Скапоценото пеликаново перце (28.07.2007)
Најистурените фронтови на културата
„Затворете ме во оревова лушпа и јас пак ќе бидам крал на бескрајот“.
Хамлет, Вилијам Шекспир
Вака рече најискрениот монах помеѓу принцовите...
Слободата не може да се укине. Исто како и трагата, слоењето низ времето на кое крајот не му се гледа. Ова е важно да го запомниме особено сега кога се соочуваме со илузијата на агностицизмот, кој им се спротивставува и на стварноста и на Бога. Да запомниме оти времето во кое сме е време на техничка редундантност и презаситеност од животот каков што ни се нуди. Лишени од сонот и од копнежот талкаме како сенки што себеси се обидуваат да се реализираат, дефинираат не преку размислувањето, креирањето туку преку баналноста на преживувањето. Во расчекор со себеси се препелкаме како риби на суво, напрегајќи се да ја проголтаме последната капка од калта во која сме до гуша избербатени, небаре така ќе успееме да дојдеме поблиску до визијата што ќе ни овозможи да се согледаме подобро. Луѓето во мигов на ова културно поднебје се во исчекување да бидат катапултирани од просторот во кој упорно и речиси безнадежно се обидуваат да се вкотват, да пуштат корен. Просторот што го живееме личи на чаша со ограничени капацитети, во која се собрале премногу капки со непотребни и неправилни стилски и значенски вежби, па сѐ изгледа задушно и понорно. Во вака делумно формулираните услови за постоење во Македонија, културата како фрагмент од општеството се обидува да ги потврди, воспостави и развива и дијахрониски и синхрониски, своите вредности и паметници.
Како да се вратиме
Едуаро Ерио вели: „Одредени сегменти од културата се она што останува кога сѐ ќе заборавиме“. А, таквите сегменти се оние што се поврзани со духовноста и со способноста на оние што во историјата, и онаа дамнешната и оваа поновава, актуелната, се наоѓале и се наоѓаат на најистурените фронтови на сето она што го означува поимот култура, а кои не загубиле речиси ништо од своето значење. Се трансформираат, се реформираат низ своето траење, следејќи ја динамиката на времето, но тука се да нѐ потсетат дека е можно да се има континуитет и во радоста и во болката и во тагата, само доколку е јасна целта.
Еден од најважните и најтешко остварливите аспекти на културата е артикулацијата на духовното, трајното, она што е наследство и кое не исчезнува, не замира, опстојува и тогаш кога општествената, државната апаратура не нуди услови за опстанок. Тоа е верата и сите нејзини симболички и фактички манифестации. Концептот за амнезија тешко може тука да се примени. Ја губи битката.
Во оваа земја низ вековите се покажа дека наследството што го остави Охридската Архиепископија, денес удостоена во Македонската Православна Црква, е навистина културен аеролит. Можеме да полемизираме за слабостите, грешките, за потребите и развојните аспекти, за нужноста од реформи, посовремен и подинамичен дискурс на обраќање во областа на креирањето и воспоставувањето на комуникацискиот проток, за трансформациите на мисијата, за практикувањето и скепсата во однос на почитувањето на христијанските императиви. Ваквите дебати ќе им ги оставиме на теолозите и експертите, но и на самите великодостојници, кои најдобро знаат што е грешка. Сепак, фактот е единствен. Во ова транзициско беспаќе по кое избезумено, без јасни патокази, чекориме симулирајќи ја остварената утопија на нови вредности, постои едно нешто што не би требало да подложи на фрактализација и што може да (о)стане потпорна точка во заборавената цел на култивирање на духот и на животот. Тоа се духовното и црковното наследство на ова тло, па колку и анахроно да звучи ваквата изјава. Како што велеше Жак Дерида, на деконструкција може да подлежи само она што е најтемелно конструирано и што остава видлива трага на маргините од историјата. Следствено... нашата одговорност е огромна кон ова наследство. Но и одговорноста на официјалните претставници на највисокото тело на МПЦ, како и одговорноста на сите пастири и богослужители е можеби уште поголема. Бидејќи сите парламентарци, политичари, партии се минливи, непотребни. Нивната приказна е минорна и неважна наспрема габаритноста на оваа приказна. Впрочем, сето она што ситниот минлив административен политичар ни го „краде“ од општествениот пејзаж би требало да го најдеме со спротивното, конструктивно лице на оние што ја одухотворуваат и практикуваат трајноста.
