Чествување на патрониот празник во манастирот на св. Јоаким Осоговски (31.08.2007)
Во предвечерјето на големиот Богородичен празник Успение на Пресвета Богородица, со вечерна богослужба започна големиот сенароден собир во манастирот на свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка. Утредента на 28.08.2007 беше отслужена Божествена Литургија во присуство на голем број верници. Преку целиот ден како река се слеваше народ од сите страни, за во 18:00 часот да го пречекаме и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г.Кирил, кога беше и отслужена вечерна богослужба во чест на св. Јоаким Осоговски. Набргу црквата стана претесна за верниците кои дојдоа на поклонение на моштите на Св. Јоаким Осоговски, а и црквата посветена на Рождеството на Пресвета Богородица беше преполна, а верниците во редици чекаа да земат вода од источникот. Цела ноќ низ целиот манастирски комплекс беше преполно со народ, сè до изутрина кога започна утринската богослужба и Света Литургија со која чиноначаствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г.Кирил, кој на овој ден ја отслужи првата Света Архирејска богослужба во овој манастир точно пред 40 години, во далечната 1967 година. За време на Литургијата Неговото Високопреосвештенство произнесе пригодна беседа:
„Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух, драги браќа и сестри во Господа, христијани и христијанки, имајќи ја Божјата милост, почнувајќи од вчера, бидејќи на тоа нè упатува и книгата на вечноста, Библијата, па и денес со најголема молитвена побожност, се поклонуваме пред светителскиот лик, пред гробот, пред светите мошти на големиот чудотворец св. Јоаким Осоговски. Реков почнувајќи од вчера, затоа што во Библијата, во првата книга Мојсеева, кога Господ го создал светот стои: И беше вечер и беше утро, ден први.
Еве точно на овој ден го прославуваме светиот отец наш Јоаким Осоговски Чудотворец. Земниот живот св. Јоаким го живеел во 11 век од овоплотувањето на Спасителот Наш Господ Исус Христос.
Уште од својата рана младост се откажал од овоземните убавини и богатства и заедно со св. Прохор Пчински, св. Гаврил Лесновски и св. Јован Рилски, се посветиле да го поминат животот во пост и молитва и преданост на Бога. Тие твореле постојано против злото, другарувајќи со Бога, со св. Мајка Богородица, ангелите и светиите. На тој начин сè повеќе духовно се усовршувале и пристанувале поблиску до Бога.
Господ, св. Јоаким Осоговски за неговото повеќедецениско подвижништво го овенчал со ореолот на вечноста и со светителска чудотворна и исцелителна моќ. Сите што искрено пристапуваат пред неговите телесни свети мошти, ја наоѓаат својата утеха.
Тој е голем молитвеник, пред Бога, пред Света Марија Богородица, за нас, за нашиот богољубив народ, а пред неговите свети мошти, како што рековме се случуваат и ќе се случуваат безброј чудеса.
Затоа нашиот богољубив народ со посебна љубов доаѓа во овој наш свет храм, а и не само тука туку и во дијаспората, каде што во последно време се изградени голем број цркви и манастири кај нашите браќа и сестри, Македонци и Македонки, кои живеат во САД, Канада, Австралија, па и во Западно-европските земји.
Оваа година, ова 2007 лето Господово, е од особено значење за верните македонски чеда, без разлика каде и да се: по сите меридијани од земјината топка. Сите овогодишни верски празнични чествувања ги збогатуваме и со значајни содржини со што со радост го истакнуваме и 40-годишното творештво и растеж на нашата возобновена древна Охридска Архиепископија како автокефална Македонска Православна Црква.
Браќа и сестри во Господа,
На 17 и 18 јули 1967 година, во нашиот древен Ерусалим, во Охрид ја исправивме големата историска неправда од 1767 година, кога неканонски беше укината нашата древна Охридска Архиепископија. Со историската одлука на Светиот Архиерејски Синод потврдена од Црковно-народниот Собор ја вративме духовната слобода на нашиот народ и правото на полно црковно живеење и творење, и во татковината и во дијаспората.
Со тој чин им ја вративме честа достоинството и гордоста на нашиот род, на нашата Татковина и на нашата Света Црква со апостолско преемство. Со тоа како народ и како Света Црква ги спознавме подобро нашите длабоки корени.
Сите ние, заедно, особено нашите еднородни браќа и сестри во дијаспората, во САД, Канада, Австралија и европските земји, без обновата на Мајката Црква, големо е прашање колку ќе бевме познати и препознати и како народ на тие простори. Новоизградените цркви во дијаспората ни помагаат да се покажеме и да се потврдиме и таму како народ на верата, народ на Бога, кој во минатото создавал трајни епохални дела. Црквата се потврди дека е најсилната обединувачка духовна и сенародна сила.
Во нашето големо црковно-духовно и сенародно дело се вградувале голем број на беспоштедни делатели, борци и поборници за народна и духовна слобода, светители и маченици. Голем е бројот на плејадата македонски молитвеници, просветители и учители кои на нас и на светот му дарувале бесмртни епохални дела. На највисок пиедестал се воздигнати рамноапостолите светите Кирил и Методиј и нивните најнадарени ученици св. Климент и Наум охридските чудотворци. Меѓутоа, сè уште некои негаторски се однесуваат кон сè што е светомакедонско: и Црква и нација и земја. Но да Му благодариме на Бога што успеавме да ги ослободиме нашите од други затрупани вековни корени.
Браќа и сестри во Господа,
Требаше да изминат 240 години од кобниот историски настан кога во 1967 година беше пресечен крвотокот со цел да престане да пулсира нашата древна и славна Охридска Архиепископија. Но, Господ ни помогна и нè умудри та успеавме и дочекавме пред 40 години да ја обновиме Охридска Архиепископија, олицетворена во денешна света МПЦ. И еве на крајот доживеавме, од страна на нашата актуелна македонска Влада и македонскиот Парламент, да бидеме обрадувани со големиот прекрасен јубилеен поклон, меѓу други празници и чествувањето на празникот Голема Богородица да биде прогласен за неработен ден. Навистина ваквите радосни настани се своевидно големо Божјо чудо и голема награда за нашиот богољубив народ.
Уште еднаш да нагласиме: без обнова автокефалноста на нашата Света Црква не ќе можевме да зборуваме за импресивните резултатни постигања на нашата Света Црква во Татковината и во дијаспората. Затоа денес сите ние каде и да сме следејќи го примерот на нашите доблесни предшественици, проникнати со милост и доверба, ќе треба уште поенергично да продолжиме искрено да дејствуваме збиени околу стожерот на нашата Татковина и нашата Света Црква.
Во Библијата сме од Бога овенчани; од Бога сме создадени да живееме и да твориме добри дела, та она што е од Бога создадено да твори, и да опстојува – ќе твори ќе опстојува и ќе живее сè додека векот векува и светот светува. Должни сме, преку пораките и светоста на нашата Мајка Црква да ја сочуваме вечноста на македонскиот род, на Македонија и сè што е светомакедонско.
Господ на мирот и на љубовта, преку молитвеното застапништво на Пресвета Мајка Богородица, на Свети Јоаким Чудотворец и на сите Светии, да биде со сите нас сега и секогаш и низ сите времиња и вечност. А М И Н !“
По завршувањето на Литургијата, беше извршен Водосвет и сечењето на славските колачи. По моја слободна проценка во овие три дена манастирскиот комплекс го посетија околу 35.000 посетители.
Известува о. Александар.