Сретение Господово (15.02.2008)
На 15.02.2008 година, на празникот Сретение Господово надлежниот Епархиски Архијереј Митрополитот полошко-кумановски г. Кирил, заедно со свештенството од богомдаруваната му Епархија, ослужи Света Архијерејска Литургија во црквата на Света Троица во Куманово, а потоа изврши мал водосвет и го пресече славскиот колач. Толкувајќи го прочитаното Свето Евангелие на присутните христијани им го објасни значењето на самиот празник, односно настанот воведувањето во храм на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Осврт даде и за светиот Трифун маченик, кој што имал голема Божја благодат, можел да лекува болни луѓе (како што е примерот со излекувањето на Гордијана, ќерката на царот Гордијан) и болни животни. За нас, Свети Трифун е познат како заштитник во лозарството и овоштарството (според неговата напишана молитва), па затоа следејќи ја традицијата и обичајот на тој ден православните христијани ги посетуваат своите лозја, закројуваат и го повикуваат светителот да им биде заштитник. На крајот, Митрополит Кирил рече: „На душевно и телесно здравје нека ни биде отслужената денешна Света Литургија, во чест и слава на воведувањето во храм на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Божјиот благослов нека се всели во нашите души и срца, во вашите домови и да почива до крајот на вашиот живот. Да даде Господ што почесто и побројно да се собираме во светите Божји храмови, поблиску до Бога, поблиску едни до други, како вистински рамноправни браќа и сестри пред нашиот небесен татко Господ Исус Христос.
Известува: професор Живко Тодоровски