На денот на преподобен Пимен Велики (09.09.2008)
Денес, кога Светата Црква го празнува споменот на преподобен Пимен, на светиот маченик Фануриј и на светиот Пимен Посник, 09.09.2008 година, Митрополитот Европски г. Пимен, во сослужение со парохискиот свештеник во МПЦО „Св.Наум Охридски“ – Малме, протоереј-ставрофор Блажо Кожарски, парохискиот свештеник во МПЦО „СВ.Кирил и Методиј“ – Гетеборг Протоереј-ставрофор Евтин Велкоски и ѓаконот Илија Спасевски отслужи Света Литургија во соборниот храм посветен на свети Наум Охридски во Малме, Шведска.
На крајот од Светата Литургија Митрополитот се обрати кон присутниот народ. Денешното евангелие за блаженствата го протолкува како пример за христијанско живеење во секој век од развојот на Црквата Божја и во примерот на мачеништвото на светиот Фануриј, и во монашките подвизи на светиот Пимен Велики, но и наш пример во денешно време.
По Светата Литургија во просториите на Црковната општина беше поставена трпеза по повод имениот ден на на Митрополитот г. Пимен.
Од името на свештенството и верниците на МПЕ за Европа имениот ден на Митрополитот му го честита протоереј-ставрофор Блажо Кожарски.
За многу години, Владико свет!