Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Светска средба на децата бегалци од Егејска Македонија (25.07.2008)

Драги браќа и сестри во Господа,

 

        Во оваа пригода сакам да ја изразам мојата голема радост што ми се укажа честа да бидам и јас учесник заедно со браќата пастири и архипастири во Панахидата во спомен на загинатите и починатите учесници во антифашистичката и Граѓанска војна во Грција. Ми причинува особено задоволство што можам срдечно и искрено да Ве поздравам и да Ви се обрата на Вас страдалниците кои дојдовте да ја одбележите оваа Светска средба на децата бегалци од Егејска Македонија, во овој свет македонски соборен храм  на вечно живиот пред Бога Свети Климент Охридски - Чудотворец. Тука се помоливме на Бога  и го поврзавме древното, античкото минато и новото време во кое го молевме Севишниот Бог да биде со нас Македонците и со Македонија и да ги благослови со вечност државите во кои Македонците од Беломорска Македонија најдоја свое пребивалиште и свиле нови гнезда на тие демократски  и нови простори.

                                   

Браќа и сестри во Господа,

 

Со длабока почит кон сите Вас и со неизмерни братољубиви архипастирски чувства на евангелска љубов, од името на Негово Блаженство, браќата архипастири и пастири на нашата Света Црква и од свое лично име Ве поздравувам, Ви пожелувам вам пријатен и радосен престој во нашата заедничка Татковина.

Денес сме собрани во овој катедрален храм за да се потсетиме на еден од многубројните грозоморни историски настани од нашата понова историја. Собрани сме и се молиме за блажен мир и покој душите на голем број нашИ блиски и роднини загинати во граѓанската војна во Егејскиот дел на Македонија.

 Во 1967 – мо Лето Господово се собравме во катедралниот храм на охридските архиепископи во древниот македонски и сесловенски Ерусалим за да ја обновиме автокефалноста на нашата Света Црква, со што ја исправивме големата нанесена неправда во 1767 година, и тоа точно по 200 години.

Воскреснавме за нов слободен и праведен црковно-духовен живот како Божји народ.  Затоа и заедничкиот пат по кој што одиме во иднината ќе ни биде од Бога благо-словен и осветлен, а плодовите бериќетни.

За жал се уште чувствуваме болка од големата и валкана нанесена неправда кога го одбележуваме 6 деценискиот егзодус на Македонците од Егејска Македонија. Иако вие живеете во различни земји, со Вашето бројно присуство на оваа јубилејна средба ја манифестриате големата патриотска љубов со што потврдувате дека Македонецот каде и да е, по сите меридијани од земјината топка,  останува секогаш Македонец.

Бог не сочува и како автокефална МП Црква и како суверена Македонија. Господ ни помогна да го сочуваме нашиот идентитет, јазик, писмо, фолкор и други културни вредности кои еден народ  го прават да биде тоа што бил, што е и што ќе треба за навек да биде.

Во овој возвишен миг, исполнет и со болни емоции, со неизмерна радост сакам да нагласам дека долгогодишното архипастирствување меѓу Вас децата бегалци од Беломорска Македонија, а сега со бели коси како и мене, во Австралија, Канада и САД, како и во други земји во моето битие остави траен печат и белег за да останам приврзан молитвено кон Вас и со душа и со срце. Заедно го подигнавме и го завиоривме аловото македонско знаме. Во споменатите демократски земји – Вашите нови татковини го повикавме во свет поход македонскиот народ. Растевме и се оформувавме заедно. Заедно на сенародниот македонско црковен Светиклиментов гердан вградувавме скапоцени камења: градевме импозантни цркви, манастири и културно-просветни центри. Оттргнувавме десетици и стотици исплашени и застранети македонски чеда, кои ги ослободивме  од канџите на духовното заробеништво на туѓите пропаганда. Заеднички се вградивме во тие духовно-национални храмови ширум светот.

Големите дела бараат големи саможртвени подвизи. Но, уште поголеми доблесни синови и ќерки на еден народ. Сите Вие, сеоддајните чеда на нашата Света Црква, за мене лично, преставувате вистинско олицетворение на такви горди македонски синови и ќерки. Затоа нека се од Бога вечно благословени и преблагословени имињата на сите македонски градители, создатели, чувари и раководители на македонските светилиштан во земјите каде што создадовте нови огништа.

Во оваа пригода архипастирски порачувам да го чуваме црковно националното единство. Само во силното единство и преданоста во исполнувањето на светите пораки на нашата мајка Црква, ќе ја сочуваме вечноста на македонскиот род и пород и опстојот на родна и мила Македонија. Кавгите и делбите носат само сиромаштија и болести.

            Молитвено се поклонуваме, со најголем пиетет, пред сите наши упокоени браќа и сестри. Се поклонуваме пред нивната саможртвеност, за сочувување на честа, гордоста и славата на македонскиот народ. Се поклонуваме кон сите оние доблесни македонски синови и ќерки, кои кога требаше умееја еднаш херојски да умрат за Македонија за вечно да живеат овенчани со ореолот на вечна чест и  слава и горе на небото и овде на земјата, длабоко внедрени во душите и срцата на македонските поколенија.

            Од Бога сме создадени како народ да твориме епохални дела по примерот на нашите предшественици. Та, она што е создадено од Бога да живее ќе живее и ќе твори се додека векот векува и светот светува. И ние за да не се посрамиме, немаме друга алтернативе освен, заеднички да се потрудиме да живееме за честа на својот народ, својата црква и за својата Татковина.

            Бог да ги прости нашите драги упокоени и да им дарува царство небесно. А сите ние сме должни да ги носиме длабоко во вечен незаборав.

            Господи нека е благословено Твоето име од сега и за навек за и ние да векуваме и како македонски народ и како Македонска суверена држава и како автокефална Црква со апостолско приемство. А М И Н !   

 

 

Скопје, 19.јули 2008 година