Осветување на манастирската црква на свети Николај во Маврово (03.06.2008)
На 24.05 (сабота) 2008 лето Господово, ден посветен во чест и спомен на сесловенските просветители и учители солунските браќа свети Кирил и свети Методиј, во нашиот најатрактивен и најживописен туристички центар Маврово, на самиот брег на Мавровското езеро, во сиот свој раскош и убавина, блесна уште едно новоосветено македонско манастирско светилиште, новоизградената манастирска црква посветена на светиот Николај архиепископ Мирликијски - Чудотворец.
На овој свет и несекојдневен чин, му претходеше чинот на осветување и поставување на камен-темелник за изградба на нови манастирски конаци, во непосредна близина на манастирската црква.
Всушност, во тој прекрасен саботен ден се започна во 9.00 часот наутро, со доаѓањето во Маврово на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил како надлежен епархиски архиереј, како и неговите гости, црковни високодостојници, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион.
Доаѓањето и пречекот на архиереите беше осмислен мудро со распоредување во шпалир на бројните свештенослужители по скалите на манастирскиот влез, при што посебно дојде до израз убавината и раскошната церемонијалност на светото Православие.
На овој свет и несекојдневен чин изведен со нагласено значење, покрај свештенослужителите од Гостиварското архиерејско намесништво, присуствуваа и свештенослужители од Тетовското, Кумановското и Кривопаланечкото архиерејско намесништво, како и свештенослужители од Скопската, Повардарската и Брегалничката епархија, деканот на Богословскиот факултет во Скопје професор доктор протоѓакон Ратомир Грозданоски, како и поголем број на видни личности и стопанственици од Гостивар и пошироко.
Според предвидениот редослед на настаните, свештенослужителите пристапија кон чинот на осветување и полагање на камен-темелник за изградба на нов манастирски конак, при што беше извршено и јавно наддавање – лицитација на златната, сребрената и бронзената лопата, како и на златната лопатата за прв кум втемелувач. При што благодарение на големиот домаќинлук и уште поголемото и храбро срце на луѓето од овој крај, беа собрани значајни финансиски средства, со кои можеме да се надеваме, дека манастирските конаци најкоро ќе се извишат на тој простој со сиот свој раскош и убавина и сиот свој сјај. Така, според Божјо провидение, златната лопата му припадна на господинот Диме Димоски, кој за неа помилува на манастирот да му подари 4.500 евра, сребрената лопата му припадна на господинот Ацо Димитриески, кој за неа помилува на манастирот да му подари 2.500 евра, а бронзената лопата и припадна на госпоѓата Нада Десоска, која за неа помилува на манастирот да му подари 500 евра. Додека пак златната лопата за прв кум втемелувач му припадна на господинот Раде Трајкоски, кој за неа помилува на манастирот да му подари 300 Евра.
По завршувањето на чинот на осветување и поставување на камен-темелникот за изградба на манастирски конак, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во своето обраќање кон присутните меѓу другото рече:
„Собрани сме на овие девствени македонски убавини, мавровски убавини, драги браќа и сестри во Господа, браќа архипастири, себлагоговејни отци, ценети гости и пријатели, со цел да ја споделиме радоста и да извршиме осветување на величенствениот новоизграден манастирски Божји храм. Собрани сме преку гласот на нашата Света Македонска Православна Црква, за да потврдиме, дека сме повикани како чеда на библиска Македонија и нашата Света Црква, по примерот на нашите претшественици, на горостасните македонски светители, рамноапостолните, солунските браќа свети Кирил и свети Методиј и сите нивни последователи да го следиме нивниот пример, да создаваме добри и на Бога угодни епохални дела, добри и корисни за нашиот богољубив народ. Да градиме и што повеќе да ја разубавуваме родна и мила Република Македонија. Со цел да ја сочуваме преку светилиштата и светоста и вечноста на македонскиот род, суверенитетот на Македонија и автокефалниот статус на нашата родна Мајка Светиклиментова Црква, за одбрана на честа, достоинството и гордоста на нашиот народ. Во текот на нашето многустолетно и илјадно опстојување на од Бога благословеното тло, поминувајќи низ разни премрежија и крсни распнувања, најдоблесните македонски синови и ќерки, умееле на татковината и на својата Света Цркава да ѝ го подарат и својот живот во најубавиот цвет. А има ли нешто повеличенствено, поголемо од животот? Македонија е света земја! А света е затоа што секоја нејзина педа, секој нејзин камен, секоја нејзина грутка, по долините, по ридиштата, по планините, е полеана со македонска маченичка крв и посеана со македонски маченички коски.
