Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Осоговски манастир, Крива Паланка (08.11.2008)

На 08.11.2008 година, на денот посветен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил отслужи Божествена Литургија во кривопаланечката градска црква посветена на св. Димитриј, заедно со свештенството од Крива Паланка.

Во преполнетиот храм, пред насобраните верници Митрополитот Кирил произнесе кратка беседа за закрилникот и молитвеникот пред Бога, великомаченикот Димитриј, а потоа напомна дека оваа година се навршени 50 години од одржувањето на Вториот црковно-народен собор во Охрид, на кој е донесена одлука за возобновување на Охридската архиепископија, за да во 1967 година, со одлука на Светиот Архиерејски Синод, потврена од Црковно-народен Собор, биде повратена духовната слобода на нашиот правоверен македонски народ и правото на потполно црковно живеење.

По одржаната Литургија, во дворот на црквата се изврши водосвет, а потоа беа пресечени славските колачи.

Во манастирот на св. Јоаким Осоговски, пак, настан значаен за паметење. Митрополитот Кирил, заедно со свештенството и верниот народ, се упатија во Манастирот. Таму, од страна на Митрополитот Кирил беше осветена новоизградената крстилница, посветена на споменот на Рождество на Пресвета Богородица, и целосно возобновената камбанарија. Крстилницата и камбанаријата се изградени од ист камен, како што е ѕидана и Големата манастирска црква, така што гледано од страна изгледаат како едно тело. Камбанаријата има приземје со три ката. Завршува со осмострана купола, покриена со бакар. Крстилницата во основа е со правоаголна форма, на исток има полукружна апсида, а петата фасада е полукружен свод со осмострана купола.  Под крстилницата има просторија за дневен престој, а под неа е котларата за топловодно затолпување на овие објекти. Целата градба делува импозантно, а и како што напомена Митрополитот Кирил „ова е единствена крстилница од ваков вид на просторот на библиска Македонија“ .

И, како што е ред, веднаш потоа, во новата крстилница, Митрополитот Кирил, изврши Света Тајна Крштение и Света Тајна Миропомазание на новороденчето Теодор Смиљков.

 

 

                         

 

                                                            

 

       

 

             

 

 

Подготвил: о. Александар