Беседа на Митрополитот полошко-кумановски г. Кирил одржана на осветувањето на црквата на свети Атанасиј во с. Лешок (14.10.2007)
Да им благодариме на Бога и на Пресвета Богородица што ја имаме нивната милост, па денес се собравме вака бројно во ова древно манастирско светилиште, за да го извршиме осветувањето на обновениот манастирски храм Св. Атанасиј, кој беше до темели разрушен во 2001 г.
Исполнети со ретки чувства од двојната радост, заради годишнината на Македонската Православна Црква којашто ја чествуваме и осветувањето на обновениот храм, во својство на надлежен епархиски архиереј на Богомдарованата ни Полошко-кумановска епархија, со архипастирска радост и најискрени братољубиви чувства на голема почит и евангелска љубов, искажувам особена благодарност кон сите кои помогнаа во обновата на храмот, а посебно кон Агенцијата за реконструкција при Европската Унија од која беа обезбедени најголемите парични средства.
Денешниов настан е со големо историско значење за нашата Света Црква и за нашиот благороден народ, бидејќи осветувањето и на овој храм, покрај другите многубројни осветени и што ќе бидат осветени во текот на годината, по Божјо провидение, се во чест на 40 годишнината од возобновувањето на автокефалноста на славната Охридска Архиепископија олицетворена во нашата Светоклиментова Македонска Православна Црква. Денешниов настан го разбирам и како милост Божја кон мене, зашто осветувањето на обновениот манастирски храм се совпадна во годината кога исполнувам 4 децении од архипастирската служба на Бога и на својот верен православен народ.
Во ова од Бога дарувано 2007-мо лето Господово му се радува македонскиот род, и овде во Татковината и насекаде каде што нѐ има, особено во демократските САД, во Канада, во Австралија, како и на просторот од Европа и на Балканот. Со обновата на нашата Света Црква, во 1967 година, го доживеавме нашето црковно и духовно воскресение, кое ни помага да имаме полно слободно македонско живеење и создавање.
Денес, собрани бројно на овој прекрасен подшарпланински лешочки манастирски комплекс, проникнати со вера и љубов во семоќниот Бог, се радуваме на целосното возобновување на овој древен манастирски храм. Со чинот пак, на денешново осветување, по молитвите на св. Атанасиј Велики му ја враќаме неговата улога од пред 2001 година. Тоа значи овде, кај сите што сме собрани, во името на Божјиот мир, правдата и демократијата, се покажа на дело нашата грижа да се сочува културно-историско наследство, создавано со столетија, а со тоа ја потврдивме нашата вера во Бога и нашето живеење со Бога, како и нашата заедничка подготвеност да се бориме и избориме да зацари толку посакуваниот мир и благосостојба на просторот од нашата Татковина, како и меѓу сите мирољубиви и правдољубиви народи и земји во светот.
Надградувањето во областа на културата, и просветата, како и запазувањето на традициите, обичаите културно-историското наследство, се од особено значење за секој народ. Република Македонија и Македонската Православна Црква, имавме и имаме вистински разбирач на духовните и културните вредности во лицето на ЕУ, а особено потврдени во ангажирањето на Негова екселенција амбасадорот г-дин Ерван Фуере. Тој при една пригода ланската година, ќе парафразирам, ни порача: Една држава и еден народ ако не си ја негуваат традицијата, историјата и не ги чуваат создадените културно-историски знаменитости и богатства, таа држава и народ немаат иднина!
Ние, во Македонска Православна Црква, потпомогнати од специјализираните институции се трудиме во границите на можностите да го зачуваме сѐ што е создавано со столетија на овие простори, бидејќи само така ќе придонесеме во збогатувањето на општочовечката културна ризница. Македонија била и останува земја украсена со вредности создавани во сите периоди од човечкото цивилизациско творење на нашите простори.
Господ нека нѐ вдахновува и умудрува да растеме само во доброто! Повеќе да градиме, а не да уриваме! Да градиме цврсто единство и вистински мир и слога, љубов и разбирање, бидејќи сите сме еднакви пред Бога, без разлика на националната, верската, или расната припадност. Затоа, како што сонцето над Македонија подеднакво не грее сите така и македонската земја треба подеднакво и да ја сакаме и почитуваме!
Спасителот ни порачува: мир ви давам, мир ви оставам да се љубите еден со друг и дека по тоа ќе ве познаат сите дека сте мои чеда, ако имате љубов помеѓу себе.
Од денес, повторно со сиот сјај засветли уште едно големо манастирско светилиште чии темели датираат дури од 6 век. Со неговата обнова тој повторно постана видливо манастирско небо на ова парче македонска земја. Затоа и се радуваме и веселиме духовно, упатувајќи пофални песни кон Бога и благодарност кон сите вас добродетелите! Нека се вечно благословени и преблагословени имињата на сите кои што се вградија во обновата на овој велелепен храм.
Дај Боже, само врз цврстите основи на нашето славно минато да ја градиме иднината на нашиот богољубив народ, на нашата држава и на нашата Света Црква. И да не заборавиме: нашата сила нека биде во нашето единство, во меѓусебното разбирање и толеранција и во придобивањето на вистински пријатели во светот. Да создаваме и да негуваме пријателство со сите! Да го чуваме туѓото како своето, за да го чуваат нашето како нивното!
Му благодариме на Бога, и на сите што помогнаа од купиштата камења повторно да го воздвигнеме овој величествен Божји храм на Лешочкиот манастир.
Господ на мирот и на љубовта нека биде со сите нас, сега и во сите времиња!
Нека ни биде честит и вековит новоосветениот манастирски бисер, нанижан на бесмртниот светоклиментов гердан, а по повод 4 децениската радосна годишнина на нашата Света Црква. АМИН!
Господи, нека биде благословено Твоето име - отсега и до века. АМИН!