Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Чествување на празникот Свето Благовештение во знаменитиот Лешочки манастир (10.04.2008)

На 07 април (понеделник) 2008 лето Господовo, во потшарпланинското тетовско село Лешок, во знаменитиот Лешочки манастир „Свети Атанасиј“ со Божествена Архиерејска Литургија на свети Јован Златоуст, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, а во сослужение на повеќе свештенослужители од тетовското Архиерејско намесништво, беше чествуван празникот Благовештение на Пресвета  Богородица.

Чествувањето на празникот на Благовештение на Пресвета Богородица има почетоци уште од IV и V век. Имено, на овој ден во градот Назарет, во Галилеја, во домот на дрводелецот, старецот Јосиф од племето Давидово, светиот архангел Гавриил на девојката Марија, нашата Владичица, Пресвета Богородица Ѝ ја соопштил радосната вест, дека Светиот Дух ќе ја осени нејзината девствена утроба и Таа ќе роди Син, Спасителот на светот, Господ Исус Христос.

Според Светото предание, со зборовите „Радувај се, благодатна! Господ е со Тебе!“, великиот архангел Гавриил на Пресвета Богородица Ѝ се обратил во моментот токму кога Таа ја држела отворена книгата на пророкот Исаија и размислувала за неговото големо пророштво „ Ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син!“

На оваа Божествена Архиерејска Литургија пееше реномираниот женски тетовски хор „ Менада“ под диригентство на маестро Ивица Зориќ. Тие со својот ангелски глас и занесното литургиско пеење, успеаја да ги восхитат присутните верници во прекрасниот молитвен амбиент на манастирската црква посветена на „Свети Атанасиј Александриски“ и го допреа вишното небо, восхитувајќи ги со својот глас и Божјите ангели. Но овој ден беше исполнет со света торжественост и неизмерна радост, бидејќи токму на овој ден, пред четириесет и три години во манастирот „Света Пречиста“ кај Кичево, во предвечерието на празникот „Свето Благовештение“, младиот и даровит теолог г. Никола Поповски, родум од с. Царев Двор (Преспанско), исполнет со силна вера во Господа Исуса Христа, ја наведна својата глава за да го прими монашкиот потстриг, од раката на сега блаженоупокоениот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Доситеј, добивајќи го монашкото име Кирил, во чест на сеслoвенскиот просветител свети Кирил Солунски. Додека пак утредента на празникот „Благовештение на Пресвета Богородица“ младиот и амбициозен монах Кирил (Поповски), бива ракоположен во чин јероѓакон од раката на блаженоупокоениот Архиепископ Одридски и Македонски г.г. Доситеј, возобновителот на древната и славна, Светоклиментова Охридска Архиепископија, во лицето на Автокефалната Македонска Православна Црква.

Честитки по повод четириесет и три годишнината од примањето на монашкиот постриг, до Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил упатија свештенослужителите од тетовското Архиерејско намесништво, маестро Ивица Зориќ со членовите на реномираниот женски тетовски хор „Менада“, богомдаруваната му патства, како и повеќе еминентни личности, меѓу кои и: проф. д–р Стојмир Петров, генерален директор на институтите на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј “ во Скопје, кој воедно е и истакнат хуманист и голем дарител за изградба на единствената  лавра, на просторот од библиска Македонија, манастирот „Свети Ѓорѓи Победоносец“ кој е лоциран на потегот Скопје – Куманово, во непосредна близина на рафинеријата „Окта“. Потоа г. Орданчо Перчинков, голем верник и голем пријател, дарител на неколку компјутери за потребите на Полошко-кумановската Епархија и нејзините цркви и манастири и г. Сашо Денесовски, генерален менаџер на Т. Д. С. Ј СВИТ ГРУПАЦИЈА Д.О.О.Е.Л. ОХРИД, како и сопственик на фабриката за чипс во Ресен, во рајската Преспа. Сите гореспоменати еминентни личности на Светата Архиерејска Литургија, упатија срдечни молитви кон милостивиот Господ Исус Христос и Неговота Пречиста Мајка, за здравје, среќа и напредок на сите македонски синови и ќерки, каде и да се на земјината топка за долг и богоугоден живот на возљубениот дедо владика.  

На приложената празнична братска и сестринска трпеза на љубовта, Неговото Високопреосвештенство Митриполитот Полошко-кумановски г. Кирил, им се заблагодари на сите присутни за искрените молитви и благопожелби, посакувајќи им благослов Божји и блаженство во животот.

Користејќи ја оваа прилика, средба со Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил остварија професорите во пензија г. Борис Момироски и г. Илија Петрушески, кои се организатори на изложба во просториите на манастирскиот конак, на фотографии и документиран материјал, од огромно историско значење за Лешочкиот манастир, кои што ги собирале во текот на целиот свој работен век, посветувајќи се неуморно на историското минато на ова најголемо светилиште во полошкиот регион.

Исто така г. Злате Тодороски, сопственикот на РТВ „ KISS “ од Тетово и актуелен потпретседател на Полошко-иселеничкиот клуб, од космополитскиот град Детроит - САД, оствари првични разговори за организирањето на овогодишните полошко-иселенички средби во потшарпланинското село Старе Село, кои треба да се одржат на 09 август 2008 лето Господово.

Лешочкиот манастир, со своите две манастирски цркви „Пресвета Богородица“ и возобновената црква „Свети Атанасиј“, пленеа со својата импозантност и со својата раскошна убавина. Присутните верници како ретко кога се восхитуваа на овој манастирски и од Бога дарован раскош, од разиграни падини, разеленети цветни манастирски ливади и расцветани овошки. Пролетното сонце, овој ден, несебично ги милуваше сите, и сè беше благословено, и сè беше рајски.

 

     

 

    

 

подготвил: свештеник Жарко Мицковски, професор