Осветување и евангелисување на манастирската црква на свети Наум Охридски Чудотворец на Попова Шапка (11.07.2008)
На 03. јули (четврток) 2008 лето Господово, на празникот на преподобен Наум Охридски – Чудотворец повторно заживеа страдалната и малку подзаборавента балканска убавица Попова Шапка. На денот на чествувањето на основоположникот на македонско монаштво светиот Наум Охридски – Чудотворец, на највеличенствениот врв на Попова Шапка, беше извршен чинот осветенена и евангелисување на новоизградената манастирска црква, посветена токму во чест и спомен на овој наш голем застапник пред Бога. Чинот на осветување и евангелисување на оваа наша импозантна манастирска црква го изврши надлежниот епархиски архиереј Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение на повеќе свештенослужители од Тетовското и од Гостиварското архиерејско намесништво. На овој свет чин посебна духовна убавина му дадоа и членовите на реномираниот женски младински хор „Менада“ од Тетово, кои настапија со своето ангелско пеење, под диригентско раководство на Маестро Д-р Ивица Зориќ. На самиот почеток на овој свет и историски чин, топло добредојде на својот духовен татко и надлежен епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Кирил и големиот број верни чеда на Македонската Православна Црква, им посака старешината на манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски – Чудотворец“ свештеникот Жарко Мицковски, кој пред платото на манастирската црква ја произнесе следната поздравна беседа: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Ваше Високопреосвештенство, благоговејни оци, уважени гости, драги браќа и сестри во Господа Исуса Христа. Добро ни дојдовте на најживописниот врв на нашата македонска убавица – Попова Шапка, со цел заеднички да го извршиме долгоочекуваното дело осветување и евангелисување на оваа наша велелепна манастирска црква, посветена во чест и спомен на свети Наум Охридски – Чудотворец. Идејата за изградба на овој манастир токму тука и токму на овој врв потекнува уште од далечната 1992 година. Таа идеја веднаш со радост била прифатена од граѓаните на нашето убаво Тетово и од нашите тетовчани кои живеат и работат во демократските Соединети Американски Држави и се разбира срдечно била поздравена и благословена од Вашата света десница. Вие возљубен Дедо Владика, токму во тоа време и на најприроден начин, мерејќи со чекори, токму на овој врв, како богомудрен архипастир ни посочивте каде е Божјата волја да биде изграден овој наш велелепен манастир. На тој начин најживописниот предел на Попова Шапка стана новиот македонски Сион. Постојат и сведоштва дека на овие простори постоеле цркви уште од IX, XI и XIV век, па дури се спомнува и името на игуменот Јоаким. Ние овој наш манастир го изградивме во чест и спомен на светиот Наум Охридски - Чудотворец, кој бил еден од најдаровитите ученици на сесловенските просветители и учители, солунските браќа Свети Кирил и Свети Методиј, и верен сотрудник на основоположникот на нашата Света Црква - Свети Климент Охридски. Свети Наум уште во 895 година на јужниот брег на Охридското Езеро, во подножјето на планината Галичица основал манастир, во којшто подоцна го развил киновитското монаштво во Македонија. Тој манастир секако дека имал, но и сè уште има огромно духовни и културно – просветно заначење и влијаел врз целокупниот цивилизациски развој во евангелска насока во нашата родна и мила татковина Р. Македонија. Во оваа наша велелепна манастирска црква градежните работи биле завршени во 1993 година, кога од Ваша страна почитуван Дедо Владика, како надлежен епархиски архиереј, бил извршен чинот мало осветување и согласно на светите канони, било дозволено во него да се литургисува на свет антиминс. Но денес, во овој прекрасен јулски ден, собрани сме повторно тука, за да го извршиме чинот на големо осветување во чест на 50-годишнината од прогласувањето на самостојност на возобновената Охридска Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква, и да одбележиме златен јубилеј од истрајната борба на македонскиот народ за духовна и национална слобода. Ваше Високопреосвештенсто, забележително е дека за да се стави сѐ во една