Ние сега, чедата на Македонија и на нашата Света Црква, градиме цркви и манастири и во татковината и насекаде по сите меридијани од земјината топка, сред нашите еднородни браќа и сестри по вера и крв Македонци и Македонки. Граделе и нашите претшественици, зашто знаеле дека црквите и манастирите отсекогаш претставувале, претставуваат и за навек ќе остане да претставуваат вечни жаришта, колку на црковно – духовниот, не помалку и на националниот, социјалниот, културно-просветниот бит и опстој на нашиот народ.
Градоме сполај му на Бога, бидејќи Господ нѐ вдахновил точно пред 50 години да исправиме една голема нанесена историска неправда, над нашиот народ, над нашата македонска земја и над нашата Света Црква, кога во 1767 година, беше пресечен незаконски од страна на иноверната власт, крвотокот на древната и славна Охридска архиепископија. Ништо посебно, на никого не му одзедовме. Ќе повторам, ја исправивме таа голема неправда, оставена заветна од нашите претшественици.
Кога требаше да се обнови црквата во 1958 година, тој историски настан, претставуваше предвесник за после скоро десетина години, да ја обновиме целосната автокефалност потпишувајќи ја значајната одлука во црквата „Света Богородица – Перивлепта” во древниот наш Охрид, со право наречен македонски и сесловенски Ерусалим. Знаевме дека борбата што ја поведовме ќе биде многу тешка и макотрпна и таа, за жал, сѐ уште трае. Но, немавме друга алтернатива, имавме само силна вера во Бога, во Неговата милост и помош, дека таа борба мора да биде победоносна. И ќе биде! Ќе биде, затоа што ни останува да извршиме уште една самовозвишена задача, како чеда на Македонија и на нашата Света Црква, а тоа е, за не многу долго време, да ѝ го повратиме целосниот блесок на нашата славна Охридска Архиепископија, та час поскоро да ја воздигнеме на степенот на кој што и била, да ја воздигнеме на степенот Патријаршија.“
Потоа беше извршен чинот на осветување и евангелисување на новоизградената манастирска црква на свети Николај, при што на господинот Душан Петрески како ктитор на овој манастир и на неговите соработници, им беше овозможена честа први да го запалат прекрасното манастирско престолно кандило, за тоа, со својот вечен сјај да го осветлува животот на секој Мавровчанец, Гостиварчанец и секој православен Македонец, и во нивното срце вечно да ги распламтува верата, надежта и љубовта кон Бога, својата Света Црква, својот богољубив народ и својата татковина Р. Македонија.
На крајот на овој свет чин, обраќајќи се кон богомдаруваната му паства во преполнетиот манастирски храм, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко- кумановски г. Кирил ја одржа следната беседа:
„Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух !
ДА СИ ГО ЌЕРДОСАТЕ И ДА НИ БИДЕ ВЕКОВИТ НОВООСВЕТЕНИОТ ВЕЛИЧЕСТВЕН БОЖЈИ МАНАСТИРСКИ ХРАМ, А ЗАЕДНО СО НЕГО ДА ВЕКУВАМЕ И СИТЕ НИЕ!
Еве уште еден нов православен македонски манастирски Божји храм осветен. Еве уште едно запалено македонско народно, верско и културно-просветно светоклиментово огниште. Денешниот ден е уште еден голем историски ден и настан за сите нас. Го воскреснавме храмот кој беше жртвуван при создавањето на вештачкото езеро пред повеќе децении. Благодарение на големиот доблесен македонски син и сеоддајно чедо на нашата Света Црква – братот во Господа Душан Петрески, блесна со величествен сјај овој грандиозен манастирски храм. Тој е иницијатор, креатор и реализатор на ова светилиште. Со неговата мудрост, долготрпеливост и креативност во изградбата на манастирот со поголеми штедри даренија во него се вградија престижни еснафи – големи домаќини и уште поголеми негови и мои повеќедецениски искрени пријатели. Господ ни помогна да отклониме една непријатна извршена историска епизода од минатите времиња, кога едно прекрасно светилиште беше недомаќински жртвувано и потопено во вода. А денес еве се собравме да се радуваме духовно, зашто навистина овој голем историски светоден Господ ни го дарува за да се зарадуваат и да се развеселат нашите души, за да се исполнат нашите срца со благодарствени хвалебни песни кон Воскреснатиот Христа Господа, и кон градителите и дарителите бидејќи од денес и ова величествено дело го причислуваме со љубов кон сѐ што е наше светомакедонско, а останува да биде вечно и неотуѓиво.
