Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Панихида на Карпалак (08.08.2008)

На 08 август (во петокот) на денот посветен во чест и спомен на светата Параскева Римска, на автопатот на релација Тетово - Скопје на месноста Карпалак им беше оддадена почит на загинатоте бранители на Р. Македонија во виорот на наметнатата војна во 2001 година. По тој повод од името на Македонската Православна Црква панихида за покој на душите на загинатите бранители отслужи Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил, во сослужение на повеќе свештенослужители од Тетовското архиерејско намесништво.

По повод одбележувањето на 7-годишнината од овој трагичен настан, на Карпалак присуствуваше и министерот за транспорт и врски г. Миле Јанакиески и други претставници од Владата на Р. Македонија, претставници на АРМ, на Министерството за одбрана предводена од командантот на здружената оперативна команда на АРМ генерал – мајор Зоран Димов, тогашниот министер за внатрешни работи г. Љубе Бошкоски, претседателот на Светскиот македонски конгрес г. Тодор Петров,  претставници од македонските иселеници на чело со г. Тврдомир Стамески и г. Нестор Огимар, претставници на здружението на македонските бранители „Достоинство“, роднините на загинатите македонски бранители и оние кио што го преживеале овој трагичен настан, како и голем број почитувачи на ликот и делото на овие големи македонски синови. Сите тие во знак на длабока почит положија свежо цвеже на местото каде што македонските бранители ги положија своите млади животи за да ја одбранат слободата, суверенитетот и територијалниот интегритет на својата татковина Р. Македоноија.

Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко - кумановски г. Кирил, во своето обраќање кон присутните по повод седум годишнината од овој трагичен настан ја одржа следната заупокоена беседа:

 

„Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!

 

Еден вдахновен мислител ќе порача:

ТИЕ ШТО НЕ УМЕАТ СО НАЈГОЛЕМА ПОЧИТ ДА СЕ ОДНЕСУВААТ КОН ДОБЛЕСНИТЕ СИНОВИ И ЌЕРКИ КОИ ГО ДАРУВАЛЕ ЖИВОТОТ НА ТАТКОВИНАТА, ТИЕ ЛУЃЕ – ТОЈ НАРОД НЕ УМЕЕ ДОСТОЈНО ДА СЕ ОДНЕСУВА И ПРЕМА ПРЕЖИВЕАНИТЕ БОРЦИ, И ПРЕМА СВОИТЕ АКТИВНИ БРАНИТЕЛИ, ПА ДУРИ И ПРЕМА СВОЈОТ НАРОД!

Навистина, има настани и одбележувања кои носат тага, заради болката непреболна, заради солзите недолеани и плачот неутешлив.

Трагичниот настан, од валканите воени дејствија во 2001 година, е време и настан кои не можеме да ги преболиме, бидејќи раните се длабоки и тешко можеме да најдеме мелем за да ги ублажиме болките зададени врз душите и срцата на Вас нивните најмили и најблиски.

Македонската Православна Црква била секогаш, и ќе биде, со својот народ за навек и во радостите и во жалостите. Затоа, еве не и денес, на оваа уште една македонска голгота, заедно со Вас, на молитвено духовно бдеење, за покој и вечен блажен мир на душите на десетте загинати македонски бранители.

Болката останува, годините минуваат, а и денес на сè уште разбрануваниот Балкан, некои од нашите вековни душмани не мируваат. Целта им е да збришат сè што е наше светомакедонско. Па, грев ли е што сме Македонци?! Што сме чеда на нашата Света МПЦ?! Што сме сеоддајни чеда на Македонија?! Господи! Опрости им зашто навистина не знаат што прават иако пропагираат, со полни усти, демократија.

Меѓутоа, ние Македонците, немаме друга алтернатива, освен збиени окулу стожерот на нашата суверена Македонија и на нашата Света Црква да опстоиме и да ја сочуваме честа, гордоста и достоинството на македонскиот род и пород, на суверена Македонија и автокефалниот статус на нашата МПЦ.

