Духовден во Гостивар (15.06.2008)
На 15.06. (недела) 2008 лето Господово, по повод големиот христијански празник Духовден, роденденот на Светата Христова Црква, во Гостивар, во катедралниот храм на Пресвета Богородица беше отслужена Божествена Архиерејска Литургија.
На Светата Литургија чиноначалствуваше надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение со свештениците од Гостиварското архиерејско намесништво.
Инаку, Гостивар е град во којшто живеат искрени и богољубиви верници на Македонската Православна Црква, ревносни исполнувачи на словото Господово и луѓе со долга и богата традиција.
Во своето вообичаено обраќање кон верниците во преполнетиот катедрален храм, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил направи една ретроспектива за значењето на настаните од претходните денови, а исто така даде и еден краток пресек на случувањата и значењето на настаните коишто го одбележале овој спасоносен и свет ден, според кои што и ја празнуваме Светата Педесетница, и меѓу другото рече:
„Нека ни биде на здравје и спасение отслужената Божествена духовденска Литургија. Господ да им дарува блажен мир и вечен покој на сите наши најмили и најсакани во Царството небесно, во лооното Авраамово, во рајските предели. Во тоа е и големината на нашата Света Црква и на нашата вера, драги браќа и сестри во Господа. Завчера и вчера со умилни срца се молевме за покој на душите на нашите најмили и најсакани. Зошто? Затоа што 2008 години живееме со вечните спасоносни, неменливи и неминливи пораки, дека за Бог и пред Бог нема мртви, ами сите се живи. Ние во овоземната, а сите наши мили упокоени во небесната Црква, кои заедно со сите нас го чекаат второто пришествие, второто доаѓање на Спасителот Господ Исус Христос, и како што е речено во Светото Евангелие: Не чудетесе на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји и ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот, а кои правеле зло, ќе воскреснат за осудување. Денес се помоливме и ќе продолжиме пак, преку прочитување на вечерната богослужба, проследувајќи ги духовденските молитви за здравје и спасение за сите нас присутни молитвеници, за нашиот богољубив македонски христијански народ, за мир и благосостојба во овој наш прекрасен град, за мир и благосостојба во нашата земја, за нашите воини и за нашата власт. Господ да ни ја зајакнува милоста, вербата и довербата. Да живееме за честа, достоинството и гордоста на нашата татковина Република Македонија, на нашата Света Црква и на нашиот богољубив народ. За да оставиме трајни и убави спомени и дела, за овие прекрасни наши ангелски млади рожби. Македонија како библиска земја драги браќа и сестри, отсекогаш била во срцето на развојот на христијанската вера. Еве, пред извесно време бевме учесници и извршивме осветување и евангелисување на новоизградениот импозантен, величествен манастирски Божји храм во Маврово, и го посветивме на големиот архипастир светиот Николај архиепископот Мирликијски – Чудотворец. Следејќи го примерот на нашите доблесни татковци, дедовци и прадедовци, градиме нови светилишта и ги обновуваме древните. Еве и ова катедрално светилиште, после толку децении, еден ден целосно ќе биде украсено со нов фрескоживопис.
Без оглед на оспорувањата, со мирна совест можеме да кажеме дека нашата Света Црква, Македонската православна црква, на овие македонски библиски простори, била форморана уште од првите апостолски времиња, уште од првиот век. Зошто? Затоа што заедно со другите Цркви кои што се формирани како: Ерусалимската, Александриската, Антиохиската, Цариградската, Римската, Кипарската и др., се спомнува неколку пати и наша апостолска Црква.
После видението што го имал апостол Павле, тогаш кога му се јавил ангелот Божи како човек, Македонец и му рекол: Премини во Македонија и помогни ни! Светиот апостол Павле, заедно со уште неколку свои соработници, апостолите Сила, Тимотеј и Лука, дошол во Македонија и тука го проповедал словото Господово. Тоа сето е запишано во Книгата на вечноста, во Книгата на мудроста над мудростите, во Светото писмо. Потврда за тоа е и покрстувањето на првата Македонка по име Лидија, којашто подоцна е канонизирана за Светителка. И ден денес имаме многу наши мајки и сестри, кои го носат тоа славно и победоносно име.
На денешниот спасоносен ден, светол ден – Света Педесетница, го чествуваме настанот кога Светиот Дух во Ерусалим во вид на огнени јазици слегол врз светите апостоли, и тие почнале да го проповедаат Светото Евангелие на различни јазици. И затоа, од денес и датира роденденот на Светата Христова Православна Црква. На Педесетница всушност започнува раѓањето, животот на Светата Христова Православна Црква во целата нејзина полнота и во целата нејзина убавина и блесок.
Нашата Црква е удостоена да биде формирана од светите апостоли, затоа е апостолска Црква, затоа ние велиме дека Македонија е библиска земја, и нашиот богољубив народ велиме дека е библиски народ, а нашата Црква – Црква со апостолско преемство.“
На Духовден според востановениот обичај, како насекаде во православниот свет па така и во Гостивар, беа осветени гранчиња од орев и истите им беа разделени на богољубивите верници, за со нив да си ги закитат своите домови, а преку нив Семилостивиот Христос Бог на сите да им дарува здравје, мир, среќа, напредок во животот и благодатта на Светиот Дух вечно да ги топли нивните благородни срца.
Листовите на младите оревови гранчиња се во форма на јазици и истите на најавтентичен и најсликовит начин ги преставуваат оние огнени јазици, во каква форма и слегол Светиот Дух врз апостолите во Ерусалим на денот Педесетница.
Подготвил:
свештеник Жарко Мицковски, професор