Кога цар Соломон го изградил Ерусалимскиот храм, кога Му се помолил на Господа да ја испрати Својата благодат која сѐ осветува и просветува и да го освети делото што го завршил, (како што денес ние тоа го направивме) Господ Му одговорил: „Го осветив храмот што го изгради ти, за да живее името Мое вечно во него. Очите Мои и срцето Мое ќе бидат на ова место во вечни векови“ (III Царства 9,3).
Нека бидат од Бога благословени и преблагословени имињата на сите Вас создателите на овој туку што новоосветен величествен Божји храм, имињата засекогаш запишани, со златни букви, во нашата најнова историја.
Браќа и сестри, храмот е дом Божји, училиште на верата и благочестивиот живот на верниците. Храмот е видливо небо на земјата. Во него невидливо живее Самиот Бог, Создателот на небото и земјата.
На ова свето место секогаш ќе биде присутен Господ Бог, ќе биде присутен во Светото Евангелие, кое ќе се чита на секоја Света Литургија. Ќе биде присутен во светиот крст, во светите икони, во светите мошти кои денес на најторжествен начин ги ставивме во столбот на кој е поставена светата трпеза – светиот престол. Тоа се дел од моштите на вечно живиот пред Бога свети Климент Охридски – Чудотворец, патронот и покровителот на нашата родна мајка автокефална Македонска Православна Црква.
Нека Господ Бог ја засили љубовта наша кон ова манастирско светилиште. Во него ќе го најдеме она што никаде не можеме да го најдеме на друго место. Во ликовите на овие туку што осветени икони и во сите твари кои денес во него се осветени. Во нив ќе го почувствувате духот, големината, чистотата делотворната – душевна и телесна, и убавината на нашата православна вера. Ќе се напојуваме со духот со кој се напојувале и вдахновувале светиите и безбројните борци и поборници, трудбеници и маченици за одбрана, опстој и сочувување на сѐ што му било скапо и свето на нашиот благочестив македински народ особено во времето на тешкото многувековно наметнато ропство.
Телото бара телесна храна, со која душата не може да се храни; душата може да се нахрани и напои само со храната што Господ ја дава особено во светите Божји храмови. Преку своето евангелско слово, преку Светата Литургија, Света Причест и преку сите други богослужби, низ кои струи Божјата благодат, која е вистинска храна и вистинска оживотворувачка сила за човековата душа.
Со најискрени братољубиви чувства на евангелска љубов молитвено Ви пожелувам да даде Господ, да раснеме само во доброто. Да нѐ следи Божјиот благослов со одлично здравје и со уште поголемо и побогато животно семејно преуспевање.
Ви го честитаме новоосветениот Божји храм – овој скапоцен македонски бисер.
Создавањето на големи свети дела за својот народ, Црква и Татковина бараат големи саможртвени подвизи и вложување на огромни средства и труд. Но, бараат уште поголеми, подоблесни и посилни македонски синови и ќерки. Братот Душан Петрески, заедно со нашите повеќедецениски искрени пријатели – големи домаќини и штедри дарители претставуваат олицетворение на вистински доблесни и горди македонски синови. Најсилна потврда е и ова новосоздадено грандиозно црковно и сенародно македонско манастирско светилиште. Уште едно силно сведоштво за нивната љубов и сеоддајност кон мајката Света Црква.
Дај Боже Македонија што повеќе да раѓа вакви доблесни македонски синови и ќерки. Домаќински и грижливо да се однесуваме кон сите убавини кои Господ ни ги дарувал. Да градиме да не разградуваме. Само така родна и мила Македонија ќе ја претвориме во цветна рајска градина.
Господи, нека биде благословено Твоето име отсега и до века. А М И Н!“
Потоа свечените активности продолжија со служење на Божествена Архиерејска Литургија, којашто ја отслужија Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Повардарски г. Агатангел и Неговото Весокопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион во сослужение со бројното свештенство.
