Годишно собрание во Виена (21.02.2008)
Македонската православна епархија за Европа, на 15 и 16 февруари 2008 година го одржа своето редовно годишно собрание во Виена, Р. Австрија.
Домаќин на годинашното Епархиско собрание беше црковната општина “Св. Наум Охридски” од Виена, Австрија. На собранието присуствуваа делегирани претставници на 25 од вкупно триесетте црковни општини во Европската епархија. На 15 февруари се одржа седницата на Епархискиот управен одбор на Европската епархија, а на 16 февруари Неговото Високопреосвештенство митрополитот Европски г. Пимен заедно со свештенослужителите од Европската епархија отслужи Божествена Литургија на која верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Истиот ден, Епархиското собрание го отвори надлежниот епархиски архиереј г. Пимен, а поздравен говор имаше Н.Е. Амбасадорот на Република Македонија во Република Австрија госпоѓа Весна Борозан, исто така, свое поздравно обраќање имаше и претставникот на Римокатоличката црква чиј храм е отстапен на користење за потребите на Македонската православна црква, односно црковната општина “Св. Наум Охридски” во Виена.
Разгледувајќи и анализирајќи ги тековните состојби и релизацијата на планираното за изминатата 2007 година од животот на Европската епархија, Европското собрание со акламација усвои и две резолуции:
- Безрезервна поддршка на Владата на Република Македонија и другите државни и политички институции во насока на зачувување на вековното и изворно име на нашата држава Република Македонија.
- Поддршка на господин Љубе Бошковски и господин Јохан Тарчуловски за истрајност во судскиот процес при Хашкиот Трибунал.
од Канцеларијата на Европската епархија