Чествување на празникот Источен Петок – Балаклија во Гостивар (08.05.2008)
На 02. 05. (петок), 2008 лето Господово, со служење на Света Архиерејска Литургија, во Гостивар беше прославен празникот во спомен на обновувањето на храмот посветен на чудото на Пресвета Богородица крај Цариград, кај народот познат уште како Источен Петок – Балаклија. На Светата Архиерејска Литургија, чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение со повеќе свештенослужители од Гостиварското архиерејско намесништво. Во преполнетата катедрална црква, посветена на Пресвета Богородица, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г.Кирил, обраќајќи се кон големиот број верници, се осврна на историското минато и големото значење на овој празничен ден и меѓу другото рече:
„Драги браќа и сестри во Господа, да Му благодариме на Бога, за тоа што нѐ удостои, и ова од Бога дарувано 2008 лето Господово, да се поклониме пред Христовите страдања, во текот на минатата недела, да се поклониме пред Христовото распетие, пред симболичниот гроб на нашиот Спасител Господ Исус Христос, та да го дочекаме со најголема радост празникот над празниците, светлото Христово воскресение - Велигден.
Еве ја живееме, и ги доловуваме убавините, и духовните радости на Светлата седмица. Денес е Источен Петок, посветен во чест и слава на нашата заедничка духовна Мајка Пресвета Богородица. Во чест, најнапред, на пронаоѓањето на источникот, од страна на потоа византискиот цар Лав Велики, на источникот, на врутокот, на кладенецот на исцелителната вода, на која што откако најнапред како обичен војник царот Лав Велики, по Божјо провидение и слушајќи го гласот на Пресветата Мајка Богородица, ја пронашол исцелителната вода, одејќи на пат за Цариград. Со тоа што, првото чудо се случило, кога тој патувајќи за Цариград, наишол на еден измачен слеп старец, кој што бил крајно ожеднат и посакал војникот Лав да му ја угаси жедта. Тој се обидел да направи едно добро дело, и да му помогне на страдалникот. Подолго време талкал низ просторот каде што го сретнал страдалникот, и на крајот, откако го упатила Пресвета Мајка Богородица, слушајќи го Нејзиниот глас, ја пронашол водата, нацрпел од неа, и му дал да се напие на жедниот, го измил и во тој миг старецот прогледал. Значи, првото чудо станало на тоа место. Воедно тогаш на војникот Лав му било проречено дека ќе постане византиски император, византиски цар, што и се остварило. Во знак на благодарност за таквиот дар, на тоа место царот Лав Велики изградил велелепен храм посветен на Пресвета Мајка Богородица. Со текот на времето, поради разни временски непогоди тој храм бил разрушуван, но подоцнежниот византиски цар Јустинијан Велики подигнал уште повеличествен храм на тоа место. Па и други византиски цареви потоа, како царот Василиј Македонец и неговиот син Лав Мудри, го довршувале, го доградулале и го разубавувале овој храм, доаѓајќи на византискиот царски престол.
Чудата, од тоа време, па и до ден денес, на тоа место каде што е тој источник, се толку многубројни, како што велат светоте отци, колку што се капките што паѓаат од небото во вид на плодородна роса, или колку што се ѕвездите на небото. Сите коишто имаат можност да појдат, да се поклонат молитвено во овој свет Божји храм, да нацрпат, и да се причестат со осветената вода, наоѓаат исцеление од секаквите тешки душевни и телесни болести.
Затоа, на денешниот празничен ден, во православниот свет се практикува да се осветува вода, и ние тоа ќе го направиме, по отслужување на Светата Литургија, ќе извршиме водосвет, за да Ве поросиме со светата водичка, за здравје, по можност и вие да си понесите, за да си поросите во вашите домови. Убаво е, Црквата препорачува, три дена од таа водичка, на гладно срце да се пие по малку. Да се напиете и Вие возрасните и вашите мили, сакани и од Бога дарувани рожби.
И еве, денес, на овој празничен ден, поклонувајќи се со најголема љубов, со најголема побожност пред ликот на нашата заедничка духовна Мајка Пресвета Богородица, и ние и се заблагодаруваме за сите добродетели што Таа ни ги даде, за тоа што се застапува за нас пред нејзиниот Единороден Син, да нѐ следи воскресенскиот Божји благослов, да нѐ чува Господ од секакво лошо, да ни дарува мир и благосостојба, напредок во семејствата, и да Ве обдари Господ со добри и примерни чеда, здрави чеда, со што повеќе рожби.
Материјалните вредности, без рожбите кои што Господ ни ги дарувал, немаат никакво значење. Порано нашите биле многу посиромашни, но многудетни. Се радуваме и денес и ќе продолжиме да се радуваме, бидејќи имаме и за што да се радуваме. Со воскреснувањето на Спасителот Господ Исус Христос, победи вечниот живот над смртта, победи правдата над неправдата, победи радоста над тагата. Затоа толку сме радосни, толку сме среќни на овие велигденски и повелигденски празнични денови. Со најискрени братољубиви и архипастирски чувства, евангелска љубов и почит кон сите Вас, Ви посакувам многу здравје, среќа и благослов Божји, зашто знам дека многу си ја сакате верата“.
Потоа, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во придружба на своите најблиски соработници, го посети и манастирот „Свети Никола“ , кој се наоѓа на самиот брег на Мавровското езеро, а чија што изградба е во завршна фаза. Ктитор на овој велелепен манастир е г.Душан Петрески со неговото благородно семејство.
Во оваа прилика Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил, го соопшти и датумот кога ќе се изврши осветувањето и евангелисувањето на овој манастир. Тоа ќе биде 24 мај, денот посветен на светите браќа Кирил и Методиј Солунски, на кој ден ќе биде поставен и камен-темелникот за изградба на нови манастирски конаци.
Само да потсетиме, дека осветувањето на возобновениот катедрален храм „Свети Георгиј Победоносец“ во селото Дељадровце, кое се наоѓа на потегот помеѓу Скопје и Куманово, во близина на рафинеријата „Окта“ на 06.05., како и осветувањето на нобоизградениот манастир посветен на свети Јован Богослов во с. Стрезовце, кој се наоѓа на потегот Куманово – Крива Паланка, на 21. 05., и осветувањето на манастирот „Свети Никола“ на брегот на Мавровското езеро, се светли настани, кои се предвидени во програмата за одбележувањето на педесет годишнината од возобновивањето на самостојноста на древната и славна Охридска Архиепископија во лицето на Македонската православна црква.
По тој повод, Епархијата Полошко-кумановска, на чело со нашиот почитуван Дедо Владика, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил, ги повикува сите православни верници на територијата од нашата родна и мила Р. Македонија, а и нашите еднородни браќа и сестри од дијаспората, што помасовно, заедно да ја споделиме оваа несекојдневна радост во овие најсветли мигови, со нашето масовно присуство на овие освештени места и во овие свети мигови.
Подготвил:
свештеник: Жарко Мицковски, професор