Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Шести иселенички средби во тетовското село Одри (13.08.2007)

Во саботата, на 11 август 2007 година се одржаа шестите по ред Иселенички средби. Во 16 часот Неговото Високопреосвештенство Митрополит полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение на повеќе свештенослужители од Тетовското архиерејско намесништво, отслужи Вечерна богослужба во црквата на св. Никола во с. Одри.

По завршувањето на Вечерната богослужба, Владиката се обрати со пригодна проповед до многубројните иселеници од Америка, Канада и останатите од дијаспората, како и верниот народ од село Одри.

„Нека ни се на здравје и душевно спасение вечерните молитвени бденија отслужени во овој свет храм посветен во чест на св. Николај, еден од столбовите на светото православие, воздигнат на архиерејски трон поради неговото богољубие. Поради тоа ние честопати се потсетуваме на нашите Светии за да го оправдаме нашето постоење како православни христијани. Ние им се поклонуваме не само на Светителите туку им оддаваме и чест на нашите пречественици кои се потрудиле како духовно така и материјално да опстане нашиот богољубив македонски народ и да се сочува нашата Православна вера, верата на нашата Македонска Православна Црква.

Преку молитвите на сите Светии нека нè следи Божјиот благослов во сите денови во нашиот живот, сега секогаш и во вечни векови - АМИН.“

По Вечерната богослужба сите се упативме на свечената прослава организирана од нашите иселеници од Детроит, САД. Неговото Високопреосвештенство ги отвори шестите по ред Иселенички средби, по што додели благодарница на иселениците од Полог во знак на благодарност за нивниот придонес во признавањето на Македонската држава под нејзиното уставно име од страна на САД, како и за помошта во изградбата на голем број цркви и манастири во Македонија. Веднаш потоа Владиката ја благослови трпезата на љубовта приредена од иселениците од дијаспората. А потоа следеше богата културно-уметничка програма.

 

 

              

 

Известува: о. Синиша Ристовски