Чествување на празникот Успение на Пресвета Богородица во Лешочкиот (28.08.2008)
Во четвртокот на 28. 08. 2008 лето Господово во Лешочкиот манастир „Пресвета Богородица“ и „Свети Атанасиј“ беше чествуван празникот Успение на Пресвета Богородица. Чествувањата во спомен на Успението на Мајката Божја започнаа уште на 27 август во попладневните часови со служење на празнична вечерна богослужба од страна на свештениците од Тетовското и од Гостиварското архиерејско намесништво.
Чествувањата по повод патрониот празник на Лешочкиот манастир веќе четиринаесет пати по ред се збогатени и со богата културно уметничка програма, бидејќи во рамките на празнувањето на празникот кај народот наречан уште Голема Богородица, во Лешок на 27 август во вечерните часови се одржува и традиционалниот Тетовски Фолк Фест. Оваа година генерален покровител на Тетовски Фолк Фест 2008 беше г. Трајко Велјаноски, претседателот на Собранието на Р. Македонија, кој беше присутен за време на одржувањето на фестивалот и на самиот негов почеток и се обрати на многубројната публика. Годинава во лешочкиот манастир како поклоник и гостин беше присутна и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Овогодишното одржување на фолклорната манифестација Тетовски Фолк Фест четиринаесетти по ред, во рамките на чествувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица во комплексот на легендарниот и опеан Лешочки манастир за отворено го прогласи старешината на манастирот протоереј – ставрофор Димитрије Крстески кој во своето воведно обраќање кон многубројната публика меѓу другото рече:
„Почитуван претседателе на Собранието на Р. Македокија, почитувани министри во Владата на Р. Македонија, почитувани господа пратеници, почитуван господине градоначалник на Општина Теарце, почитувани естрадни уметници и драги браќа и сестри!
Дозволете ми да Ви посакам пријатно добредојде во оваа наша света обите. Досволете ми исто така да ја изразам својата благодарност кон организациониот Одбор и директорот на тетовскиот фолк фест г. Томислав Стојановски оти со одржувањето на оваа манифестација во овој манастирски комплекс ја зголемуваме патронската свеченост.
Со ангелските гласови, убавите текстови и кореографии на македонските естрадни уметници ја издигнуваме културата на повисок пиедестал. Така и ќе продолжиме, но верувам во иднина повеќе потпомогнати од Владата на Р. Македонија, од Министерството за културакако и од локалните власти. Само така може да се чекори напред во свери од европските и светските движења.
Голема, убава и света вечер, кога на молитвословијата се принесени молитви кон Бога од свештенослужителите на празничната вечерна богослужба за мир, благосостојба, единство помеѓу македонците и со сите кои живеат во Р. Македонија, за прогрес на саканата ни татковина и нашата веќе 50 години возобновена стародревна Охридска архиепископија во лицето на Македонската православна црква.
Напредокот и развојот се можни само ако како апостолска земја и Црква со апостолско преемство живееме по апостолските упатства кои се продолжувачи на Христовата плодотворна наука врз која нема менливост и минливост. Тоа во нашата држава и црква ќе се потврди и сега со внесувањето на веронауката во образовниот систем.
Така живеејќи со Христовата наука и евангелската љубов која зрачи во секој верник, од Бога ќе имаме благосостојба, ќе ни се зголемува љубовта кон сите чеда Божји без разлика на етничката и друга припадност, ќе имаме милост од Бога и многу даренија кои доаѓаат одозгора.
Во тоа име Ви посакувам да се чувствувате како свои меѓу своите.
Нека е благословена оваа света вечер. Нека се благоловени организаторите и сите учесници на ова патронско одбележување, со слава, чест и благодарност кон Пресвета Богородица, Свети Атанасиј и кон Бога. Амин!“
Тетовскиот Фолк Фест е културна манифестација на која се интерпетираат песни од чалгаџиски, печалдарски и љубовен карактер и е од национално значење па затоа редовно дирекно до пошироката публика во земјава и странство ја емитуваат сите македонски медиуми како и МРТВ.
Во тетовскиот крај кај луѓето, а посебно кај младите постои една дамнешна традиција на овој празничен ден во пресрет на празникот со шатори и кампови да преспиваат во кругот на манастирот и на тој начин да го дочекаат утрешниот ден, кога се служи Света Божествена Литургија.
Оваа година Света Божествена Литургија по повод празникот Успение на Пресвета Богородица отслужија свештениците од Тетовското и од Гостиварското архиерејско намесништво. На Литургијата пееше реномираниот женски хор „Менада“ од Тетово предводени од Маестро д – р Ивица Зориќ. Празнична беседа во преполната манастирска црква одржа Архиерејскиот намесник на Тетовското архиерејско намесништво протоереј – ставрофот Мирко Станкоски кој рече:
„ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ !
Денес во целиот свет се упатуваат топли молитви пред престолот на Севишниот Бод во чест и слава на Пресвета Богородица. Бидејќи денешниот ден е ден кога Мајката Божја ја напуштила планетата чиј род Го распнал нејзиниот Син Господ Исус Христос и со душата и телото се вознела низ воздушните митарства во небесното царство, каде нејзиниот Божествен Син царува во сјајот на небесната слава.
Навистина тоа морало да биде величествен момент на средбата на Синот и Мајката, бидејќи биле привремено разделени. Гледајќи го тој настан, ангелите од радост воскликнувале.
Затоа Црквата овој денешен ден не го прогласила за ден на жалост, туку го слави како светол и радосен празник на Пресвета Богородица, најчистото и најсвето човечко суштество кое живеело на земјава.
