Симпозиум “Охридската евангелска дејност на Николај Велимировиќ (1920-1934)” во Шабац, Србија (09.05.2008)
На 03 и 04 мај 2008 г. во организација на епархија Шабачка (СПЦ) и епархиите Дебарско-кичевска и Праспанско-пелагониска (МПЦ) во манастирот “Св. Владика Николај Велимировиќ” во Соко Град во Србија, се одржа Симпозиум на тема “Охридската евангелска дејност на Николај Велимировиќ (1920-1934)”.
На покана на Шабачкиот владика г. Лаврентиј, на овој Симпозиум беше поканета делегација од Македонската Православна Црква предводена од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар.
На Симпозиумот свои реферати прочитаа Јеромонах д-р Григориј Настески и јеромонах м-р Јосиф Пејовски (Охридската книжевна школа како основа за македонската и останатите словенски култури) од Дебарско-кичевската епархија и г. Александар Гулевски (Непознати фотографии на Николај Велимировиќ од фондот на Милтон Манаки) од Преспанско-пелагониската епархија.
На Преспанско-пелагониската епархија, на која своевремено надлежен архиереј бил владиката св. Николај Охридски и Битолски, од страна на Епископот Шабачки г. Лаврентиј ѝ беше доделен орден кој му беше предаден на сегашниот надлежен архиереј Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар. По тој повод, исто така и на Општина Битола ѝ беше доделен орден, кој го прими претседателката на Советот на општина Битола, г-ѓа Лилјана Кузмановска.
Симпозиумот се одвиваше во пријатна пријателска и братска атмосфера.
Известува: Весна Апостоловска