Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Велики Петок во Тетово (24.04.2008)

На 25. 04. (Велики Петок), 2008 лето Господово, во Тетово беше отслужена службата на погребението Христово од надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение со повеќе свештенослужители од Тетовското архиерејско намесништво.

Со грутка во градите и помешани чувства, големиот број на верници ги проследија статиите на погребението Христово, кои пред Христовиот гроб ги пееја свештенослужителите, предводени од својот епархиски архиереј Митрополитот г. Кирил, како и членовите на тетовскиот женски младински хор „Менада“, предводени од диригентската палка на маестро Ивица Зориќ. Во своето обраќање кон богомдаруваната му паства, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, по повод чинот на погребението Христово рече:

„Во името на Оца и Сина и Светиот Дух !

Да му благодариме на Бога за милоста, што можеме и оваа година молитвено, со најголем пиетет, да се помолиме пред симболичниот гроб на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Вчера ги проследивме дванаесетте страдални евангелија, во кои што се расветлува сѐ она што се случило на тој ден, во текот на страдалната седмица. Седмица во која е извршен најголемиот злотвор од страна на човечкиот род над Творецот на светот, над Творецот на животот, Спасителот Господ Исус Христос. Вчера и денес велат дека се тажни денови за нас христијаните. Но, тие се повеќе од надежни денови. Зашто, Господ толку многу го возљуби светот, та го испрати Својот единороден Син да пострада, заради спасение на човечкиот род. Човештвото да зачекори во нов живот, од боговоплотувањето, од распнувањето и посебно од воскресението на нашиот Спасител Господ Исус Христус. Жалосно што вчера Спасителот Христос беше предаден од страна на Јуда. Име, кое што ни асоцира на нешто најлошо и најгрдо, на предавство на Бога, на предавство на својот народ, на предавство на верата, на нацијата, на Црквата. Затоа и ден денес не може никој да куртули од тоа проклетство кога ќе изврши предавство на нешто што претставува свето, трајно, неделиво, неотуѓиво од еден народ. Да покажуваат со прст дека сте како Јуда, тој е предавник! Но, на вчерашниот ден се востановени многу големи, значајни, спасоносни вистини. После одржаната Тајна Вечера, од страна на Спасителот Господ Исус Христос, заедно со дванаесетте апостоли, востановена е светата тајна Евхаристија. Господ Исус Христос, прекршувајќи го лебот им даде како што ни порачува Светото Евангелие на своите ученици и апостоли и рече: „Примете, јадете, ова е Моето Тело, кое за вас се прекршува, за простување на гревовите“; по вечерата, исто направи и со чашата, велејќи: Пијте од неа сите, ова е Мојата Крв на Новиот завет, која се пролева за вас и за мнозина, за простување на гревовите“. Затоа многу малку треба да бидеме навистина тажни. Тоа е традиција, кога ќе се спомне зборот погребение, секогаш да нѐ асоцира на нешто тажно. Но, со Христовата смрт, особено со Христовото воскресение, се стави крај на смртта на човечкиот род, за нов, целосно духовен живот, во небесната Црква Христова. Затоа да се радуваме, да се молиме на Бога за да нѐ следи Божјиот благослов со одлично здравје, слога, љубов и разбирање. Бог да ни ја зајакнува верата и вербата во себе, во нашиот национален, културно-просветен и црковно-духовен опстој, на просторот од библиска Македонија. Пресвета Мајка Богородица, да нѐ закрилува и чува вечно од секакво зло. Да нѐ закрилува под нејзиниот свет и спасоносен омофор. Со радост да го дочекаме светото Христово Воскресение - Велигден. Да ја внесеме воскресенската радост во нашите христијански домови. Таа да почива во нас и да долгоденствува во сите денови од нашиот живот. Вас, благочестиви верници, Господ да Ве награди со примерни рожби, да се множи нашиот македонски христијански род.

Повелите, утре вечер што побројно да се собереме, за да можеме заедно со целата небесна хиерархија да запееме и да воскликнеме: „Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, на оние во гробовите, живот им подари!“. Победи правдата над неправдата, победи вечниот живот над смртта. Зашто, темнината не можеше да ја задржи вечната светлина – Спасителот Господ Исус Христос. Да пееме, да се радуваме, да Му е слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја! Мир и благосостојба во Вашите христијански домови, во овој наш град и во сите населени места од просторот на нашата родна и мила татковина Република Македонија. Амин!“

Потоа, свештенослужителите, предводени од својот епархиски архиереј Митрополитот г. Кирил, носејќи ја светата плаштаница, направија трократен опход околу катедралниот храм, во придружба на голем број верници и го извршија чинот на погребението Христово.

Во Тетово на Велики Петок, верниците имаат обичај да посетат барем три цркви во градот, од постоечките шест. Да се поклонат на светата плаштаница и да поминуваат под Христовиот гроб, говорејќи тивко во себе молитви за здравје, мир и благосостојба.

Тетовчани како и сиот православет свет, на Велики Петок практикуваат строг пост, со неконзумирање воопшто на храна и вода, со исклучок на оние верници кои мораат да го сторат тоа, поради телесна немоќ, односно поради здравствени причини.

 

        

 

         

 

          

                                                  Подготвил:

                                  свештеник Жарко Мицковски, професор