Затоа, и ова наше денешно заупокоено молитвено среќавање, на местото каде што беше пролеана маченичка крв на десет доблесни македонски синови, нека претставува наш апел да се закопа секирата на раздор таа не само да рѓоса ами целосно да изгние. Нека оваа наша порака биде глас на нашата совест за достоинствено и мирно живеење заедно со сите, на од Бога благословеното тло од родна и мила Македонија.

Денес, молејќи се усрдно за покој на душите, за покосените млади животи, длабоко се поклонуваме со најголема побожност кон нивните ликови и нивното саможртвено сенародно свето дело дарувано на Татковината.

Усрдно просиме, милостивиот Господ, нивните маченички души да ги насели во Рајските предели, да ги прибере во небесната Црква Христова и да ги причисли заедно со душите на сите македонски борци и поборници кои умееја еднаш херојски да умрат за вечно да живеат, овенчани со ореолот на славата!

Господ, дарителот на сѐ, изворот на правдата нека ни подари утеха за да ја надминеме тешката болка. Господ да ни подари мудрост, сили и трпение за да издржиме во бранењето на вистината и правдата за Македонија! Да продолжиме да се молиме и да ветиме и пред Бога и пред саможртвуваните Македонци дека нема никогаш да ги заборавиме ами дека длабоко ќе ги носиме во вечен незаборав. Сите да бидеме горди што ги имавме!

Не смее никогаш да ни се случи да заборавиме на загинатите бранители бидејќи со тоа ќе заборавиме и на преживеаните и на нашите активни бранители. Бранителите од редовите на македонската армија и полиција, претставуваат наши телесни ангели чувари – будни чувари на татковината и на својот народ. Ќе заборавиме и на себеси. Ќе заборавиме и на идните македонски рожби – на идниот македонски род и пород.

Светата маченичка Параскева нека се застапува пред Бог Господ да нѐ чува од секакво зло!

Божјиот благослов да нѐ следи во сите денови од нашиот живот!

Дај Боже, дај Боже, да живееме во мир, слога и благосостојба!

Бог да ги прости загинатите горди бранители! Нам, на живите нека ни дарува милост и правдина за вечно да го чуваме и зачуваме споменот за нив и да ја одбраниме честа, достоинството и вечноста на Македонија!

Нека им биде вечен споменот! АМИН!“

 

На крајот од името на македонските иселеници, на семејствата на загинатите македонски бранители, како и на оние кои што го преживеале овој трагичен настан, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил им подари по една осветена икона со ликот на Пресвета Мајка Богородица како донација од македонските печалбари Велко Ѓуриќ од Австралија и Тврдомир Стамески од САД.

Оваа година роднините на загинатите македонски бранители како и оние кои што го преживеале овој трагичен настан, го посетија и легендарниот Лешочки манастир, каде што со запалени свеќи, заедно со почитуваниот дедо Владика, се помолија за покој на душите на свиоте загинати најблиски и за сите порано загинати на олтарот за слобода на Македонија, како и за здравје и спасение на свиоте благочестиви семејства и за сиот македонски род.

Во Лешочкиот манастир за сите присутни беше приредена пригодна посна трпеза за покој на душите на загинатите храбри македонски синови, која што на своја иницијатива ја донираше г. Тврдомир Стамески од тетовското – подгорско село Одри, кој неколку децении живее во космополитскиот град Детроит во демократските Соединети Американски Држави.

    Роднините на загинатите македонски бранители како и оние кои го преживеаа овој трагичен настан во 2001 година, во Лешочкиот манастир ја посетија и спомен собата на игуменот Кирил Пејчиновиќ, како и постојаната изложбена поставка со теми од историското минато на манастирот.

            Имињата на десетте храбри македонски синови припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот во Прилеп се: Нане Наумовски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Горан Миноски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Пеце Секулоски и Веби Рушидоски.

            Нека им е вечна слава и вечен спомен!

 

                   

 

                                                    

 

                    

 

                    

 

                      

                                        

Подготвил: свештеник Жарко Мицковски, професор