Ризоми
Деновиве МПЦ го прославува 40-годишниот јубилеј на своето осамостојување по Втората светска војна. Несомнено, значајно броење на времето. Сепак, не единствено. Зашто просветителската, раѓачка функција на Светителите што ова поднебје ги дало е вековна. И нашата одговорност кон нив би требало да биде вековна за нанапред. Дали ќе успееме да ги оправдаме нивниот влог и нивната мисија, ќе сведочи некој друг. Прославата се одвива како што се одвива, скромно и достоинствено, како што прилега. Станува неважно како е изрежирано, какви се сценаријата, каков е ПР-материјалот. Кога ќе застанеме пред фреските во „Св. Софија“, церемонијалниот аспект добива нова семантичка вредност, која ги отвора дверите на симболичкото и на трансцедентното. И под превезот на формалната прослава, размислувајќи за културолошките влијанија на она што ова наследство ни го остава, за вредносните, мисловните, моралните, па ако сакате и политичките консеквенции, се прашав што е тоа што можеби е најзначајното, особено во изминативе 15 години, а кое допрва ќе ја остава својата длабока и темелна трага во оваа култура. Можеби најважниот аспект на МПЦ, кој некако во рамките на оваа прослава беше занемарен, е возобновувањето и заживувањето на монаштвото и на манастирската арена за борба и реализација на личноста. Монаштвото е најсовесниот аспект што ризоматската природа на верата може да го понуди. Тоа е ткивото во кое може да го пронајдеме сето она за коешто погоре пишував.
Монашкиот молк
Фактот дека постои возобновено монаштво, кое допрва, се надевам, ќе биде артикулирано и општествено означено и верификувано, е факт за тоа дека е можно да постои јасна и прецизна структура, уредување што ќе нуди конструктивна слобода и праведност и дека е можно, сепак, и денес да се трасираат патишта што ќе ги промовираат принципите на заедницата и на солидарноста. Монаштвото во Македонија е она пеликаново скапоцено перце, толку кревко, а толку цврсто, кое ги опточува и испишува најубавите слики и асоцијации за она што е и за она што би сакале да биде. Загубеното во суровиот неолиберализам со сигурност може да се најде во манастирите, кои трпеливо нѐ очекуваат да ги откриеме, преку мисијата на монасите... Кој од нас може да се пофали со таква витешка посветеност!? Одразувајќи го погледот што ги набљудува, монашкиот подвиг е речиси гранично искуство за нас. Идејата дека некој некогаш се движи по рабовите на она што духот и светот го дефинираат како можно е исклучително важна, особено за едно „стадо“, како нашево, кое талка со речиси распарчен идентитет, кое бие битка со униженоста што ја прима од политичките квазипастири. И така, речиси недопирливи, а сепак многу тука, вкоренети, вкотвени длабоко во идејата за општествениот импулс, тие за Македонија стануваат можеби еден од највредните топоси што можат да се допрат со духот и кои можат да ја вратат надежта. Затоа на монаштвото во оваа земја треба да се гледа како на пророштво што ни претскажува конструктивна иднина и стратегиски важна приказна. Тие го испишуваат колективното писмо од овој народ за љубовта и пријателството, за копнежот по систем, за тоа дека падот во обезначеноста може да добие друго наличје, за тоа дека слободата е она што се создава во секој миг, со пот и макотрпно. Тишината што тие ја нудат како опција говори многу повеќе од вревата што ја живееме, и ги одѕвонува семантичките вредности на премолченото и на логореичната бесмисленост, која нѐ бомбардира во политиката, во науката, во медиумите, на универзитетите, во љубовта и на сите нивоа на размена. Мислата дека постојат и дејствуваат во оваа земја дава сила.
Искра Гешоска
Извор: „Време“, број 1134, 25.07.2007