Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Одбележан патронот на манастирот Свети Наум Охридски – Чудотворец на Попова Шапка (06.01.2008)

Вчера на 05 јануари (сабота) 2008 лето Господово, на Попова Шапка, беше одбележан патрониот празник на манастирот Свети Наум Охридски – Чудотворец. По тој повод, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, отслужи Света архиерејска литургија, во сослужение со повеќе свештенослужители од тетовското и од гостиварското архиерејско намесништво. На оваа Света литургија, традиционално како и секоја година, пееше реномираниот женски младински хор „Менада“ од Тетово, под диригентство на маестро Ивица Зориќ.

Во дворот на овој велелепен манастирски комплекс, на прекрасната снежна идила, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во присуство на поголем број верници, го прережа славскиот кумски колач. Оваа година кумската паричка ја пронајде г. Михајло Мишкоски од Тетово и нему му беше предадено кумството од страна на г. Горан Минчев, Генералниот секретар на Социјалдемократскиот сојуз, кој оваа година беше стар кум на манастирот.

Во своето свечено обраќање кон присутните верници, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил меѓу другото рече:

„Делото на свети Наум е навистина неисцрпно. Малку би биле часови, за да се зборува за неговиот лик и за неговото дело. Едно е многу битно и многу значајно, благодарение на него и на свети Климент, не само што се продлабочи, ами и се овековечи делото на нивните учители свети Кирил и свети Методиј.

Свети Наум бил голем ерудита, многу образован како личност, со познавање на повеќе јазици, со учество во преводот на Светото Писмо и на богослужбените книги. Најзначајно е тоа што тој е основоположникот, втемелувачот и доносителот на правилата за воспоставување на монашкиот ред и поредок, на просторот од нашата родна и мила, библиска и христијанска Република Македонија. Затоа, велам, нашата благодарност е неизмерна и трајна и затоа на ваков торжетвен начин, два пати во текот на годината, го одбележуваме светителскиот лик и дело на овој голем Чудотворец. Познато ни е дека неговите свети мошти почиваат во од него изграденото манастирско светилиште, манастирот Свети Наум, во Охрид.

Чудата на свети Наум се толку многубројни, колку што се многубројни ѕвездите на небото.Тој бил чествуван како чудотворец уште за време на неговиот овоземен живот. Ние собирајќи се во нашите свети храмови, имаме можност да се поклониме пред неговото огромно епохално дело и делото на нашите светители, за да ни служат како ѕвезда патеводителка, за да обезбедиме и ние чест, слава и достоинство пред идните генерации“.  

Манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски – Чудотворец на Попова Шапка, е изграден во 1992 година и се наоѓа на идеална локација, на точно 2000 метри надморска височина. Тој иако е сеуште во изградба, плени со својата величенствена убавина, и прекрасниот фрескоживопис, посебно во овие зимски месеци кога никој не може да и одолее на на нашата снежна убавица Попова Шапка.  

 

           

                                               

Подготвил:

     свештеник Жарко Мицковски, професор