Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Архиерејска Божествена Литургија во Куманово (22.05.2008)

На 22.05.2008 година на празникот на преносот на моштите на свети Николај, во соборниот храм на свети Никола во Куманово, надлежниот епархиски архијереј Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил отслужи Божествена Литургија, на која изврши и осветување на нови антиминси за потребите на својата епархија. Честитајќи им го празникот на сите верници, Митрополитот Кирил меѓу другото рече: „Денес Светата Православна Црква го чествува свети Николај Архиепископ Мириликиски Чудотворец. Два пати во текот на годината го чествуваме на посебен начин, а нашиве претшественици помилувале овдека да изградат свет храм и да го посветат на свети Николај Архиепископ Мириликиски Чудотворец, за тој да биде вечен ангел, молитвеник пред престолот на Севишниот Господ Бог, да се моли и да се застапува пред Бога за душевно и телесно здравје, спасение и благосостојба во христијанскиве семејства. Денес го празнуваме преносот на неговите свети целебни и мироточиви мошти од Мала Азија во Бари (Италија), каде што и ден денес се чуваат во една голема катедрална црква посветена токму нему. Пред неговите свети мошти се поклониле сите македонски Архиепископи, а г.г. Стефан сегашниот Архиепископ ја имаше таа чест таму да ги заврши своите постдипломски студии. (Митрополитот Кирил исто така еднаш се поклони пред овој голем Светител). Свети Никола го знаеме како голем хуманист. Тој своето богатство го разделил на сиромаси, вдовици, на сирачиња. Да го следиме примерот на свети Николај за и ние еден ден да го добиеме венецот на вечната слава, а сега да нѐ следи Божјиот благослов. Амин.“

 

  

 

  

 

Известува: свештеник Жико Тодоровски