага било за нашиот народ ако тоа не е со Црквата и во Црквата. Нашиот народ - и легнувал и станувал со вера во Бога, и со надеж во својата Црквата. И благодарение на таа приврзаност можеа да се родат такви охристовени личности во нашиот род: исповедници  и духовници,  бранители и чувари на верата наша православна. Заради љубовта кон неа многубројни беа оние што се бореа и жртвуваа за повторно да ѝ се врати славата и достоинството на древната Охридска архиепископија. Со исти чувства и со таква приврзаност кон Мајката Црква беа архиереите и сите учесници на Соборот од пред 40 години. На таа нивна вера и на таквата нивна оддаденост кон нашата св. Црква еве, вечерва, утре, но и во текот на оваа цела година, ним, но и на сите приврзаници на идејата за возобновување на автокефалниот статус на древната Охридска архиепископија - им оддаваме признание и им изразуваме неизмерна благодарност.

            Македонија е земја на подвижници и праведници, земја на вистинољупци и правдољупци - што заедно не прави земја на голем народ! Она што го поминавме и издржавме, нека ми е простено - можевме и можеме само ние - Македонците! - Девет века без сопствена држава, девет века робови и подвластени, девет века распнати, девет века, - цела вечност,  и пак живи и пак со Бога!

            Со Бога бевме и тогаш кога ни ги вадеа очите - и затоа гледавме. Бевме со верата, и затоа и тогаш кога глави ни сечеа - останавме простум. Имајќи ја Црквата, и тогаш кога бевме без ништо свое - преживеавме. И кога нѐ делеа и раселуваа - останавме единствени како народ... И штом дочекавме слобода, национална и државна - ја возобновивме таа наша Црква! А желбите и копнежите, обично, му се исполнуваат на оној кој верува во Бога, кој се надева во Него  до крај, и со трпение ја потврдува, а со смиреност, ја исповеда својата вера.

            Минатото поврдило дека туѓинци и поробители ништо добро не ни донесле, ниту направиле! Зарем можевме да очекуваме да ни ја возобноват Црквата оние кои ни ја уриваа и укинаа?! Затоа соборјаните од пред четири децении, слушајќи го гласот и молитвите народни, силно веруваа дека дошол мигот да се исправи неправдата и, во дадениот историски момент, да се донесе вистинската Одлука, со што се покажаа достојни чеда на својата Црква и далекувидни следбеници на нашите славни и доблесни претходници. Прашање е каков ќе беше и резултатот од референдумот за независна и суверена Република Македонија, во 1991-та, доколку ја немавме возобновено нашата автокефална Црква?!

            Но, тешко и горко на било кој народ и на секој поединец, кој на Црквата гледа само низ призмата на историјата. Затоа, по четиридеценициско слободно делување на нашата Света Црква, можеме да речеме - ги оправдавме надежите и вербата на учесниците на Соборот. Македонската православна црква, благодарение на својата возобновена автокефалност, создава нова епоха во својот летопис, покажајќи дека е вистинска и незаменлива мајка за сите свои чеда. Во овој период таа се погрижи не само за православните во Татковината, туку и за ширум по светот раселените македонски рожби. А нашиот народ е нашата најсилна гаранција дека сме на вистинскиот пат. Тој наш народ секогаш знаел и знае да оцени дали како пастири одиме по прав или по погрешен пат. И гласно знаел и знае - и да пофали и да укори!

            Во овие неизвесни времиња, преполни со неправди кон сѐ што е македонско, токму верата кај нашиот народ и довербата и поддршката на мисијата на нашата Света Црква помагаат да ги издржиме сите искушенија. А, за сите оние кои „при очи не гледаат и при уши не слушаат”, ќе речеме: не од 1967 година, туку уште од бегството на последните, божем,  духовници, кои беа дојдени во Македонија - не да шират вера и љубов, но национал-шовинистички планови и задачи, Автокефалната Македонска Православна Црква успешно се грижи на духовен план за својот верен народ. Тоа е толку очигледно, што не се обидуваат да го негираат ниту оние, кои се против автокефалниот статус на МПЦ.

            Чествувањето на годишнината не е само одбележување на времето што поминало, туку и, пред сè, истакнување на она што таа наша возобновена Архиепископија направила и прави за својот народ. И не само во овие 40 години! – Спасоносното дело што таа наша света Црква го имала и го има е најглавната смисла на нејзиното постоење.

Неблагодатна црква не раѓа духовно преобразени и охристовени личности. За Македонската Православна Црква веќе говорат и делата на блажените - Епископот Велички Гаврил (Светогорец) и монахот Јоаникиј од Ракотинци. Тие се најголемите наши духовни височини, што, заедно со другите светии од нашиот род ќе ги имаме до века, како молитвени застапници за нашиот народ, пред престолот на Севешниот Бог.

            Веруваме дека со Божја помош и преку нивното застапништво ќе се исполни оправданата надеж и на оваа, и на сите претходни генерации во изминативе скоро двеипол столетија, надеж дека Охридската архиепископија како Македонска православна црква ќе си го добие местото што го заслужува помеѓу останатите помесни православни цркви.

            Наше е да работиме, да ја градиме и надградуваме нашата Света Црква како Божја институција на земјата македонска и во душата на сите македонски рожби. Прославувајќи ја годишнината, ги повикуваме сите чеда на Македонската православна црква, каде и да живеат – на поголемо и поцврсто единство со Мајката Црква. Милоста Божја не знае за граници, затоа и љубовта на Мајката Црква достига до сите далечини и таа води грижа за секоја македонска душа по светот.

Нека ни е честита годишнината! Нека ни е вечна нашата автокефална Црква, Охридска и Македонска и, дај Боже, што поскоро да славиме како призната и прифатена од сите православни цркви. Амин!