Осветување на новиот соборен храм на Рождество на Пресвета Богородица во Скопје (31.01.2008)
На левиот брег на реката Вардар во Скопје, во непосредна близина на кејот кај некогашната Градска автобуска станица, денеска на празникот Свети Атанасиј беше осветена обновената катедрална црква посветена на Раѓањето на Пресвета Богородица.
Осветувањето го изврши Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во сослужение на членовите на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, Преспанско-пелагонискиот Митрополит г. Петар, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополит г. Горазд и повеќе свештенослужители од скопската и другите епархии на МПЦ. По осветувањето беше отслужена Божествена Литургија, на која што покрај горенаведените Владици присуствуваше и Митрополитот Струмички г. Наум. На богослужбата, покрај многубројниот верен народ, присуствуваше и премиерот Никола Груевски.
Ктитор на обновениот храм е скопскиот градоначалник Трифун Костовски со чии средства целосно е возобновен храмот со камбанаријата, внатрешното и надворешното уредување. Тој од МПЦ го доби орденот „Свети Климент Охридски“ и благодарност за неговото дело.
- За мене и моето семејство ова претставува најголемо признание. Со денешниот чин се одолживме на нашите предци, а воедно овој чин е и завештение на идните поколенија. Убеден сум дека обновата на овој храм ги исполни срцата на сите скопјани, а воедно и на сите христијани во Република Македонија, рече Костовски.
Црквата, што се градеше четири години, е лоцирана на просторот на истоимениот храм осветен во 1835 година, кој во Втората светска војна во 1944 година беше опожарен и уништен. Храмот е со катедрални димензии. Останува да се доврши мермерниот иконостас и да се фрескописаат ѕидовите на храмот.
Ова е трета црква во Скопје посветена на Пресвета Богородица, позната како заштитничка на градот.
Слово на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан
ВОЗОБНОВЕНА ДУХОВНАТА ТВРДИНА НА СКОПЈЕ
Да Му благодариме на Бога, по молитвите на Пресвета Богородица, што ни го дарува овој ден за радост, за радост на благочестиви христијани во Скопје и Македонија, за радост на сите богољубиви луѓе, за радост на земјата и небото и на целата Божја Црква.
Храмот е дом Господен и претставува „парче небо на земјата!” Негова основна цел е да им Го доближува Бога на луѓето, како и тоа нив, луѓето, меѓусебно да ги зближува. А, градењето на сакрални објекти, на храмови и манастири, значи градење на вечност и вградување во неа.
Со денешниов чин на осветувањето, конечно, се исполнија желбите на многу побожни скопјани, кои посакуваа да се возобнови некогашниот катедрален храм, храмот кој со децении бил духовен столб и место за духовна поткрепа на многу скопски и македонски генерации. - Опожарен и разграбен, разурнат и потиснат од многу планови и желби на времето, со децении овој свет храм лежеше под своите урнатини и под тежината на нашата негрижа.
Ќе потсетам: неговата градба била оштетена од пожар при крајот на Втората светска војна како и од катастрофалниот земјотрес што го зафати Скопје во 1963 година. Но, овој храм најмногу настрадал од несовесното и безбожно однесување на оние кои го изгореа повеќе од пожарот и од оние кои на него удрија посилно и од земјотресот. Околу овој храм присутна е невидена противречност: истиот бил подигнат во време на Османлиите, во време кога со Скопје и со Македонија владееле друговерни, а бил урнат во солидарно Скопје и во слободна Македонија! Но, и овде се потврди тоа дека, и ако успееме да ја урнеме материјалната градба, останува светоста на храмот, останува духовниот пламен, од кои, кога ќе дојде време - ќе воскресне и ќе се возобнови тој храм. И, еве, се исполни времето и дочекавме пак да го слушнеме гласот на богородичните камбани во Скопје, дочекавме да ја видиме возобновена древната величествена духовна тврдина наспроти Скопското Кале и дочекавме да вкусиме од недотечливиот духовен источник покрај Вардар...
Овој прекрасен храм, посветен на Раѓањето на Пресвета Богородица, бил место во кој духовно се родиле, духовно прогледале и духовно израснале многу скопски генерации. Бил вистинско духовно пристаниште во многу невремиња и немирни години, во, можеби, најтешкиот период во историјата на Скопје и Македонија. Овој храм бил сведок и за многу радости, но запамтил и многу премрежја и црнила. Но, еве, дојде „бел ден” и за него, дојде ден за радост на неговите некогашни ктитори, градители и украсители. Затоа, на овој воскресенски ден за храмот, да си спомнеме за Хаџи Трајко - најголемиот дарител, за тајфата на мајсторот Андреја Дамјанов, за неуморниот Дичо Зограф и за сите коишто на свој начин се вградиле во градбата на првиот храм. Да си спомнеме и за сите кои се крстиле, венчале и погребале, за сите што се молеле и поклониле во некогашниот храм, за сите коишто овде Го сретнале и примиле Бога. Но, како христијани, да се помолиме и за оние коишто злотвореле, го урнале или сакале нешто друго да изградат на ова место, да се помолиме и ним Господ да им прости, а особено на оние што спроведувале туѓи наредби и желби. Исто така, на овој ден сакам да си спомнеме и за многу, особено повозрасни побожни скопјани, коишто со тажни воздишки, честопати прашуваа – „кога повторно ќе се изгради Пресвета Богородица - желба ни е да го доживееме нејзиното возобновување...”
И, еве, даде Господ - дочекавме да ја видиме и да ја имаме возобновена црквата на Мајката Божја во сета нејзина духовна убавина и големина. А за тоа треба да му благодариме на благочестивото семејство на г. Трифун Костовски, со чии средства е целосно возобновен храмот со камбанаријата, внатрешното и надворешното уредување. Сѐ што е направено досега е со средства на семејството Костовски. Исто така, сакам да им заблагодариме на сите што помогнаа - на членовите на Одборот за обнова на храмот, на архитектите за проектот, а особено за стручната помош на покојниот Тодор Паскали, на Скопскиот Завод-Музеј, како и на членовите на МАНУ - на претходниот претседател академикот Цветан Грозданов и на академикот Крум Томовски, кои секогаш имаа време кога во парашање беа стручните совети околу изградбата на овој храм. Сакам да им заблагодариме на градителите, на каменоресците на овој прекрасен иконостас и на сите коишто учествуваа во неговото возобновување.
Ви благодарам и Вам - браќа архиереи и сослужители, Вам Ваши Екселенции, и на сите вас, возљубени во Господа, што дојдовте да се радуваме на овој ден за радост на Скопје и на сета Македонска православна црква.
Нека ни е честито осветувањето и нека биде вечен овој храм!
Амин! На многу години!
Извор: Македонска Информативна Агенција