Осветување на новоизградената црква на свети Архангел Михаил во село Подбреѓе, тетовско (09.10.2007)
На 7 октомври (недела) 2007 лето Господово, на празникот на Соборот на македонските светители, од страна на надлежниот епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, а во сослужение на поголем број на свештенослужители, од тетовското и од гостиварското архиерејско намесништво, во прекрасното и живописно село Подбреѓе беше извршен свечениот чин на осветување и евангелисување на новоизградената црква посветена на свети Архангел Михаил.
По торжествено организираниот пречек, на самиот почеток на овој свечен чин, следеше пригодно обраќање од страна на парохискиот свештеник отец Дарко Наумоски до Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил и до присутните поклоници и жителите на ова прекрасно село, како и поздравно обраќање до почитуваниот Владика, од страна на г. Боро Ѓорѓески, како потпретседател на Црковниот одбор, а воедно и во име на сите жители на ова живописно тетовско село.
По трократниот опход околу оваа новоизградена црква, беше извршено и јавно наддавање – лицитација, на црковниот дрвен клуч и црковниот дрвен чекан. Црковниот клуч ѝ припадна на г-ѓа Ленче Петровска заедно со нејзините две прекрасни ќеркички Марија и Ангела, кои на црквата на Свети Архангел Михаил ѝ подарија 25.000 денари, додека црковниот чекан му припадна на г. Југослав Живковски, кој пак на оваа црква ѝ подари 15.000 денари. Сите овие дарувани парични средства ќе бидат наменети за потребите на оваа новоизградена и новоосветена црква.
На овој свет чин присуствуваше и градоначалникот на општина Јегуновце, г. Тони Коцески, кому му беше дадена честа да го запали за здравје на сите прекрасното престолно кандилце. По чинот на осветувањето на новоизградената црква беше отслужена Света Литургија, а потоа беа доделени голем број на благодарници на најзаслужните верници, кои дадоа сѐ од себе за да се реализира ова богоугодно дело, меѓу кои голем број се наши иселеници во Европа и САД. А потоа беше приредена богата, братска трпеза на љубовта.
Во своето обраќање до присутните верници, кои ги имаше во навистина голем број, од кои многумина беа пристигнати и од градот Тетово и од соседните тетовски села, па и од пошироко, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил меѓу другото рече:
„Мојата архипастирска душа е исполнета со безгранична духовна радост и уште поголема патриотска гордост, што еве вие, домаќините од Подбреѓе, иако малку на број, сепак многу сте силни по дух, на што е потврда ова дело, кое го создадовте. Господ тие што најмногу ги милува, тие што највеќе ги сака, нив ги повикува да станат сторители на нешто најсвето, на нешто највозвишено, а нема ништо посвето и повозвишено од тоа да се изгради дом за Бога, да се изгради свет Божји храм.
Со изградбата на ова свето дело, на оваа црква посветена на светиот Архангел Михаил, вие си помогнавте и не само вие, туку сите идни поколенија од вашите лози, имињата на сите вас, со златни букви да бидат запишани во Книгата на вечноста. Затоа нека сте благословени и преблагословени пред Бога вечно, сите вие, коишто на овие простори Господ ве насадил, повеќе од илјада години, и коишто од самиот почеток бевте иницијатори, и не пожаливте ни време ни труд, ни материјални средства, за да се вградите во создавањето на ова свето дело.
Јас, како ваш епархиски архиереј, сум од среќен посреќен, што токму во оваа година, кога се навршуваат 40 години од обновувањето на древната и славна Охридска архиепископија, во лицето на нашата Светиклиментова Македонска Православна Црква и кога со Божјо провидение и јас како архипастир, исполнувам 40 години во служба на Бога и на својот верен христољубив народ, заедно со браќата свештеници; еве и преку ова огромно, создадено ваше дело, на бесмртниот сенароден Светиклиментов ѓердан, ќе поставиме уште еден драгоцен, брилијантен камен, кој ќе светлозрачи, а со тоа да светлозрачите и сите вие во вашиот живот“.
Инаку тетовското село Подбреѓе се наоѓа на потегот помеѓу селата Јанчиште и Јегуновце, од левата страна на реката Вардар, на надморска височина од 395 м. Ова село во турскиот период било градска населба во Долни Полог, и било место каде што имало касапница, бањи, ќерамидница и црква, за коишто постојат и монументални и пишани археолошки сведоштва. Најстарите податоци за постоењето на ова село датираат уште од 1321 година. Денес ова прекрасно тетовско село брои околу 30 куќи и 180 жители, сите православни Македонци.
Подготвил: свештеник Жарко Мицковски, професор