Осветување на плоча со текстот од молитвата „Оче наш“ на македонски јазик (14.12.2008)
Поглаварот на Македонската Православна Црква, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение со Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Повардарски г. Агатангел и други свештенослужители на Македонската Православна Црква, денес, во Ерусалим изврши осветување на плоча со текстот од молитвата ,,Оче наш” на македонски јазик.
Во Кармелитанскиот манастир ,,Оче наш”, кој се наоѓа над Елеонската гора, досега се поставени вкупно 161 плоча со текстот од молитвата на различни јазици, а македонската е 155-та по ред. На македонски јазик, и само уште на шест други јазици, е поставен текст и за луѓе со оштетен вид.
Да се потсетиме дека овој настан се случува во годината која е прогласена за година на македонскиот јазик.
На свечениот чин присуствуваа и претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи при Владата на Република Македонија, г. Звонко Муцунски, вршителот на работи во Амбасадата на РМ во Израел, Пајо Авировиќ, како и претставници на манастирот и поклоници од Македонија.
Високата црковна делегација за време на престојот посети и се поклони на повеќе свети места во Ерусалим и други делови од светата земја и оствари неколку неофицијални средби. Во оваа прилика, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со останатите членови на делегацијата од Македонија, ја посети и новоотворената Амбасада на Р. Македонија во Тел Авив.
од Кабинетот на Архиепископот
Охридски и Македонски г.г. Стефан