Родена со молитва и посветена на Бога, уште како дете на тригодишна возраст Пресвета Богородица од нејзините родители била однесена во Ерусалим и била посветена во служба на Бога во Ерусалимскиот храм.
И како што првата желба на земјата и била сите земни денови да ги помине во храмот, така и последната желба и била што поскоро да премине на небото во Божјиот дом.
Пресвета Богородица после вознесението на Господ Исус Христос живеела на земјата уште неколку години, а последните денови од својот овоземен живот ги поминала кај Свети Јован Богослов, на кого на смртниот час висејќи распнат на крстот на Голгота, Господ Исус Христос му ја предал на чување. Пресвета Богородица често пати ја посетувала Елеонската гора, од каде нејзиниот Син се вознесол. Таму Пресвета Богородица му се молела на Бога сакајќи да се пресели од земјата на небото, каде што би можела да го гледа лицето на својот мил Син.
И додека се молела и се јавил светиот архангел Гавриил и и рекол дека за три дена ќе почине и и дал една рајска гранка, која требало да се носи на нејзиниот погреб. Кога го слушнала тоа Пресвета Богородица посакала уште еднаш да ги види сите апостоли кои тогаш биле на света мисија по целиот свет за да го проповедаат Евангелието. Исто така Пресвета Богородица имала желба кога ќе почине да биде погребана во Гетсиманија, каде што биле погребани и нејзините родители.
Кога се приближил часот на нејзината смрт, одеднаш надвор се слушнал силен потрес и големи облаци ја опкрижиле куќата во која била Пресвета Богородица. Во тој час, на чудесен начин се собрале сите апостоли, освен апостолот Тома. Тие влегле во собата и плачејќи ја поздравиле. Одеднаш засветлила целата соба и Господ Исус Христос со мноштво ангели и ја повикал при себе и Пресвета Богородица безболно го предала својот дух, а апостолите почнале да го целиваат мртвото тело на Мајката Божја. На погребот на Пресвета Богородица, одарот со нејзиното Пречисто тело го носеле светите апостоли, а еден светол облак за сето време ја опкруживал погребната поворка.
Но, еврејските првосвештеници од злоба сакале да ја растурат поворката и еден по име Антониј се втурнал кон ковчегот, го фатил со рацете и сакал да го преврти, но невидливо ангелот Божји му ги отсекол рацете кои останале залепени за ковчегот. Тој тогаш заплакал и пред сите признал дека згрешил и јавно го исповедал Господа Исуса Христа дека е вистински Син Божји. Тој ги прислонол рацете и во истиот момент двете раце се соединиле како воопшто да не биле отсечени и многумина од евреите гледајќи го ова чудо ја примиле христијанската вера.
Пресвета Богородица потоа ја погребале во Гетсиманија, а апостолите тука останале три дена. Светиот апостол Тома не бил присутен за време на погребот и дошол дури на третиот ден. Тој кога слушнал за жалната вест многу се растажил и ги замолил апостолите да го отворат нејзиниот гроб, да го види мртвото тело на Мајката Божја за да го целива. И кога го отвориле гробот на нивно големо изненадување таму не го нашле телото на Пресвета Богородица туку го нашле само покривалото. Но во истата ноќ апостолите ја виделе Пресвета Богородица како стои на облаците со мноштво ангели и им рекла: Радувајтесе, јас сум со вас во сите дни !“. Светите апостоли исполнети со неискажлива радост, наместо вообичаената молитва извикале:„ Пресвета Богородице помагај ни !“. Со тоа тие разбрале дека Пресвета Богородица воскреснала во третиот ден и со телото била вознесена на небото.
Не се знае точно колку години имала Пресвета Богородица во времето на своето Успение, но постои мислење дека дека таа тогаш имала повеќе од шеесет години.
Подоцна над гробницата во која било погребано телото на Пресвета Богородица е изградена црква во нејзина чест, а денот на нејзиното Успение се чествува како еден од дванаесетте најголеми празници во Црквата Христова.
Затоа ние денес ја славиме Мајката Божја, бидејќи таа е силна помошничка на нашето спасение.
Затоа да се помолиме на Пресвета Богородица да биде со нас и да не води по вистинскиот христијански пат и да ги искажеме пред неа сите наши потреби и да ја молиме за прошка на нашите прегрешенија.
Господ Бог и Пресвета Богородица нека ги умножат и преумножат добрините во светот и во него да царува мирот кој денес ни е најпотребен. АМИН!“
Забележителен е фактот што Лешочкиот манастир кој има долга традиција секоја година го посетуваат се поголем број на православни верници како од целата наша татковина, така и наши иселеници од дијаспората. Секоја година во Лешочкиот манастир пред храмовните врати се разминуваат реки од верници кои чекаат во ред за да запалат свеќи за здравје во црквите „ Пресвета Богородица “ и „ Свети Атанасиј “ како и да добијат помазание со осветено масло од кандилцето на Мајката Божја, која е секогаш не дарува со милост и љубов и не закрилува под нејзиниот свет и спасоносен омофор.
Мислам дека оној кој еднаш го посетил Лешочкиот манастир посебно на 27 и на 28 август на денот на Усрение на Пресвета Богородица, нема да остане рамнодушен и следната година да го стори истото заедно со своите најмили и најсакани. Следната година Лешочкиот манастир посететего и Вие почитувани и убеден сум дека ќе се сложите со мене.
Подготвил:
свештеник Жарко Мицковски, професор