Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Тодорова сабота (17.03.2008)

Во првата сабота на Великиот пост, на 15 март 2008 година во соборниот храм на светиот великомаченик Димитриј во Крива Паланка, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил, благоволи да отслужи Божествена Литургија, заедно со голем број свештеници и ѓакони.

Во преполнетиот храм, пред верниците, кои воедно беа дојдени и да се причестат со светите Тајни Христови, Митрополитот во својата беседа се осврна на житието на светиот великомаченик Теодор Тирон, кој маченички пострадал во 306 година, за време на владеењето на царот Максимијан, а го објасни и самото значење на оваа прва сабота од постот, односно празнувањето на преславното чудо со коливото на светиот и славен великомаченик Теодор Тирон. Воедно напомена и дека секој христијанин е должен да се причести со спасоносните свети Дарови, а дека треба и своите верни чеда да ги доведуваат да земат Причест, за да можеме со радост да го дочекаме Празникот над празниците, Воскресението на нашиот Господ Исус Христос.

Во својот говор повика: “Во овие моменти да покажеме силно единство, бидејќи и овој пат, како и многу пати во текот на нашето библиско многувековно опстојување како народ, се наоѓаме на уште едно крсно распнување, и обединети да ги совладаме пречките и искушенијата пред кои се наоѓаме, и да ја исполниме пораката на денешното евангелие:

“Оваа заповед Ви ја давам: да се љубите еден со друг“, за да успееме сите заедно да се најдеме на заедничката братска трпеза со другите држави во НАТО и Европската унија.

По отслужената Божествена Литургија Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил со видни гости од САД, членови на највисоките управни тела на Светата Македонска Православна Црква, меѓу кои беа големиот поборник и добротвор на Македонската Светиклиментова Црква инженер Мишко Васовски, членот на Архиепископскиот црковно-народен собор инженер Владимир Николовски и богољубивото семејство Вито и Блага Поповски од градот Лаковани, Бафало, САД и тие големи помагатели на тамошната македонска православна црква на светите Кирил и Методиј, го посетија резиденцијалниот манастир на свети Јоаким Осоговски Чудотворец.

Од страна на старешината на манастирот протоереј ставрофор Добрислав Бошковски и ѓаконот Александар Смиљков, беа запознаени со историјата и духовното значење на манастирот, досегашните постигнувања, како и за понатамошниот развој и расцут на ова наше древно македонско светилиште.

За ценетите гости, сите повеќедецениски пријатели на Митрополитот Кирил, беше приредена манастирска посна братска трпеза на љубовта. 

 

     

 

   

известува: отец Александар