Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Вечерна бобогослужба во манастирот на свети Атанасиј во Лешок (23.08.2007)

Со Вечерната богослужба на празникот на Преображението Господово во манастирот на свети Атанасиј во Лешок чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. На Вечерната присуствуваа голем број верници. По вечерната богослужба во дворот на манастирот истата вечер се одржа етно-фестивал на кој присуствуваа голем број реномирани уметници од Македонија. Етно-фестивалот го отвори Владиката Кирил кој на присутните им се обрати со следниве зборови: „Браќа и сестри во Господа, се наоѓаме во предверието на големиот спасоносен Господов празник - Преображение Христово. Почнувајќи од вчера и денес на просторот од нашата татковина Република Македонија и на секаде каде што нѐ има, нашиот богољубив народ ја споделуваше радоста по повод празникот на АРМ. Од ова свето место, како чеда на Република Македонија испраќаме честитки и нашите молитвени благопожелби се да ги следи Божјиот благослов особено нашите мировници кои претставуваат гордост, а и олицетворение на македонскиот цар Самоил. 

Браќа и сестри, преку обновата на Охридската Архиепископија во 1967 година во лицето на Македонската Православна Црква и востановувањето на целосната државност на Македонија во 1991 го живееме нашето сенародно воскресение како македонски народ со сите други народности. Вечерва нашата радост е зголемена со овие ретки пријатни мигови кои ги доживуваме на просторот во ова наше тукушто возобновено светилиште. Радостите, празнувањата, фестивалите и јубилејните чествувања се убави пригоди, црковноста и македонољубието да ги потврдуваме преку добрите уметнички дела што ги создаваме со искрена љубов кон нашиот народ и Татковина. Од Бога сме создадени да правиме само добри дела зашто живеење без создавање на добри дела не е живеење. Како такви ние го претставуваме телото и душата на Р. Македонија. Осврнувајќи се секогаш на нашето славно минато, со гордост нагласуваме дека големиот наш воин Александар Македонски освојувајќи голем број простори стигнал дури до централна Индија. Денес, пак ние, неговите последователи, со Божја помош стигнавме до сите места од целиот свет. Како Архипастир кој 40 години сум во служба на Бога и својот народ, ќе направам голем грев ако со посебно задоволство не нагласам дека за остварување на овие возвишени црковно-народни идеали од пригодно значење е придонесот на македонските фолк ѕвезди и уметници со кои вечерва сме заедно. Господ ги надарил со ангелски гласови и тие беспрекорно се вградуваат во заедничките свети идеали како вистински македонски амбасадори. Имаме свет долг и завет да ги чуваме нашите обичаи и да го негуваме фолклорот, песната, орото македонско во кое се вградени безброј животи на млади македонски синови и ќерки. Преку ваквите песни го славиме Бога, ја славиме нашата татковина и Црква. Затоа вечно пејте Македонки, играјте Македончиња, радувајте се и секогаш спомнете си во песните и ората, во „Тешкото“, во „Комитското“, за Гоце, за Никола Карев, за Даме Груев, за Ченто за Панко Брашнаров и за сите кои ги дадоа своите животи на олтарот за народна и духовна слобода на родна и мила Република Македонија. Бидете од Бога благословени и вечна нека е радоста во вашите души и срца. Амин.

Потоа следеше сенародна веселба до вечерните часови.      

    

 

           

 

Известува: о. Синиша Ристовски