Осветување на нова црква на света Петка во с. Враништа, струшко (16.09.2007)
На 16 септември 2007 година, на празникот на светиот свештеномаченик Антим епископ Никомидијски, Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј ја освети црквата посветена на светата маченичка Петка Римјанка во с. Враништа – Струшко архиерејско намесништво. Чинот на осветувањето Владиката г. Тимотеј го изврши во сослужение на: архимандрит Нектариј, протоереј-ставрофор Илија Танаскоски, протоереј Темелко Донески, свештениците Зоран Попоски, Петре Бојчиноски, Ристе Наумоски, Игор Никовски, и ѓаконот Димче Азески.
Почетокот на изградбата на црквата на света Петка Римјанка е пред шест години, во 2001 година, кога од страна на Владиката г. Тимотеј беше осветен камен темелникот. Изградена е во центарот на Враништа, веднаш до патот што ги поврзува Струга со Дебар. Ктитори на црквата се верниците и црковниот одбор од с. Враништа, на чело со парохискиот свештеник Ристе Наумоски. Проектант на црквата е г. Петко Груевски. Фреските и иконите на иконостасот ги изработија Васе и Тони Чурковски од Струга, а резбаниот иконостас е дело на г. Никола Костоски.
На чинот на осветувањето беа присутни голем број на верници од Враништа и Струшко, на кои Владиката после завршувањето на чинот на осветување на храмот, на Светата Литургија им се обрати со пастирска беседа во која говореше за прочитаното литургиско неделно евангелие, т.е. за параболата за доаѓањето на Синот Човечки на земјата (Матеј 25, 14-30) и поделбата на талантите на своите слуги, за духовните дарови кои ја красат душата на сите луѓе на земјата како разни скапоцени камења што го красат телото, и кои едни луѓе ги умножуваат двојно и духовно се обогатуваат, а други, пак, ги закопуваат и духовно осиромашуваат... Во Царството Небесно влегуваат оние кои со своето активно работење ги умножуваат своите духовни способности... Затоа... да се трудиме за време на нашиот живот даровите и талантите што ни ги дава Бог, да ги умножуваме ако сакаме вистински христијански живот, а не со лажење и преправање да се оправдуваме и воедно себеси да се залажуваме.
По завршувањето на Светата Литургија и прекршувањето на празничните лебови, црковниот одбор за сите присутни верници приреди општа веселба и богата трпеза.
известува: свештеник Игор Никовски