Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Празнување на Цветници во Гостивар (25.04.2008)

На 20. 04. (недела) 2008 лето Господово, традиционално, како и децении наназад, во Гостивар беше прославен големиот христијански празник Цветници, во чест на последното и свечено Христово влегување во Ерусалим качен на осле, за потоа Тој да биде фатен од Евреите, да биде предаден на неправеден суд пред Понтиј Пилат и на крајот да ги претрпи голготските маки распнат на крст и по тридневната смрт да воскресне.

Во катедралната црква, посветена на Пресвета Богородица беше отслужена Божествена Архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение на повеќе свештенослужители од Гостиварското архиерејско намесништво. Празничната радост на Гостиварци овојпат беше уште поголема, бидејќи на оваа Света Литургија, беше извршен чинот на ракополагање во свештенички чин на ѓаконот Трпе Богојески, од раката на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, и со овој свечен чин беше освежена мисионерската дејност на Гостиварското архиерејско намесништво, а гостиварското свештеничко братство доби уште еден свој собрат и сотрудник на нивата Господова.

На овој празничен ден гостиварската катедрална црква „Пресвета Богородица“ беше претесна за да ги собере сите свои верни чеда, кои носејќи во рака осветени врбови гранчиња според обичајот, дојдоа бројно да го прослават „Оној кој доаѓа во името Господово“, Царот на славата, нашиот Спасител Господ Исус Христос. На овој празничен ден, како и многупати досега, не изостана да дојде до израз и народниот фолклор, манифестиран преку народната носија, на која доминираа богато навезените крстиња и цвеќето, како дел од богатата култура и уметничките дарбини, преку кои се препознатливи вредните раце на богољубивите гостиварски невести.  

Во своето обраќање до својата благочестива и богомдарувана паства, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полoшко-кумановски г. Кирил меѓу другото рече:

„ Денес го чествуваме празникот Влегување на Спасителот Господ Исус Христос во Ерусалим, го празнуваме празникот на цвеќињата „ Цветници“, голем празник, празникот кој што се наоѓа во предворјето, во речиси веќе поминатиот голем Велигденски пост, за по уште една недела, значи по Страсната седмица, да го дочекаме, да го доживееме торжествено празникот над празниците Светлото Христово Воскресение – Велигден. Спасителот Господ Исус Христос, како што слушнавме од содржината на прочитаното Свето Евангелие, на патот за Ерусалим отишол пред сѐ во градот Витанија, каде што го воскреснал праведниот Лазар, неговиот голем пријател, кој веќе четири дена лежел мртов во гробот. Претходно Спасителот Господ Исус Христос направил уште две воскресенија, воскреснувајќи го синот на вдовицата во градот Наин и Јаировата ќерка. Со тоа Спасителот сакал да ни каже дека воскресението Лазарово и воскресението на уште две други упокоени чеда, е вистинска праслика и на воскресението на сите кои што се претставуваат пред Бога, со вера и надеж во воскресение и вечно спасение. Рековме дека уште само една недела ни претстои, за потоа да го дочекаме Празникот над празниците. Затоа Мајката Црква ни порачува: „ Сите нејзини верни чеда, од највозрасните, па до младинците, кои што досега не се потрудиле, да се потрудат, барем една недела да постат, да се измират со своите ближни, најнапред со своите благородни семејства, и со своите роднини и со сите со кои што не се во пријателски односи, за потоа да можат достојно да пристапат кон примањето на Светата Причест, кон животворното Тело и Крв на Спасителот Господ Исус Христос. Светата Причест е најголемото исцелително средство, за наше целосно душевно и телесно оздравување и спасение“.  

На крајот на оваа Божествена Архиерејска Литургија, поголемиот број на верници подготвени преку чесниот пост, пристапија да се соединат со Господа Исуса Христа, преку Светата Причест од раката на возљубениот Дедо Владика.

Црквата „Пресвета Богородица“ во горнополошкиот град Гостивар, потекнува уште од 1924 година. Како резултат на домаќинското работење на свештенството од Гостиварското архиерејско намесништво, и штедрите даренија на вредните гостиварци, истата од неодамна е реновирана според современите стандарди во градежништвото, соодветно на потребите на оваа велелепена катедрална црква. Лоцирана во централното градско подрачје, таа воодушевува со својата грандиозност и убавината на префинетиот вкус на архитектонската изведба. Од нејзината западна страна, со поглед на прекрасниот градски плоштад, вишнее чесниот крст Христов, кој го осенува плоштадот и му ја дарува Божјата благодат, на секој патник – добронамерник и поклоник на оваа наша голема светиња.  

 

 

          

 

          

 

         

                                         Подготвил:

                           свештеник Жарко Мицковски, професор