Архиерејска Божествена Литургија во Лондон (19.11.2007)
На денот на Св. Јоаникиј Велики, 17 Ноември, 2007 Лето Господово, Митрополитот Европски Г. Пимен за прв пат отслужи Архиерејска Божествена литургија во Лондон, Велика Британија. На истиот ден се одржа собрание на кое се избра црковниот управен одбор на Македонската Православна Црковна Општина Свети Архангел Михаил и Сите Ангели - нов почеток за оваа мала богољубива заедница.
Пристигна Владиката. Радост неизречлива. Насмевката ти го стоплува срцето. Одекнуваат зборовите: Кој влегува низ вратата, пастир е на овците; нему вратарот му отвора и овците го слушаат гласот негов, и тој ги вика своите овци по име... и овците одат по него, бидејќи му го познаваат гласот негов; а по туѓ човек не одат, оти гласот на туѓиот не го познаваат (Јов.10,2-5). Возглавени од нашиот Пастир, заедничаревме во она Благословено Царство на Отецот, Синот и Светиот Дух. Хорот пак, кој Господ го собра од краиштата на земјата (Македонија, Англија, Грција, Романија, Франција), одговарајќи на повеќе јазици, дополнително сведочеше за нераскинливото единство на Црквата...
Како што некој рече на собранието, денес навистина е историски ден за многумина: најнепосредно за нас кои овде битиствуваме, потоа за епархијата од која станавме дел, а секако и за Македонската Православна Црква која конечно си ги прибра своите чеда во мајчинските прегратки.
известуваат:
Марија Стефановска, Борче Китанов