Промоција на книгата „40 поклоненија пред гробот на Свети Кирил Философ во Рим“ (18.11.2008)
На 18.11.2008 година во Центарот за култура „Трајко Прокопиев” во Куманово, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан придружуван од надлежниот eпархиски Архиереј Митрополит г. Кирил изврши промоција на книгата „40 поклоненија пред гробот на Св. Кирил Философ во Рим“, од авторите Вера Стојчевска-Антиќ, Славе Николовски-Катин и Епископ Климент. Пред собраните кумановчани Архиепископот г.г. Стефан меѓу другото рече: „Како дел од годинешнава конверзација во чест на свети Кирил, свое место најде и книгава што е пред нас со наслов „40 поклоненија пред гробот на Св. Кирил Философ во Рим“. И еве за истава книга интерес покажа и „Домот на културата“ во Куманово, па ни даде можност за неа вечерва накратко и пред вас да говориме. Всушност, самиот наслов ни ја открива содржината на делото. Во него се поместени информации за посебни посети на државните и црковните делегации на гробот на сесловенскиот просветител Кирил во Рим од далечната 1969 година, па сѐ до оваа 2008 година. Манифестацијата почнала во 1969 година кога во Македонија и меѓу словенските народи се одбележале 1100 години од упокојувањето на свети Кирил. Од таа јубилејна година, кога црковно-државната делегација отишла првпат официјално да се поклони пред големиот просветител и рамноапостол, па сѐ до оваа 40-та по ред, дошле многу претставници на државната власт, на просветните институции, како и многу делегирани претставници на Светиот Македонски Синод на Македонската Православна Црква за да искажат во име на македонскиот народ достојна почит и искрена благодарност за големото дело на рамноапостолот од Солун. Од 1970 до 1978 година манифестацијата се именувала како „Денови на македонската култура во Рим”. Потоа сѐ до 1991 година, всушност до распаѓањето на домашната држава, преименувана е во „Југославија во чест на св. Кирил”, а оттогаш па сѐ до денес чествувањето го носи поранешното име „Денови на македонската култура во Рим”. Авторите на книгата многу внимателно се погрижиле најпрво да поднесат неколку, поточно 6 текстови во кои детално се зборува за личностите на светите браќа, за нивните мисии и дела, како и за нивниото почитување меѓу македонскиот народ. Потоа, хронолошки се опишани сите поклоненија со информации за тоа кои личности ги составувале делагциите на Црквата и државата, каде и од кого биле примени делегатите во Ватикан и Рим, како и тоа со какви придружни манифестации биле пропратени чествувањата. Наоѓајќи се тогаш таму во градот кон кој водат сите патишта, како што милуваат Италијанците да речат за Рим, си велев, па и вечерва го мислам истото, дали сме свесни што ќе речел св. Кирил и за неговото патување од Солун преку Цариград до Молдавија, ако патот не го однесеше во Рим. И не само тој, туку и неговиот брат и неговите уценици. Што ќе останеше од нивното дело и од нивната мисија ако Бог не промислил да отидат токму таму. Затоа прелистувајќи ја оваа книга се потсетив на зборови од светиот апостол Павле упатени до некогашните лидери каде им вели: Колку се неиспитани Божјите патишта, додавајќи дека секое наше патување е по волјата Божја, па и она последното. Има многу теми за кои е потребно да размислуваме особено за тоа зошто токму така, зошто токму тогаш, зошто токму таму се случува нешто на некои личности особено значајни за еден народ, па и пошироко. И нема да најдеме одговор освен дека таква била волјата Божја. Но еве во овој свет базиликата на св. Климент епископот Римски, за кој да потсетам дека настрадал маченички, а чии мошти светиот Кирил ги нашол во Црното Море кај Крстон и ги донесол во Рим, повеќе од 11 столетија, ќе речам, е богодарувано пристаниште за македонскиот народ, за словенските и за сите народи што го почитуваат неговото возвишено дело. Овој Светикирилов гроб на македонската држава и Црква, благодарение на добрата волја и љубезноста на ватиканските власти и институции е повеќе од отворен прозорец кон светот, и ќе речам за верните луѓе свет патоказ кон небесните и тајните вредности. Гробот на свети Кирил бил и останува отворено послание и потсетник дека светото дело ќе постои како вечно запалено кандило пред Бога и пред даровите, како светило што нѐ осветлува пред Светиот без оглед на временската и просторната дистанца. Ние во име на македонскиот народ и на Македонската Православна Црква на св. Кирил досега организирано сме му отишле на поклонение 40 пати, а верувам дека ќе одиме и понатаму и заради него, но уште повеќе ќе одиме заради нас. Ќе одиме со Божја помош уште барем 40 пати и уште 40 по 40 пати. Ќе одиме на поклонение вечно! Впрочем поклонението пред светиите е поклонение и пред Бога! Ви благодарам за вниманието!“
Известува: свештеник Жико Тодоровски