заокружена целина и да се приведе сѐ кон крај според некогашните наши заеднички желби и замисли потребно е уште многу. Но, јас како старешина на оваа света обител, охрабрен од Вашата архипастирска поткрепа и со моите искрени сотрудници, членовите на манастирското настојателство, со кои што Божјата промисла ме причисли, секако дека даваме и ќе дадеме сѐ од себе ова свето здание да блесне во сиот свој сјај. Но, исто така совесно и одговорно ќе ја почитуваме Божјата волја, пребивајќи во свето послушание кон Вас како наш духовен архипастир. Притоа љубоморно ќе се трудиме да ги сочуваме љубовта, слогата, взаемното почитување и на нашиот сотрудник на ова свето дело, секогаш ќе гледаме како на наш возљубен брат во Господа Исуса Христа. Само на тој начин на Попова Шапка на нас ќе грее сонце и кога не надвишуваат темни облаци и ќе ни бидат топли нашите срца и кога надвор ќе крцка студен мраз и ќе веат планински снегови и ќе бидат израмнети нашите патеки, кои по молитвите на свети Наум ќе нѐ водат кон нови успеси и нови остварувања. Секако, ќе потенцирам дека нашите надежи и очекувања се вперени и кон нашите успешни стопанственици и еснафи, кои се тука секогаш кога е тоа потребно да притекнат со својата дарежливост кон домот Господов. Ваше Високопреосвештенство, денес на Попова Шапка ќе блесне уште едно ново македонско светилиште, уште еден нов бисер нанижан на Светоклиментовиот гердан и ќе изникне како прекрасна шумска јаготка, уште еден нов плод на Вашиот 4 децениски архипастирски труд. Семилостивиот Христос Бог нека ве крепи со одлично здравје и уште многу години Вашата света десница од овој наш македонски Сион да го испраќа Божјиот благослов врз сите македонски синови и ќерки и да се множи богољубивиот македонски народ. АМИН!“ Одпоздравувајќи на укажаното инспиративно празнично добредојде, од страна на старешината на манастирот, кон надлежниот епархиски архиереј, од свое име и од името на манастирското настојателство и големиот број верници, Митрополитот г. Кирил со најдлабоки архипастирски чувства заблагодари за упатените убави зборови за неговата 4 децениска плодна архипастирска делатност во служба на Светиклиментовата Македонска Православна Црква и својот богољубив македонски народ. Тој нагласи дека причините што големото осветувањето и евангелисувањето на овој манастирски Божји храм се извршува токму сега се должат на тоа што според изработениот план од 1993 година, кога беше извршено малото осветување, се сметаше целиот манастирски комплекс да блесне со полн сјај за неколку години, со тоа што ќе требаше да се заврши целосната изградба на импозантниот манастирски конак и да се изврши целосно култивирање на манастирскиот двор. Но, иако со задоцнување од 15 години, денес се изврши осветувањето на манастирскиот Божји храм. Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил изрази голема благодарност кон троичниот Бог, затоа што Господ устрои така, ова манастирско светилиште да биде осветено по повод 50-годишнината од бериќетното творење на нашата Света Црква, со историскиот настан, кога во 1958-та година беше обновена древната и славна Охридска Архиепископија во лицето на самостојната Македонска Православна Црква. Митрополитот г. Кирил нагласи дека, во изградбата на ова манастирско светилиште, кое се вишнее на 200 м надморска височина, на македонската и балканска убавица Шар Планина, со своите доброволни даренија се вградиле голем број македонски верници од градот Тетово и од тетовската околија. Во неговата изградба голема беше паричната помош којашто беше дарувана од големите македонски синови, кои своите семејни огништа ги свиле во космополитскиот град Детроит, во САД и во градот на цвеќињата Виндзор, во Канада. Повеќето од нив се по потекло од тетовските краишта. Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил во своето обраќање кон големиот број присутни верници, меѓу другото рече: „Браќа и сестри во Господа, драги дечиња и младинци! Со најголеми братољубиви архипастирски чувства на најголема духовна радост, од длабочината на мојата душа и срце, Ви благодарам за извонредниот топол пречек и за бројното присуство денес, на убавините на од Бога даруваната наша Шар Планина, за да можеме заеднички да ја споделиме радоста на овој историски голем светоден, во кој ќе треба да пристапиме кон чинот големо осветување и евангелисување на овој манастирски свет Божји храм. Преку произнесената содржајна – наѕидателна, свечена беседа, од страна на старешината на манастирот отецот Жарко, навистина го добивме она што и го очекувавме уште од самиот почеток, т. е да се нахраниме со она што очекуваме, што треба денес да се случи на овој голем светоден. Старозаветниот цар и пророк Давид импресиониран од ваквите ретко убави доживувања и мигови ќе воскликне: „Голем си Господи и чудни се Твоите дела и навистина немаме доволно зборови, за да ги искажеме чудесата на Твоето величие!“, за потоа да продолжи: „Има ли нешто поубаво и попрекрасно, од тоа, кога браќата, чедата на Бога, живеат во мир, слога и разбирање?“. Драги браќа и сестри, Господ навистина прави чуда и тоа во секојдневието. Само ние треба да бидеме способни, проникнати со искрена вера и со љубов кон Бога, да можеме да ги доживееме тие чуда. Како што слушнавме, пред петнаесет години, во летото Господово 1993-то извршивме мало осветување на овој создаден манастирски Божји храм, со цел да можеме да се собираме, како што се собравме сега, ако не повеќе барем два пати во годината на Света Божествена Архиерејска Литургија. И да Му благодариме на Бога, за тоа што еве традиционално не сме пропуштиле ниту една година, туку секоја година на празникот на преподобен Наум Охридски – Чудотворец да се собереме бројно и да го чествуваме и да му се помолиме на нашиот голем застапник пред Бога, светиот Наум Охридски – Чудотворец. За него слушнавме дека неговиот земен живот се одвивал од половината на IX до самиот почеток на X век, кога се претставил пред Бога во 910 година, за да биде овенчан според заслугите, со ореолот на вечната слава. Чекавме 15 години и мислевме дека ќе смогнеме сили, за целосно да биде завршен манастирскиот комплекс. Да го претставиме како уште еден прекрасен бисер, нанижан на бесмртниот, црковен и сенароден Светиклиментов македонски гердан. Меѓутоа, како што ни е познато, во овој изминат период требаше да минуваме низ доста тешки економски и политички искушенија, за да не бидеме во состојба за да ги оствариме тие стремежи, тие возвишени цели и идеали, коишто ги имавме претставено пред себе. Но, се надевам, дека со назначувањето на ретко доблесните синови на нашата Света Црква, особено од тука, од овие населени места, од Тетово, во лицето на новоизбраните членови на манастирското настојателство, и со заеднички сили, со лептата што ќе треба да ја даде секој од нас, во границите на можноста, особено оние коишто со труд и маки спечалиле нешто повеќе, дека ако не побргу, догодина, ќе можеме да ги отстраниме овие штети што ни ги нанесуваат шарпланинските ветрови во текот на зимскиот период, од причини што сеуште не успеавме да ги поставиме вратите и прозорците на манастирскиот конак. Реков, Господ е голем затоа што не повика за да ја споделиме радоста поради осветувањето на манастирскиот Божји храм, а по повод одбележувањето на 50-годишнината од обновувањето на древната и славна Охридска Архиепископија во лицето на самостојната Македонска Православна Црква во 1958 година. Тој историски чин, претставуваше предвесник за потоа да ја обновиме целосната афтокефалност на древната и славна Охридска Архиепископија во далечната 1967 година, и тоа точно после 200 години од нејзиното неканонско укинување. Да му ја повратиме честа, гордоста и достоинството на нашиот богољубив македонски народ, на нашата родна и мила библиска Македонија и на нашата Света Црква со апостолско преемство. Да си го ќердосаме и ова создадено манастирско Божјо светилиште. Да Му благодариме на Бога што нѐ вдахновува да го продолжиме делото на нашите големи македонски светители, основоположниците и втемелувачите во средновековието, дарителите на вистинската златна ренесанса, продолжувачите на големото епохално дело на сесловенските просветители и учители солунските браќа светите Кирил и Свети Методиј. Без дејноста на свети Наум и на неговиот духовен собрат свети Климент, да сме повеќе од убедени дека ќе исчезнеше делото на рамноапостолните браќа свети Кирил и свети Методиј. Нивните епохални и трајни дела, нѐ поттикнуваат да го оправдаме нашето овоземно постоење. Да го следиме нивниот пример, да правиме само добри дела, да градиме, за да можеме и ние да ја спечалиме славата пред Бога и благодарноста од идните македонски рожби.