Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Литургија на Претходно осветени дарови во Куманово (13.03.2008)

На 12. 03. 2008 година, традиционално како и секоја година, во првата среда од Велигденскиот пост во соборниот храм на свети Никола во Куманово надлежниот архиереј Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил со своето свештенство ослужи Литургија на Претходно осветени дарови, а потоа свештениците од кумановско, кривопаланечко и кратовско архиерејско намесништво пристапија кон светата тајна Исповест. Нагласувајќи од неопходно пристапување кон овие свети Тајни, Митрополитот г. Кирил упати порака до сите христијани со своите рожби да се припремат да дојдат во храмовите и да се причестат со Пресветите Тело и Крв Христови.

Бидејќи овој ден се совпадна со денот на дрвото, Митрополитот Кирил ја пренесе специјалната порака упатена од страна на Поглаварот на нашата Света Црква г.г. Стефан до aрхиереите, свештениците, монасите и верниците, целосно да биде поддржана акцијата, во од Бога даруваниот ден, наречена „Засади ја својата иднина”. Митрополитот Кирил ги задолжи свештениците веднаш по отслужената Преждеосвештена Литургија и извршената тајна Исповед, заедно со своите верници да се најдат на определените терени каде што на денешен ден треба да се засадат преку 2 милиони дрвца на од Бога благословено тло на родна и мила Македонија. Дека свештенството треба целосно да биде ангажирано во овие возвишени акции, Митрополитот Кирил го посочи ангажирањето на патронот на нашата Света Црква - Свети Климент, кој бил подржувач, иницијатор на просторот на Македонија да се засадува што поголем број родни дрва: јаболкови насади, насади од круши, ореви и ред други дрвца меѓу кои и цреши, особено во охридскиот регион, од кој период остана да се спомнува сортата по негово име „Климентина“. Митрополитот Кирил порача не само во денешниот ден, туку во тек на наредниве години да се засадуваат што повеќе родни и егзотични дрвја по планините и ридиштата, со цел Македонија да ја претвориме во цветна рајска градина.

Инаку, откако се роди ова благородна вест заедно со своите свештеници на просторот на неколку манастири, а со поддршка на ценетите претставници од „Македонски шуми“, засадени се повеќе десетици дрвца. Само на просторот на една лавра на свети Георгиј во с. Дељадровци се засадени преку 200, а во тек на неколку денови околу 300 дрвца.

Инаку, Митрополит г. Кирил е голем љубител, иницијатор, креатор и реализатор за засадување на што поголем број на површини со плодородно овошје. Пред десетини години на манастирскиот комплекс на свети Јоаким Осоговски во с. Псача (Чифлик) се насадени преку 2000 модри сливи, околу 6000 малини и 2000 капини. Оваа благородна активност се практикува и на други манастирски комплекси како што е родната Преспа на Митрополит Кирил, кој што е првиот што насадил еден хектар ореви насади пред неколку години, а исто така со своите браќа засадиле три хектари овошни насади од најнови сорти, а кои ги даваат првите плодови. Веднаш по светата богослужба нашиот Митрополит Кирил заедно со своите соработници се упати во манастирскиот комплекс на свети Георгиј во с. Дељадровци за да продолжи на овој значаен денешен ден со засадување на уште неколку украсни дрвца, а на свештениците им препорача веднаш да се упатат до определените пунктови и да се најдат со своите верници за да засадат уште дрвца, нагласувајќи го мотото “Засади ја твојата Иднина”.

 

         

 

         

 

 

Известува: протоереј Жико Тодоровски