Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Втор ден Велигден (30.04.2008)

На 28.04.2008 година, на втор ден Велигден, надлежниот Митрополит Полошко-кумановски г. Кирил ослужи Света Архиерејска Велигденска Литургија во соборниот храм на Свети Никола во Куманово. Поздравувајќи со христијанскиот поздрав „Христос воскресе“, Митрополит Кирил рече: „Со неизмерна велигденска радост, драги браќа и сестри, но со најискрени братољубиви архипастирски чувства на евангелска љубов кон сите вас што помилувавте да се собереме на светата велигденска заедничка богослужба на вториот ден на славното Христово Воскресение. Ви го честитаме празникот на празниците – Светлото Христово Воскресение, Велигден. Велигденската радост вечно да ги исполнува вашите благородни христијански души и срца. Да ве следи воскресенскиот Божји благослов со одлично здравје вас, вашите роднини, блиски и пријатели, вашата челад. Да ви бидат послушни вашите рожби кои претставуваат гордост за вас, за нашата Света Црква. Да ве даруваат со сè она што посакувате: академски дипломи, примерни да се во секој поглед, послушни, верни на своите родители, верни на нашата верна татковина, на нашата убава многустолетна православна христијанска вера. Сакам да ве известам дека на 06. мај со почеток во 08.30 часот, ќе пристапиме најнапред кон реосветување – осветување на целосно возобновениот манастир на свети Георгиј во с. Делјадровци. Инвестирани се преку 400 илјади евра во обновата на манастирскиот катедрален храм на свети Георгиј, во целосно изградените цркви на света Петка, на света Недела и на црквичето на светите Бестелесни сили - светите Архангели Михаил и Гаврил. Пристапуваме предано, со Божја помош, кон целосно довршување на започнатата градба на црквата што ќе го носи името на новата македонска маченичка света Злата Мегленска чие, здравје Боже, осветување ќе биде кон половината на месец јули. Сакам да ве известам, а во знакот на обележувањето на 50 години од обновата на самостојноста на древната и славна Охридска Архиепископија олицетворена во наша најнапред самостојна од 1958 година и од 1967 година автокефална Македонска Православна Црква, со цел да ги збогатиме тие историски големи воскресенски настани, на 21. мај ќе извршиме осветување на ново изградениот манастир на свети Јован Богослов, чиј ктитор е братот во Господа Борче. Да повелите што побројно таму. На 24. мај со почеток во 8.00 часот ќе пристапиме кон осветување на камен темелник и отпочнување на градба на грандиозен конак манастирски во прекрасната македонска рајска населба Маврово, каде што се виснее еден нов импозантен манастирски храм, на 24. мај ќе го посветиме во чест и слава на светите рамноапостоли солунски браќа Кирил и Методиј. На 05. јуни на празникот Спасовден, 40 дена по Христовото Воскресение, кој што се обележува традиционално ќе извршиме осветување  на новоизградената величенствена црква во с. Мрсевци недалеку од манастирот на свети Георгиј во с. Делјадровци, а ќе ја посветиме на Господ Исус Христос – свети Спас. Воскресенскиот Божји Благослов нека ве следи сите вас, нека ги исполни вашите срца со добри дела, Света Мајка Богородица нека нѐ закрилува со Нејзиниот свет Омофор. Амин. 

 

           

 

            

 

Известува: о. Жико Тодоровски