Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на новоизградена црква во тетовско (11.10.2007)

Во четвртокот, на 11 октомври 2007 година, на денот на востанието на Република Македонија, на празникот на преподобен Харитон Исповедник, во потшарпланинското село Теарце беше осветена новоизградената црква, посветена на светиот великомаченик Димитриј Солунски. Чинот на осветувањето го изврши надлежниот епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение на поголем број свештенослужители од тетовското и од гостиварското архиерејско намесништво.

По повод свечениот чин на осветување на црквата, пригодно обраќање до надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, одржа парохискиот свештеник протоереј – ставрофор Димитрије Крстески, кој меѓу другото рече: „Теарце во моментов има 240 православни семејства, а околу 300 семејства водат потекло од ова село а сега се наоѓаат во дијаспората, каде што се активни делатели во нашите цркви во Американско-канадската, Западноевропската и Австралиско-новозеландската епархија. Тие зедоа учество и тука и бараа осветувањето да се изврши во оваа јубилејна година, кога се навршуваат 40 години од возобновувањето на древната и славна Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, како и Вашиот личен јубилеј, 40 години активна архиерејска служба. Ја користам оваа прилика, од свое име и од името на сите тука присутни, да Ви го честитам и црковниот и Вашиот личен јубилеј.

Ваше Високопреосвештенство, Ве молиме, осветувајќи го овој храм да ги благословите Теарчани.

Воедно ги повикувам сите оние, кои помогнаа ова дело да стаса до осветување, да продолжат и понатаму да одат кон добри дела и да ги творат истите“.

Од името на Црковниот одбор, на почитуваниот Дедо Владика, топло добредојде му посака г. Петко Ѓорѓевски, кој направи и една ретроспектива на активностите кои доведоа од идеја до реализација на ова богоугодно дело. Тој меѓу другото рече: „Верниците од Теарце уште во раните 90-ти години дојдоа до сознание дека постојната црква на свети Никола во средиште на селските гробишта не ги задоволува нивните потреби, пред сѐ за свечени и радосни моменти. Веќе во 1999 година започнавме со реализација на идејата, која што претходно беше во зародиш, и во центарот на селото поставивме камен-темелник за изградба на овој велелепен храм, на простор кој уште пред 100 години е даруван за изградба на црква. По осум години напорна работа, Вие сте сведок и учесник, на крунисувањето на ова наше заедничко грандиозно дело, како дел од меморијалниот комплекс, посветен на нашиот преродбеник, Теарчанецот, игумен Кирил Пејчиновиќ.

Ја користиме оваа прилика да им заблагодариме на сите дарители од татковината и надвор од неа, кои широкоградо ја помогнаа изградбата на оваа света црква“.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, беше восхитен од прекрасниот изглед на новоизградената црква и воодушевен од срдечното и топло добредојде, укажано од богољубивите и гостољубивите Теарчани. Тој на нив и на многубројните присутни верници им го честита осветувањето на новоизградената црква, како и Денот на востанието на Република Македонија и им ги пренесе поздравите упатени од нивните роднини и пријатели, кои живеат во САД, во космополитскиот град Детроит, каде што има окулу 40 000 православни Македонци, како и од градот Винзор. Воедно, не изостави да им го честита претстојниот празник Рамазан Бајрам на сите припадници на исламската религија, кои живеат во тетовскиот крај и пошироко.

На извршеното јавно наддавање, Лазар Ѓорѓевски, ученик во IV година во гимназијата „Кирил Пејќинович“ во Тетово, за црковниот клуч, на црквата ѝ подари 50 000 денари, а за црковниот чекан, г. Сашо Серафимовски на црквата и подари 10 000 денари. Тиа заедно го запалија и прекрасното престолно кандилце, за здравје и спасение на сите.

По извршеното осветување, во  црквата на светиот великомаченик Димитриј беше отслужена Света Литургија и беше приредена богата братска трпеза на љубовта.

           

    

 

подготвил : свештеник Жарко Мицковски, професор