Vesti i nastani
 
 
 
 
 

На празникот на Успението на Пресвета Богородица во манастирот на свети Атанасиј во Лешок (30.08.2007)

Воочи празникот на Успението на Пресвета Богородица, Вечерна богослужба отслужи Неговото Високопреосвештенство Митрополитот полошко-кумановски г. Кирил во сослужение на повеќе свештенослужители од Богодаруваната ни Епархија.

На самиот ден посветен на Успението на Пресвета Богородица во нововозобновената манастирска црква на свети Атанасиј во Лешок се отслужи Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше надлежниот епархиски архиереј г. Кирил. На Светата Литургија пееше реномираниот женски хор „Менада“ под диригенство на маестро Ивица Зориќ. На Литургијата присуствуваа голем број верници не само од Македонија туку и од други земји од светот. Како и секогаш, Митрополитот до многубројниот народ се упати со пригодна и спасоносна проповед:

 

„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин! 

Денеска го прославуваме големиот православен христијански празник на Успението на нашата духовна заедничка Мајка - Пресвета Богородица. Почнувајќи од вчера преку отслужената Вечерна богослужба, па и денес, драги браќа и сестри, а којзнае по кој пат, со најголема молитвена побожност се поклонивме пеејќи ги црковните песни во слава на Успението на Пресвета Богородица. Но, спасителното Воскресение и Успението на Пресвета Богородица се силна порака до нас христијаните дека за нас нема смрт, ами вечноста е вечност. Зашто тука на земјата го живееме нашиот овоземен живот, а потоа кога ќе се исполни времето ние ќе се најдеме воскреснати во прегратките на нашата духовна Мајка, Пресвета Богородица.

Пресветата Мајка со својот живот ни го покажа патот на верата и добродетелите, кој води кон небесното живеалиште. Навистина е тешко да се оди по тој пат на доброто и правдата, но само тој води кон вистинскиот блажен живот. 

Пресвета Мајка Богородица молитвено нека нѐ закрилува под нејзиниот свет омофор!“

Потоа следеше сенародна веселба како и трпеза на љубовта.

 

 

                    

 

известува: о. Синиша Ристовски