Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот Водокрст во Тетово (24.01.2008)

 На 18. 01.(петок) 2008 лето Господово, традиционално како и векови наназад, во Тетово, во црквата „Пресвета Богородица“, од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко–кумановски г. Кирил, беше извршен голем водосвет како и фрлање на светиот крст во црковниот базент. На овој свет, спектакуларен и несекојдневен чин му претходеше Света архиерејска  Литургија на свети Василиј Велики, која започна со вечерна богослужба, а на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко–кумановски г. Кирил, во сослужение со повеќе свештенослужители од тетовското Aрхиерејско намесништво.

Во текот на оваа Света архиерејска Литургија на свети Василиј Велики, Неговото  Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил ги повика сите присутни верници, кои беа многубројни, на заедничка молитва за покој на душата на македонската пеачка мега ѕвезда покојниот Тоше Проески, за покој на душите на загинатите македонски мировници во хеликоптерската несреќе кај Катланово, за покој на душата на скоропреставениот пред Господа, академикот г. Никола Кљусев, и за покој на нивните души отслужи заупокоена ектенија.

Во преполнетата црква, веднаш по читањето на евангелското четиво, обраќајќи се до присутните верници Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил меѓу другото рече :  

„Ги слушнавме спасоносните евангелски пораки, содржани во денешното Свето Евангелие. Денес христијанскиот род на планетата земја, на посебен начин, со најголем пиетет и со најголем респект се поклонува пред ангелскиот лик на еден од ретките светители на Светата Христова православна Црква, светител кој што го спојува Стариот со Новиот завет, преодниот период, пред Христа и од раѓањето на Спасителот Господ Исус Христос. Светител кој што целиот свој живот Му го посветува на Бога, на правдата, на вистината, на чистотата, на убавината, на нашата убава вера. Светител кој што од неговото раѓање, вдахновен од Бога, добиен преку прозбените молитви на неговите родители Захариј и Елисавета го подготвува патот за доаѓањето на Спасителот Господ Исус Христос.

Денешниот ден е посветен во чест на крштевањето на свети Јован Крстител во реката Јордан, бидејќи наредниот ден ќе биде удостоен тој да Го крсти Спасителот на светот - Господ Исус Христос во благословените води на реката Јордан. Во текот на овој спасоносен настан ни се потврдува и троичноста Божја, бидејќи тогаш од небото се јавил Бог Отец кој рекол: „Овој е Моот возљубен Син, Кој е по Мојата волја! “ , а Светиот Дух, третото лице на Светата Троица, слегува во вид на гулаб над Спасителот Господ Исус Христос. Денес и утре, ние христијанскиот род и пород сме учесници на големи настани во збиднувањето за опстојот на човечкиот род и пород преку верата. И денес во нашите христијански души и срца ги слушаме одѕвонувањата на зборовите на свети Јован Крстител, кои што ги слушнавме изворно од прочитаното денешно Свето Евангелие, а и утре и задутре, три дена по ред ќе ги слушаме. И затоа црквата на посебен начин го почитува светиот Јован Крстител, затоа Црквата порачува до своите верници да се трудиме да го следиме примерот на свети Јован Крстител, неговата преданост кон Бога, кон чистотата, кон убавината на светото православие. Тој бил поборник и гласноговорник против неправдата, против неморалот и   нечистотијата, по цена дури и со меч да му биде пресечена главата, од страна на тогашниот злогласен цар Ирод.

Божјиот благослов, преку молитвите на свети Јован Крстител, да не следи преку сите денови од нашиот живот и Бог да ни дарува остварување на нашите желби и стремежи, желбите и стремежите на целиот македонски народ, во текот на оваа година да се најдеме на заедничката софра во НАТО и Европската Унија. Амин“.

Веднаш по отслужената Света Литургија Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко– кумановски г. Кирил ги прережа принесените кумски колачи.

На крајот, во црковниот двор  најмладите со радост, возбуда и нестрпливо го чекаа возљубениот дедо владика за најспектакуларниот настан, за да го изврши големиот водосвет и да го фрли светиот крст во водите на црковниот базент.

Оваа година по светиот крст, во осветените води во базентот во црквата „Пресвета Богородица“, скокнаа три храбри тетовски мочиња: Милоски Мирослав, Филков Гоце и Јованоски Драгиша. Најсреќен од нив беше Милоски Мирослав, кого Бог го благослови оваа година да го фати светиот крст, за што Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко – кумановски г. Кирил го дарува со златен крст со ланче.

Црквата „Пресвета Богородица“ во Тетово е изградена уште од 1904 година, на местото на постара црква и нејзината градба траела се до 1916 година, а истата била осветена непосредно по Балканските војни во 1918 година. Додека пак црковниот базент е од понов датум и е изграден во седумдесетите години, како дар на тетовската црква „Пресвета Богородица“  од г. Мишко Васоски, кој живее и работи во Детроит - САД.

       Денот на крштевањето на свети Јован Крстител – Водокрст, од верниците во Тетово се нарекува уште и Водопост, бидејќи тој ден Црквата на сите свои верни чеда им наложува строг пост.

 

      

 

      

 

      

 

      

 

     

 

 

 

                                         

                                                     Подготвил:

                                      свештеник Жарко Мицковски, професор