Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Богослужби и посети на Митрополитот Европски г. Пимен (28.12.2008)

На 14 декември 2008 година, на денот кога Светата Црква ги празнува свети пророк Наум и свети Филарет Милостив, Митрополитот Европски г. Пимен во сослужение со парохискиот свештеник во Италија отец Михајло Матевски отслужи Света Литургија во храмот на свети Прохор Пчински - Пјаченца, Италија, и верните при оваа македонска црковна општина пристапија кон Светите Христови Тајни. Истиот ден, на покана од отец Јури од Романската Православна Црква Митрополитот Пимен присуствуваше на собир на романската заедница во Пјаченца. А, на 16 декември го посети местото Рикалдоне во близина на градот Акви Терми, каде се сретна со македонската заедница каде изврши Мал Водосвет и се разговараше за скоро одржување на часови по православна верска поука, а понатаму и богослужби во определен дел од црковната година.  

На 18 декември 2008 година, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Европски Пимен во сослужение со парохискиот свештеник во Италија отец Михајло Матевски и ѓакон Горан Стојчевски од Скопската епархија, во пресрет на празникот посветен на светиот Николај Мирликијски Чудотворец отслужи Вечерна богослужба во храмот на свети Архангел Михаил - Неиве, Италија, а на самиот ден кога Светата Црква си спомнува за светиот епископ Никола, беше отслужена Света Литургија каде верниот народ од оваа наша црковна општина во спомен на великиот Светител се причести со Светите Христови Тајни.

На 19 декември 2008 година, Митрополитот Пимен во придружба на отец Михајло и ѓакон Горан ја посети македонската црковна општина на свети Наум Охридски во Тринген, Швајцарија и отслужи Вечерна богослужба во спомен на светиот Амвросиј Милански, а на 20 декември 2008 година на Света Литургија го ракоположи во ѓаконски чин завршениот богослов Горан од Лозана, Швајцарија. Митрополитот Пимен оствари средба и со членовите на црковниот одбор од оваа наша црковна општина на која се запозна со моменталната состојба со изградбата на македонскиот православен храм на свети Наум Охридски во Тринген. На средбата се констатираше дека изградбата на храмот напредува подобро од очекувањата и упати честитки за заложбата на нашите македонски иселеници во Швајцарија за напредокот во ова заедничкото дело, беше видливо задоволството што оваа црковна општина во многу блиска иднина ќе има постојанен парохиски свештеник на кого добро ќе му бидат познати тамошните потреби. На 21 декември 2008 година, на денот на преподобен Патапиј, исто така се отслужи Света Литургија.

Во Тринген, Митрополитот Пимен се сретна и со амбасадорот на Р. Македонија во Швајцарската Конфедерација, Н.Е. господинот Јасмин Ќахил, на средбата се потврди соработката на македонската амбасада со Европската епархија при Македонската Православна Црква и се покажаа искрени намери за соработката во иднина да се продлабочи. По престојот во Италија и Швајцарија, Неговото Високопреосвештенство заминува во седиштето на епархијата во Малме и во посета на црковните општини во Шведска.

 

                                        

 

               

 

              

 

               

 

 

Известува: отец Михајло Матевски