Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Успение на Пресвета Богородица (11.09.2008)

Торжественото празнување на патрониот празник на Крива Паланка започна во предвечерието на 27 август, кога Православната црква го празнува споменот на Успението на Пресветата Богородица!

На вечерната богослужба покрај клирот на кривопаланечкото архиерејско намесништво, актвиво учество зема и правоверниот православен македонски народ.

Утредента, односно на 28 август на Литургијата на светиот Јован Златоуст, по возгласот Со страв Божји вера и љубов пристапете многубројниот верен народ по завршувањето на  Богородичниот пост, пристапи кон причестување со чесните тело и крв Христови.

Целиот ден овој манастир беше полн со поклоници од нашата мила и родна Македонија, но и од странство, кои  беа дојдени во оваа вековно светилиште само со една цел, да се поклонат пред светите мошти на преподобниот и богоносен отец наш Јоаким Осоговски и да испросат од Бога прошка на гревовите, здравје, исцеление и спасение на своите души!

Приквечерината, на покана на нашиот Митрополит Полошко-кумановски г-дин Кирил,  на вечерната богослужба учество  зема Повардарскиот митрополит г-дин Агатангел и неколку монахињи од скопската еперхија.(слики)

Митрополитот Агатангел во својата проповед по завршувањето на вечерната богослужба го истакна следново:

Бог благоволи денеска јас недостојниот да бидам со вас и заедно со вас да се молам Господ да ја слушне нашата молитва, преку оној кој сиот свој живот го посвети на Бога, оној кој се оддалечи од светот, оној кој дојде во овие пусти краишта во сиромаштија, во беда и во отсуство на секое земно задоволство!

Драги мои, неговото срце беше исполнето со радост и љубов во вистинскиот Спасител и Бог, Господ Исус Христос. Неговата душа беше исполнета со радост во Оној кој вели дојдете сите    обременети и онеспокоени кон мене и Јас ќе ве одморам! И навистина ние луѓето во ова современо живеење треба да појдеме кон Бога и да застанеме пред Неговиот лик со чисто срце и да кажеме: Господи, помогни ми!

Оние кои што ја читаат теолошката литература и Светото Евангелие сретнуваат многу примери на натажени души како го повикуваат Бога, Кој секогаш им го поставува прашањето Дали верувате дека јас можам да ви помогнам? Сите оние кои поверуваа беа излечени и спасени!

Драги мои, денеска се собравме да побараме од светиот Јоаким Осоговски да ги принесе нашите молитви од длабочините на нашата душа кон севишниот Спасител Господ Исус Христос!

На душата и е потребен лекар, како што и е потребно и на телото, но во денешно време на душата и е потребно повеќе лекар отколку на телото, затоа што страдањата и душевните тегоби доаѓаат и телесните болести. Затоа Светета црква не повикува за тие болести да дојдеме и да припаднеме пред гробот на оној кој преку својата чиста вера исполнета со љубов и надеж во царството небесно не исполнува и нас преку чудестата кои се случуваат во ова света осоговска обител!

Мнозина наши предци и роднини го пронашле лекот пред гробот на оној кому ние денес му се поклонуваме и го молиме.

Бог, Кој е сезнаен, Кој се гледа и се слуша не донесе денеска да се поклониме и да се помолиме на преподобниот Јоаким, преку него Бог да ги услиша нашите молитви и да ни подаде сé што ќе побараме.

Благодатта, љубовта, вистината и правдата Божја нека биде во вашите срца, души, домови и семејства, во вашиот град и во ова света обител!

Преподобниот отец наш Јоаким да му подаде крепко здравје на нашиот сакан митрополит Полошко-куманосвки, господин Кирил, но и здравје, спасение, мир и благосостојба во нашата мила и сакана Република Македонија!“

И по завршувањето на вечерната богослужба, манастирот беше исполнет со многубројниот народ, кој и покрај дождот доаѓаше во голем број.

Утредента, односно на 29 август, громогласното биење на камбаните на обновената камбанарија го најавија доаѓањето на Неговото Високопреосвештенство, господинот Агатангел, кој во присуство на дел од клирот на Полошко-кумановската епархија, ја отслужи Божествената литургија на светиот Јован Златоуст!

Во својата проповед митрополитот Агатангел го истакна следново:

„Денес не повика преподобниот отец да дојдеме и да се поклониме на неговиот гроб. Да пристапиме со молитва и со смирено срце кон него, да дојдеме и да побараме проштевање за нашите гревови. Тој го остави овој свет и замина во пустињата помеѓу животните, ветровите, дождовите и снеговите и целиот свој живот го посвети на нашиот Гопод и Бог Исус Хрситос. Постојано неговото срце беше во молитва и го повикуваше Господа. Постојано тоа копнееше да се соедини со Создателот Кој беше во утробата на Пресветата Дева Марија, за да ни го покаже како Бог, за нас Човек и тоа Богочовек, Кого Богородица го носеше во својата утроба и ни го предаде за да можеме преку него да се спасиме и да го добиеме царството небесно.

Македонската православна црква ни препорачува своите срца да ги учиме да го љубат Бога и да ги очистиме и соединиме кон Христа Бога, бидејќи сето зло кое произлегува во светот произлегува од нечистотијата на нашето срце, немање љубов и страв кон Бога, неисполнување на евангелските начала и Божјите заповеди, но и од живеењето во свет во кој не знаеме што се случува со целото наше битие, па затоа Христос и Црквата не повикуваат да дојдеме кон нив и да го најдеме својот одмор и својата утеха.

Во денешното време совеста е најголем непријател на на човекот бидејќи гордостта не му дава на човекот да ја очисти својата совест. Има луѓе кои лекуваат со нечиста совест и тоа ги прогонува со денови, месеци, години, но гордостта не им дава да дојдат пред Христовиот лик и да се исповедаат  за своите гревови ко цар Давид, Бог да им ги прости сите знајни и незнајни гревови! Ако ние така постапуваме и се однесуваме во храмот (како цар Давид), Бог кој сé знае и сé гледа ќе ни прости и ќе го слушне гласот на нашите срца. Затоа Црквата не повикува постојано да се дружиме и да обрнеме внимание на молитвата, која е нашата врска со Бога, да се осветиме, ослободиме и очистиме. Затоа дојдете да се поклониме пред гробот на оној кој својот живот го посвети на Спасителот и Бог Господ Исус Христос, а тоа е нашиот свети Јоаким Осоговски.

Нека молитвите на преподобниот Јоаким Бог ги услуша и прими, при тоа подарувајќи ни здравје, љубов, Божја благодат, добрина, вистина и правда кои ќе бидат постојано со сите вас, во вашите правоверни домови и во нашата мила и убава Македонија!“

По завршувањето на богослужбата беше отслужен мал водосвет, пресечен славскиот колач, по кој во конаците на манастирот беше приредена братско-сестринска трпеза на љубовта.

Манастирот за време на празникот беше посетен од најмалку 30.000 луѓе!

 

                    

 

                                                 

 

                    

 

 

известува: ѓакон Александар Смиљк