“ Потоа свештенослужителите и големиот број на верници пристапија кон чинот на осветување и евангелисување на манастирската црква. При тоа, беше извршено и јавно наддавање (лицитација) на дрвениот манастирски чекан и дрвениот манастирски клуч. По Божјо провидение дрвениот манастирски чекан му припадна на г. Тврде Стамески од с. Одри, а кој ги живее своите мирни пензионерски години во космополитскиот град Детроит, во демократските Соединети Американски Држави, кој за него помилува на манастирот да му подари 26 000 денари. Додека пак, дрвениот манастирски клуч му припадна на г. Јован Симјановски од с. Прељубиште, кој за него помилува на манастирот да му подари 20 000 денари. На крајот од чинот осветување и евангелисување на манастирската црква на свети Наум Охридски – Чудотворец на овие наши дарежливи гости и сеоддајни верни чеда на Македонската Православна Црква, од страна на Митрополитот г. Кирил, им беше овозможена честа да го запалат прекрасното манастирско престолно кандилце, кое што ќе гори вечно и ќе ги испраќа постојано своите благодатни зраци од височините на новиот македонски Сион, за здравје, среќа и бериќет на богољубивиот македонски народ. Беше отслужена првата Света Литургија и сите верници имаа можност да си земат парче од осветената Владичка кошула. Потоа на платото од манастирската црква Митрополитот г. Кирил го прережа и славскиот колач, кој како бескрвна жртва пред Бога, во чест и спомен на свети Наум Охридски – Чудотворец го принесоа членовите на манастирското настојателство. По Божјо допуштение паричката за новото празнично кумство, оваа година и припадна на г-ѓа Жаклина Србиноска од тетовското село Долно Седларце. На крајот на платото пред манастирската црква, од страна на манастирското настојателство, за сите присутни поклоници и почитувачи на ликот и епохалното дело на свети Наум Охридски – Чудотворец, беше приредена посна братска и сестринска празнична трпеза на љубовта. Посното манастирско гравче за сите верници беше зготвено од страна на припадниците на АРМ во подвижна војничка кујна и се служеше во распрострениот војнички шатор. Тоа претставуваше навистина интересена, восхитувачка и уникатна глетка, кога во името на Бога заедно и братски соработуваат сите структури на македонското општество и во ревноста изразена кон својата Света Црква и кон македонскиот богољубив народ, не можеше да се направи разлика помеѓу свештеничката црна мантија или пак сивата војничка униформа и небесно плавата полициска униформа. Тука, пред сѐ, својствено за македонскиот народ и како ретко каде, можеше да се констатира вистината, дека ние навистина сме многу богати со љубов и умееме срдечно истата да ја даруваме на сите добронамерни и благородни луѓе. Големо и пријатно изненадување кон својот возљубен Дедо Владика приредија младите членови на КУД „Бранко Чајка“ од Тетово. Тие облечени во прекрасна народна носија, свирејќи на своите инструменти народни мелодии, спонтано го пригрлија Митрополитот г. Кирил и го отпратија од манастирскиот конак, преку манастирската капија, до распрострениот војнички шатор, исто како што некогаш го испратија ерусалимските младенци Господа Исуса Христа при Неговото влегување во Ерусалим на Цветници, носејќи палмови гранчиња и пеејќи: „Осана, благословен е Кој доаѓа во името Господово!