Прва Божествена Литургија во новиот соборен храм во Малме (31.01.2008)
На радост на верниот македонски православен народ од Малме и околината, денес на 27.01.2008 година, кога Црквата Божја го слави споменот на света Нина Грузиска, во новиот соборен епархиски храм во Малме, кралството Шведска, се отслужи првата Боженствена литургија. Со литургијата чиноначалствуваше надлежниот митрополит Европски г. Пимен во сослужение на парохискиот свештеник о. Блажо, парохот Гетеборшки о. Ефтин, игуменот Теофил од Дортмунд, гостинот од Преспанско-пелагониската епархија о. Горан и ѓаконот Илија од Малме. Во склоп на литургијата се извршија и првите крштевки, во овој македонски храм посветен на свети Наум Охриски, на чедата Божји Димитрија и Симеон.
На крајот од лутургјата митрополитот во беседата подвлече: ...со вградувањето на сите нас во изградбата на храмот, си отвараме можност, се додека постои истиот и се додека во него верниот народ предводен од своето свештенство принесува молитви на Бога, секогаш да си спомнува и за сите нас како ктитори, дарители и украсители на овој свет храм. А има ли поголема радост за нас христијаните од тоа нашите имиња да бидат запишани на небесата?
По завршувањето на Боженствената Литургија беа благословени помошните простории и свечената сала кои се во склоп на овој црковен комплекс. Прославата заврши со заедничка трпеза и стара македонска народна песна.