Монашење во манастирот на свети Спиридон, метох на Лесновскиот манастир (27.08.2007)
На ден 26.08.2007 година, во тринаесетатта недела по Педесетница (Оддание на Преображение; преподобен Максим Исповедник), Митрополитот брегалнички г. Иларион, заедно со свештеномонасите од Лесновската обител и свештениците и ѓаконите од Брегалничката епархија отлужи Света Архерејска Литургија во манастирот на свети Спиридон Чудотворец, метох на Лесновскиот манастир.
По отпустот на Првиот час пред Светата Литургија, Митрополитот г. Иларион изврши потстриг во расофорен чин на искушеничката Лилјана и ѝ го даде монашкото име Серафима.
На Светата Литургија Митрополитот г. Иларион во својата беседа кон многубројниот народ кажа: “Ние денес ја исполнивме желбата на нашиот Старец, епископот Велички Гаврил Светогорец; тој во 1986 година собрал 5 сестри и сакал да го обнови монашкиот живот во овој манастир, но поради ангажираноста во реконструирањето на Лесновкиот манастир и упокојувањето во Бога не успеал да го обнови манастирот. Но, сепак денес ние по неговите молитви и Божјата помош успеавме прво да го реновираме манастирот, а од денес и да се замонаши нашата сестра Серафима - после 110 години од разрушувањето на овој манастир - и со ова овој манастир ќе е нов жив манастир на нашата Македонска Православна Црква.” Митрополитот исто така на многубројниот народ му објасни што преставува монахот во овоземниот живот: “Тој се моли за сите луѓе, се труди, работи за манастирот и луѓето и се стреми кон вечен живот...”
По Светата Литургија, свештенослужителите со многубројниот народ и Митрополитот пристапија кон трпезата на љубовта, приредена во чест на нашата сестра Серафима.
известува: ѓакон Саше Ристов