Но, свеченостите и празнувањата и радоста во овој прекрасен ден не запреа тука, бидејќи благословот на свети Николај и милоста Божја кон својот верен народ беа толку големи, така што во истиот ден, во што туку осветената манастирска црква, своето судбоносно ДА благоволија да го кажат гостиварските младенци Јовица Петрески и Марија Савеска, стапувајќи во вечна и благословена врска преку Светата Тајна брак. Чинот на венчавање на оваа млада брачна двојка го изврши Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Со извршувањето на овој свет чин, беше ставен акцент на силата, убавината, младоста, плодноста, растежот и развојот на овој живописен рајски крај, на просторот од нашата родна и мила татковина Р. Македонија.
На крајот во салата на ресторанот „Макпетрол“ во Маврово, беше послужена богата братска трпеза на љубовта.
Користејќи ја оваа свечена прилика Неговото Високопреосвештенстно Митрополотот Повардарски г. Агатангел, од свое име и од името на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан и од името на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, како и од името на чесното свештенство, преподобното монаштво, и од името на сите присутни, на својот возљубен духовен отец Митрополитот г. Кирил, му го честита именденот. Притоа, истакнувајќи дека Македонската Православна Црква и богољубивиот македонски народ, се горди за тоа што Бог им дарувал достоен Светиклиментов наследник, Христов апостол со ревноста на апостол Павле, неуморен градител со големо и патриотско срце, отец и пастир и жив сведок на истрајната и тешка борба за духовна и национална слобода на македонскиот народ со чијашто љубов и помош многумина израснаа, созреаа како личности и се реализираа секој во својот избран животен пат. Така овој прекрасен саботен ден (24 мај), посветен на сесловенските просветители и учители солунските браќа свети Кирил и свети Методиј стана ден за тројно празнување.
Инаку изградбата на манастирот на свети Николај во прекрасното и рајско Маврово започнала уште од 1996 година, по предлог и иницијатива на уважениот г. Душан Петрески и неговото благочестиво семејство, кои се и негови ктитори. Карактеристичен е по својата пространост во надворешниот и внатрешниот пронаос, нартексот и неговиот олтар. Манастирот има прекрасно изработен иконостас. Неговиот фрескоживопис е комплетен и поставен на поголеми површини и со мотиви на сликање усогласени на препораките од светите канони. Забрележливо е и присуството на кружни столбови украсени со мотиви од животот Христов. Неговата градба е грандиозна, со перфектни линии на аглите, а на горниот дел се извишива централна купола со насликан Пантократор, како израз на достигнатото совршенство во градителството на сакралните објекти. Од западната страна на храмот се наоѓа прекрасно изградена камбанерија со три камбани, а во манасторскиот двор кој е поплочен со бекатон има прекрасна фонтана и чешмички за разладување на секој поклоник и добронамерен посетител. Сета оваа глетка составена од планински пејзаж, езерска свежина и духовност, претставува празник за очите, наслада за душата и дарува мир во срцето.
Затоа новоизградениот и новоосветен манастир на свети Николај во Маврово е достоен, секој човек да одвои време и да посака да го види и во него да му се помоли на светиот Николај архиепископот Мирликијски – Чудотворец и тука за миг да си отпочине од сите земни грижи и активности.
Во хотелот „Макпетрол“ во Маврово после извршеното осветување на импозантниот новоизграден манастирски храм посветен на свети Николај архиепископ Мириклиски -Чудотворец, а по Божјо провидение на денот кога македонскиот народ и целиот словенски род ги одбележуваат и со најголема почит се поклонуваат пред ликовите и епохалното дело на светите Рамноапостоли солунските браќа Кирил и Методиј. Фотографијата е направена заедно со големите пријатели и почитувачи на Македонија, на македонскиот народ и нашата автокефална Македонска Православна Црква, специјално дојдени да ни ја зголемат радоста нашите едноверни браќа од пријателска Република Црна Гора господата Жељко Балтиќ, Радован Вуиќ, Миленко Радмиловиќ, Владимир Вукмировиќ, Слободан Томиќ.
Митрополитот господин Кирил со големите донатори на Македонската Православна Црква и еден од донаторите за изградба на манастирот а го донираше и ручекот организиран како шведска трпеза во хотелот „Макпетрол“ во Маврово, господинот Андреј Јосифоски со сопругата Оливера.
подготвил: свештеник Жарко Мицковски, професор