Вечерна богослужба во Куманово (07.05.2008)
Во чест на свети великомаченик Георгиј Победоносец, на 05. 05. 2008 година, во манастирот на свети Георгиј во близина на кумановските градски гробишта, Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил ослужи Вечерна богослужба. Обраќајќи им се на верниците, Митрополитот г. Кирил меѓу друго рече: „Денес и утре го славиме маченикот свети Георгиј, кој не сакајќи да се поклони пред идолите за време на жестоките гонења во времето на римскиот император Диоклецијан, побргу одлучил да оди во смрт, отколку да се откаже од Христа Спасителот, (пред тоа пострадал неговиот татко), се откажал од сите овоземни убавини, уште во млади години се искачил на висок пиедестал, на висока положба во редовите на Диоклецијановата царска војска, меѓутоа поблиску до срцето му бил Спасителот Господ Исус Христос него сите овоземни почести поради што бил на крајот посечен со меч во 303 година, за да биде овенчан со ореолот на вечната слава и горе на небото и долу во овоземната Црква Христова. Во чест одбележувањето на 50 годишнината од обновата на древната и славна Охридска Архиепископија, укината пред двестотини години од страна на отоманската империја, оваа година обележуваме 50 години од обновата на нашата света Црква, а бериќетните плодови навистина се извонредни и тука на просторот градиме, обновуваме, се трудиме сигурно со ваша помош. Ве поканувам утре со почеток во 08.30 часот да пристапиме најнапред кон евангелисување на целосно воозобновениот манастирски храм на свети Георгиј во Делјадровци. Божијот благослов преку молитвите на светиот великомаченик Георгиј нека ве следи во сите денови од вашиот живот, радоста која што ги исполнува нашите христијански души и срца за време на Велигденските празници, за време на денешниов празник, за време на празниците што ги очекуваме – Спасовден, Духовден, вечно да биде присутен во сите денови од нашиот живот. Амин.
Известува: прото-ереј Жико Тодоровски