Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Сеноќно бдение во манастирот во Рајчица (16.10.2008)

ПразнувајЌи го настанот кога Пресветата наша Владичица му се појави на православниот народ во Влахернската црква закрилувајќи го со Својот омофор, сестрите и многубројните верници со сеноќно бдение го одбележаа и споменот на големиот светител Божји, Јован Кукузел, зашто подобно беше низ духовни песнопенија и молитви да се прослави оној кој целиот свој живот Му пеел на Бога и на Неговата Пресвета Мајка.

Преподобниот Јован се родил во нашите краишта во близина на Дебар. По потекло бил славјанин, а сираче по татко. Мајка му како благочестива и богољубива, го дала да го изучува Светото Писмо и светото духовно образование. Имал прекрасен глас и посебен музички дар, па затоа сите го нарекувале ангелогласен. Заради тој дар даден од Бога, св. Јован, станал познат композитор во Константинопол и миленик на царот. Но, хранет од Евангелието, тој ја презрел целата таа светска слава и силно засакувајќи Го Христа, решил да се смири и целиот свој живот да го помине во манастир пеејќи Му само на Бога.

Зборувајќи во својата проповед до присутните верници, архимандрит Партениј, го нагласи токму смирението како најголема доблест на св. Јован кое му овозможило не само да Му пее на Бога туку и да Го гледа, зашто да се пее од срце значи и да го гледаш оној кому му пееш. Св. Јован се потрудил да се смири до крајна мера, така што од познат и славен композитор, се смирил до обичен пастир на манастирските стада. Но Богородица не сакала тој извор на премудроста, таа труба на Божјата благодат да остане сокриена, туку му го вратила првичното достоинство и го прославила како псалт кој составил многу псалми и го реформирал византиското црковно пеење и нотното писмо.

„Така“, продолжи о. Партениј, „треба и ние сите да се смируваме за да можеме да Му пееме на Бога како што е напишано во псалмите - ќе Му пеам на мојот Бог сѐ додека постојам. Што значи вечно ќе Му пеам. Доколку започнеме навистина да Го бараме Господа во своите срца и да Му пееме, тогаш ќе Му пееме и во идниот живот, во вечноста заедно со сите светии. Да Ја молиме Пресветата Богородица со Својот омофор да го закрилува нашиот народ, а нам да ни дарува силна вера и љубов за да можеме достојно да Му пееме на Бога како св. Јован Кукузел, сѐ додека постоиме. Амин!”

Присутните со голема радост се поклонија и на моштите од св. Јован Кукузел кои во манастирот пристигнаа на многу необичен начин. Имено, овие мошти кои потекнуват од Големата Лавра на Света Гора, се подарок од старецот на манастирот на Свето Преображение во Бостон, токму поради големиот впечаток што на неговите монахињи им го остави бдението во чест на св. Јован Кукузел во 2006 год.

 

                               

 

                                

 

      

 

                                                 

 

                                                    

 

                                                    

 

                            

 

                             

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Известуваат: сестрите од манастирот во Рајчица