“. Всушност целиот тој настан е резултат на постојаното присуство и непосредната комуникација на Митрополитот г. Кирил со богомдаруваната му патства и резултат на љубовта која секогаш им ја дарува, посебно на дечињата и неговиот ведар дух, со кои ги бодри на истрајност и вера во Бога своите верници духовни чеда. Празнувањата по повод осветувањето и евангелисувањето на манастирската црква посветена на Свети Наум Охридски – Чудотворец, продолжија до доцните попладневни часови, со збогатена културно уметничка програма преку настапот на неколку културно-уметнички друштва од Тетово и тетовско и реномирани македонски музички групи. На крајот би сакал да потенцирам дека иницијатор и реализатор за добивање на манастирското земјиште во владение на Македонската Православна Црква, е токму Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Проектот за изградба на целиот манастирски комплекс го изработил арх. г. Богослав Божиновски, а градежните работи се дело на Г. П „Бетон“ од Скопје. Во реализирањето на ова ретко, свето, црковно и сенародно светилиште, на посебен начин со своите штедри даренија се вградиле голем број видни, доблесни македонски синови и ќерки и сеоддајни чеда на нашата света Црква. Нивните имиња се запишани на мермерните плочи во предворјето на манастирскиот Божји храм, и тие засекогаш ќе светлозрачат со полн блесок и ќе ги поттикнуваат идните македонски поколенија, да го следат нивниот пример. Списокот на тие многубројни себевградени македонски синови и ќерки е импозантен и го презентираме во целост: Иницијатори за изнаоѓање на манастирскиот комплекс и изградба на манастирот г. Кирил, Митрополит Полошко-кумановски; инг. Славе Павловски – Бутика; инг. Мишко Васовски; Ацо Крстовски Лето Господово 1993 Градители членови на манастирското настојателство г. Кирил , Митрополит Полошко-кумановски; прота Благоја Ацевски; прота Мирко Станковски; арх. Славе Павловски – Бутика; арх. Владимир Николовски; арх. Богослав Божиновски; инг. Кирило Филипоски; Борислав Крстески; Андреја Стефановски; Ивица Зориќ; свешт. Томислав Јосифоски; Тодорка Масловариќ; арх. Боро Јосифов; Милан Стефаноски; Тодор Бушевски; ѓак. Вичко Гочевски. Лето Господово 1993 Градители и ктитори на манастирскиот комплекс „Свети Наум Охридски – Чудотворец “ на Попова Шапка Претпријатија од Тетово: Тетекс, Деликатес, Едко, Жито Полог, Интерпромет, ЈКП Тетово, Комунапроект, Нов Живот, Југохром – Јегуновце, Југогранит – Желино. Претпријатија од Скопје: Вармак, Гранит, Жито Лукс, Интеримпекс, Југотутун, Јукан Траде Интернешенел, Колинг, Ладење, Македонија Табак, Макошпед, Музеј на Македонија, С И З за Домување, Скопска Пивара. Ф – ка за кабли Неготино Македонска епархија Американско – канадска – Торонто, Македонско друштво „ Полог “ – Детроит, „ Тетовско друштво “ – Детроит, Црква „ Свети Климент Охридски “ – Торонто, Црква „ Свети Никола “ – Виндзор, Црква „ Света Петка “ – Рогдел. Како и ктиторите: инг. Мишко Васоски – Детроит; Тврде Стамески – с. Одри; Гаврило Гаврилски – Скопје; Тони Симески – Скопје; Делчо Димитриевски – Тетово; Младен Поповски – Детроит; Петар Петров – Детроит; Ѓорѓи и Рајна Поповски – Канада; Никола и Марија Стојаноски – Канада; Перо Петровски – Детроит; Д – р Елена Анчев – Скопје; Прот. Јован и Мила Босеовски – Торонто; Зоре Темелковски – Скопје; Анѓа Богева Велковска – Скопје; Никола Цонев – Скопје; Јовче Силјановски – Скопје; Методија Тошевски – Скопје; Горан Николовски – Скопје; Љупчо Николовски – Скопје; Зоран Петревски – Скопје; Глигор Смокварски – Скопје; Илија Белевски – Скопје; Душан Петрески Фам. - Скопје Лето Господово 1993 Манастирската црква „ Свети Наум Охридски – Чудотворец “ на Шар Планина, го зафаќа најживописниот предел на Попова Шапка и нејзиниот врв со прекрасна гледка и кон него и од него самиот. Црквата е карактреристична по изведениот трем, разубавен со прекрасен мозаик, со ликот на преподобен Наум Охридски – Чудотворец во природба големина и прекрасниот фрескоживопис, дело на познатиот зограф г. Никола Цонев од Скопје. Манастирскиот двор е поплочен со камен и во неговиот средишен дел се наоѓа фонтана. Со манастирот управува манастирско настојателство, кое што својата заклетва ја положи оваа година на празникот Благовештение и е под директна јурисдикција на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Попова Шапка сега претставува едно мирно рајско катче на македонската земја, со ретки и од Бога дарувани природни убавини во секој период од годината и претставува место за вистинска рекреација и духовен мир, каде што може да се почувствува присуството Божјо. Таа одсекогаш го привлекува вниманието на љубителите на планинските спортови и го заслужува нивното внимание и посетеност. Всушност, таа е нашето најголемо богатство.