Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осветување на црквата света Петка и света Недела во Тетово (01.11.2007)

Вчера, на 28 октомври 2007 лето Господово, на празникот на преп. мч. Лукијан Антиохиски и преп. Ефтимиј Нови, на патерицата на Петковден, во населбата Колтук во Тетово, беше извршен чинот на осветување на новоизградената црква посветена на св. Петка и св. Недела.

Чинот на осветувањето на оваа новоизградена црква во Тетово го изврши надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение со повеќе свештенослужители од Тетовското и од Гостиварското архиерејско намесништво.

Поројниот дожд што паѓаше уште од изутрината, за кој Владиката рече дека претставува бериќет, како и облачното време, не успеаја да ги спречат многубројните верници кои пристигнаа од градот како и од тетовските села и пошироко, молитвно да го проследат овој несекојдневен и свечен чин, со голема љубов кон Бога и Неговите светителки, св. Петка и св. Недела.

Воодушевувачки и несекојдневен настан беше начинот на кој што вредните, богољубиви и христољубиви Колтучани му укажаа срдечно и топло добредојде на својот возљубен Владика. Покрај богатиот тетовски фолклор, манифестиран преку старата тетовска носија, во која беа облечени неколку девојки и момчиња, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, патот од пред старата црква на св. Никола  па сѐ до новоизградената црква на св. Петка и св. Недела го изоди чекорејќи по патека од бело платно, меѓу шпалирот од верници кои нестрпливо и со љубов просеа негов благослов. Оваа свечена и торжествена глетка беше вистинска праслика на Господа Исуса Христа меѓу своите верници, како извор на секоја духовна чистота и љубов, а Кој за Себе рекол дека е Патот, Вистината и Животот. Благословен е Кој доаѓа во името Господово!  Пригодно обраќање до Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, како и кон верниците, одржа старешината на црквата на св. Никола Чудотворец - архиеп. Мирликиски, протоереј-ставрофор Ратко Миланоски кој рече: „Господ нѐ удостои во третиот милениум после 82 години, во Тетово да изградиме прекрасна црква посветена на св. Петка и св. Недела. Секоја генерација не е удостоена од Господа да изгради црква.

Црквата е убаво стокмена, како небеско катче на земјата. Со прекрасните кубиња го плени погледот и го стоплува срцето на посетителот. За секоја чест и восхит е што вредните мајстори што ја изградија оваа црква, се од нашата парохија.

Со нејзиното осветување оваа новоизградена црква ќе расцвета како букет цвеќе за да го украси 40-годишниот јубилеј. Овој јубилеј е и Ваш, Ваше Високопреосвештенство, бидејќи се навршија 40 години од вашата хиротонија за архиереј, и изминаа 40 години од потпишувањето на историската одлука за обновување на древната и славна Охридска Архиепископија, во лицето на Македонската Православна Црква. Оваа историска одлука 

Вие ја потпишавте со вашата архипастирска десница и сведочите за неа како жив сведок, како град што се наоѓа на врв планина. Почестени сме и радосни што се нанижавме во прекрасниот синџир и сме една украсна алка од синџирот железен, со златни букви навезен.

Ваше Високопреосвештенство, дојдовте во прекрасното Тетово, во нашиот полошки Сион, во нашиот Ерусалим, во скромната населба Колтук. Колтук е коренот на Тетово. Зборот „ колтук“ доаѓа од турскиот збор „мишка “. Над таа мишка е силното рамо, кое изградило пет цркви во Тетово, како шумски јагоди покрај реката Пена.“

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, им се заблагодари на гостољубивите и богољубиви домаќини, упатувајќи им пофални зборови за восхитувачки убавото дело, како и до сите оние кои што се вградиле себеси во ова велелепно црковно здание, преку донирањето на финансиски средства за помош на градбата или на било кој друг соодветен начин.

За време на трократниот опход при чинот на осветувањето, во оној момент кога се спомнуваат покојните верници, Владиката ги повика сите присутни верници на заедничка молитва за покој на душата на трагично загинатиот пејач, мега-ѕвездата Тоше Проески.

Потоа беше извршено и јавно наддавање на кое тетовските брат и сестра Далибор и Далиборка Христовски, за дрвениот црковен клуч и дрвениот чекан, на новоизградената црква ѝ подарија вкупно 1000 евра. Истите подоцна беа удостоени да го запалат прекрасното црковно кандилце.

На крајот на овој свечен чин, за сите присутни верници, беше приредена трпеза на љубовта и на заслужните верници им беа врачени благодарници.

Новоизградената црква на света Петка и света Недела се наоѓа во непосредна близина на црквата посветена на  свети Никола Чудотворец - архиеп. Мирликијски, лоцирана од нејзината западна страна. На тоа место во минатото постоел мал параклис посветен на преподобна Параскева, кој бил изграден од камен и имал сламен покрив. Не е познато од кога точно датирал овој стар параклис.

 

подготвил: свештеник Жарко Мицковски, професор