Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Воскресение Христово – Велигден во Тетово (27.04.2008)

Во Тетово и оваа година, традиционално, веќе со векови, со најголема радост и торжествено, беше прославен празникот над празниците, светлото Христово Воскресение – Велигден.

Централната свеченост, по повод најзначајниот настан во свештената историја на човечкоит род  беше одржана во тетовската катедрална црква на Светите Кирил и Методиј. Очекувано, како и во минатите години за Велигден, најпространата и велелепна црква во Тетово беше претесна да ги собере сите свои верници. Преполн беше и црковниот двор, па дури и терасите на соседните куќи, чиј што поглед е свртен кон црковниот двор беа преполни од верници, а некои од нив со себе имаа и видео камери, за да го овековечат за себе овој светол настан. Радува податокот дека најголемата бројка на верници ја сочинуваа млади луѓе, а голем дел од нив беа пристигнати дури и од Гостивар и од Скопје.

И оваа година, воскресна богослужба по повод Велигден, отслужи надлежниот епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение со поваќе свештенослужители од Тетовското архиерејско намесништво. На повикот на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Кирил: „Дојдете, примете светлост од невечерната светлина и благословете Го Христа, кој воскресна од мртвите!“, присутните верници поитаа, во редици, да ги запалат своите свеќи од свеќата на возљубениот Дедо Владика, со единствена желба, воскреснатиот Христос Бог на сите да ни дарува здравје, мир и благосостојба и вечно спасение. Всушност и оваа година срцата на сите верници беа сплотени во радоста и љубовта и гореа како една свеќа, со една мисла и со една надеж.

Со умилно пеење, пропратено со громкото биење на старите црковни камбани, беше направен трократен опход, кој траеше цел еден час. А потоа на сите страни, се слушаше   најрадосниот велигденски поздрав: Христос Воскресна! – Навистина Воскресна!  

По повод Христовото Воскресение – Велигден и оваа година според традицијата востановена во Македонската Православна Црква, од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, беше прочитано велигденското послание, кое до сите верници го упатува Светиот архиерејски синод на Македонската Православна Црква.

По отслужената Света Архиерејска Литургија, голем број на верници, пристапија да се причестат со Телото и Крвта на воскреснатиот Спасител Господ Исус Христос, од раката на почитуваниот Дедо Владика. На крајот од оваа велигденска богослужба, беа осветени и велигденските јајца, со молитва Христос Бог да ни дарува здравје и бериќет и во ова лето Господово.

 

          

 

          

 

                                                              Подготвил:

                                              свештеник Жарко Мицковски, професор