Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Честитка на премиерот Груевски до сите православни верници по повод Божикните празници (06.01.2008)

Интегралниот текст на Божиќната честитка која што претседателот на Владата на Република Македонија м-р Никола Груевски ја упати до Неговото Блаженство Господин Господин Стефан, Поглавар на Македонската Православна Црква, до членовите на Синодот на МПЦ, како и до сите православни верници:

Ваше Блаженство,

Со посебна радост и задоволство, на овој прекрасен ден во предвечерието на раѓањето Христово, дозволете ми во мое лично име, и во името на Владата на Република Македонија, Вам, на членовите на Синодот и на сите православни верници да Ви го честитам големиот Христијански празник – Божиќ и да Ви посакам радосни и благословени, со мир во срцето и спокој во душата да го прославите овој голем Христијански ден.

Христос се роди за спасение на човекот и да го осветлува пред нас вистинскиот животен пат. Секоја година на овој ден Христос одново се раѓа, се раѓа во нашите срца, во нашите души, во нашите домови, во нашите семејства, во радоста на децата.

На овој празничен ден најгласно одекнува ангелската химна “На земјата мир и добра волја меѓу луѓето“. Овој празник е повик кон сите нас, да се вратиме на патот по кој Свети Климент одеше и кој му го покажа на својот народ. Тоа е пат на помирување со самите себеси и со другите. Тоа е патот на единство, слога, семејни вредности и духовен препород на сиот православен македонски народ, пат на мир и љубов помеѓу нас самите и со светот во кој живееме.

Во овие празнични моменти да се потсетиме и да им помогнеме на оние кои страдаат, на сиромашните, на децата без родители, овие денови да бидеме Христијани на дело, а не само на збор. Тогаш срцето на секој од нас ќе постане вистинска Витлеемска пештера во која Бог постојано и одново се раѓа.

Овој голем христијански празник е можност да се истакне благородната мисија на Македонската православна црква во промовирањето на вистинските духовни вредности и културната особеност на македонскиот народ, мисија за мир и толеранција помеѓу луѓето.

Во пресрет на овој голем Христијански ден, на сите православни верници им го честитам Раѓањето Христово со древниот Христијански поздрав:

Христос се роди!

Кабинет на Претседателот на Владата на Република Македонија

Извор: МИА